Достапни линкови

Дневен печат


Бришењето на името на јазикот од графата на ОН, неуспесите на македонската дипломатија во спорот за името, случајот „Надеж“ - дел од темите во дневните весници.

Покрај сите проблеми со името, во изминатите денови се појави уште еден: во светската организација во графата за нашата земја беше избришано името на јазикот - македонски што ги испровоцира медиумите во земјава критички да ја коментираат надворешната политика и дипломатијата на Владата на Груевски.

Утрински го анализира кавгаџискиот манир што во последно време, како што пишува, го зафати претседателот на државата, Ѓорге Иванов, па во „Импотентната дипломатија“ - како што го насловува едиторијалот, прашува дали Иванов сега ќе ја викне на рапорт Деирдре Бојд, координаторката на ОН во Скопје, за да ја искара, и заклучува дека Иванов, Груевски и Милошоски веќе неколку години битката околу името ја водат не надвор, туку дома, по нивите, спортските сали и по тениските игралишта.

За владината политика во спорот со Грција пишува и Време, забележувајќи дека таа ниже пораз по пораз, и оти лажниот патриотизам е најопасен за името, а нашата дипломатија е сведена на одење надвор за сликање и потоа дома кажување со кого сме се сретнале и кој ни дава поддршка.


Дневник, критички информира за откажувањето на премиерот Груевски да се појави на прес-конференцијата во Европскиот парламент во Брисел и да се сретне со европските новинари, на која беа поканети сите премиери на десничарските влади во регионот и за неговото учество на собирот на европската десница каде што под неговото име стоеше референцата ФИРОМ. Со недоаѓање на пресот, Груевски испушти да ја популаризира Македонија пред новинари од сите европски земји, членки на Унијата, заклучува весникот.

Дневник, исто така, објавува коментар за владината неуспешна надворешна политика и дипломатија, правејќи паралела со споменикот на Крсте Петков Мисирков, роден, како што пишува во Пела, поставен на плоштадот Пела во Скопје, но прекриен со прашина од дупчалките кои ја градат Триумфалната капија - нема посоодветна симболика за квазибитката за македонскиот идентитет и за најголемата антикампања што ја водиме против самите себеси, коментира Дневник.

Нова Македонија го третира случајот „Надеж“ нарекувајќи ја „Килава стратегијата за одбрана на Црвенковски“, критикувајќи го лидерот на СДСМ дека отворено им се заканувал на антикорупционерите и на обвинителството.

„О, Ана, туго мојих дана!“, го употребува Вечер, насловот на познатата песна од бившите ју-простори да информира дека ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да ја разреши Ана Павловска-Данева од партиската функција, зашто го вмешала словенечкиот премиер во целата афера и со тоа, според весникот, ги влошила односите со Словенија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG