Достапни линкови

Политизација на „Ел Масри“


Повикот на Амнести интернешнал до владата да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за случајот Ел Масри, се политизира, сметаат упатените.

Македонските власти уверуваат дека редовно било постапувано по секое барање за случајот Ел Масри. Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека сите потребни информации кои од нив биле побарани во истрагата, навремено биле доставени до сите заинтересирани страни.

„Испраќани се целокупните податоци се разбира оние коишто се за јавност, до сите заинтересирани страни без разлика дали се работи за европските институции или пак меѓународни организации“, изјави Иво Котевски од МВР.

Повикот со кој Амнести интернешнл ја повикува македонската влада да ги изведе пред лицето на правдата сите кои се сметаат за одговорни за случајот Ел Масри добива политичка димензија, велат упатените во оваа област. Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права, објаснува дека за овој случај допрва ќе се води постапка пред судот и тој ќе одлучи дали навистина имало повреда на човековите права.

Маргарита Цаца Николовска

„Советот на Европа сега преку парламентот практично постапува во политичката димензија, бара од владата на Македонија да направи такви чекори, ако не е покрената некоја кривична постапка, ако има простор за покренување на кривична постапка да ја покрене, ако има простор за преземање на некои други активности во делот на испитување во делот на истрага да се утврдува како се случил тој случај итн.“

Доколку судот утврди дека постои повреда на некое право, тогаш државата е обврзана да презентира како ќе ја изврши донесената одлука и како ќе бидат казнети одговорните лица, вели Николовска:

„Нормално е да државата презентира нови активности кои што ќе бидат на таа линија, фактички да утврди како се случил настанот, а по таквото утврдување ќе види кој е одговорен.“

Во најновиот извештај на Амнести интернешнл, македонските власти се обвинети за помагање при незаконско затворање, лош третман и понатамошно пренесување во Авганистан на германскиот државјанин Калед Ел Масри, кој беше уапсен на македонско-српската граница во 2003 година и 23 дена држен во хотел во Скопје, пред да им биде предаден на американските власти. Ова е прв случај кој ќе биде разгледуван од страна на Европскиот суд за човекови права, а кој се однесува на земја членка на Советот на Европа обвинета за вмешаност во програмите на ЦИА.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG