Достапни линкови

logo-print

Македонските скијачи подготвени


Селекторот на македонската алпска скијачка репрезентација очекува подобрување на пласманот на македонските скијачи на светската ранг-листа.

Охрабрен од успешно одработените подготовки, селекторот на македонската алпска репрезентација - Иван Лесевски со оптимизам го очекува стартот на натпреварите во новата скијачка сезона. Тој со нашите двајца најдобри скијачи Антонио Ристевски и Дардан Дехари имаше двомесечни тренинзи во Македонија и на два пати десетдневни подготовки на австрискиот глечер Хинертуркс. За поволниот впечаток да биде комплетен се очекува уште последната фаза, која ќе биде одработена наредната недела, пак во Австрија. Таму ќе се финализира формата за која се вели дека во моментов е на потребното ниво. Никој не се сомнева дека така ќе биде и на почетокот на декември.

„Планирани се натпревари, тие ќе бидат во Словенија, Австрија и Италија. Годинава планираме да настапиме на околу 40 натпревари на ФИС. Сметаме дека квалитетот на натпреварувачите е добар и очекуваме многу подобри резултати“, изјави Лесевски.

Според него, акцентот сезонава ќе биде ставен на Универзијадата во Турција и на СП во Гармишпартенкирхен, каде што наши претставници ќе бидат Ристевски и Дехари, како и на младиот Европски олимписки фестивал во Чешка, за каде е планиран Марјан Нашоку.

Селекторот е убеден дека тие, на овие натпреварувања можат да се вмешаат и во борбата за медали, но она што е најзначајно е на крајот од сезоната да забележат многу подобар пласман на светската ранг листа. Таму, во моментов најдобар е Ристовски кој е 570-ти, што е наш највисок дострел досега.

„Ние не сме задоволни од сето тоа, првиот репер кон кој мораме да тежнееме е пласман меѓу 500-те најдобри на ранг листата. Во скијачкиот дел, лиценцирани натпреварувачи има преку осум илјади во светот. Пласманот меѓу првите 500 е многу добар дострел. Лично сметам дека нашиот потенцијал во моментов е и некаде меѓу првите 300“, додаде Лесевски, кој не се согласува дека нашето алпско скијање стагнира.

Според селекторот, алпијците одржуваат европско ниво и за разлика од другите македонски спортисти, високо котираат меѓу ривалите од соседните земји. Тоа го потврдуваат резултатите, кои со малку среќа може да бидат и многу подобри.

„Се надевам дека годинава ќе успееме да покажеме дека повеќе вредиме, иако и она што до сега сме покажале а на многу високо ниво, барем за македонскиот спорт“, истакна на крајот селекторот на алпската репрезентација, Иван Лесевски.
XS
SM
MD
LG