Достапни линкови

Прв албум на Марија Џез Трио


Make Someone Happy е насловен албумот на МАРИЈА ЏЕЗ ТРИО чија промоција се одржа денеска во Скопје. Се работи за дебитанско издание на џез пејачката Марија Димитиевиќ – Георгиева и нејзините соработници, зад кое како издавач застана Скопје џез фестивал.

По цели 17 години, најнапред во составот на пијанистот Симон Киселички – НАЈТ ЕНД ДЕЈ, па потем и со Петар Ренџов во МАМА БЕНД и конечно цела една декада со сопственотот трио во кое е гитаристот Јовица Јовановски и до неодамна басистот Зоран Павловски, џез пејачката Марија Димитриевиќ Георгиева, за себе знае да каже дека дури сега е на почетокот од својата кариера. Едноставно, по необроениот број свирки по ноќните клубови во земјава и настапите на фестивалите во регионов, таа го има својот деби албум на кој се забележани осум нејзини изведби на одбрани џез стандарди. Притоа дополнува дека поодамна има изградено свој стил на интерпретација, но дека најголемо влијание на неа низ времето извршиле големите џез пејачки како Дијана Ривс, Диди Бриџвотер и Ела Фицџералд.

Вели дека поголемиот дел од текстовите на класиците што се на нивниот репертоар со љубовна тематика и дека од таму произлегол и насловот на објавата.

Во реализацијата на објавата покрај Марија и гитаристот Јовановски учествувале и басистот Иван Бејков и тапанарот Александар Секуловски, а како гостин во две нумери се јавува хрватскиот трубач Џемал Цакиќ. Свесна за тоа дека тие потпишуваат некомерцијално издание џез пејачката знае да каже:

„Не сме ниту поп ниту турбо фолк бенд, ниту што се не. Ниту планирам ова ЦД да се продаде којзнае колку, нешто што ми беше најбитно е да имам своја лична карта за да можам да ја продадам и надвор од Македонија на џез фестивалите.“

Инаку, триото редовно настапува во клубовите во земјава, та затоа Марија која е вработена како инструменталист на виола во оркестарот на Македонската опера, би сакала промотивните активности за оваа објава да финишираат со еден малку поинаков концерт за љубителите на овој вид музика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG