Достапни линкови

Неделен печат


Весници, неделници, магазини...

Весници, неделници, магазини...

Лустрацијата, исчезнувањето на тендерската документација за ,,Скопје 2014", состојбата во медиумите, теми во неделните печатени изданија.


Ревизија на историјата

Во,,Глобус,, повторно долга анализа на македонското политичко совремје: Ревизија на историјата или историска ревизија, се двоуми главниот уредник на неделникот. Па заклучува дека живееме во време на продолжен државен удар при што лустрацијата е нов кубик дрва за кладата на македонската контрареформација. Лустрацијата ја правиме во време кога општеството тргна да се враќа во својата тоталитарна кома, откако му се стори дека искуството со демократијата не е мерка на неговиот прост карактер, смета авторот и прашува дали е можно да се спроведе лустрација на вмроизмот. Јас мислам, пишува авторот на анализата, дека демократијата се користи како медиум низ кој се инсталира десниот тоталитаризам. Во македонската интерпретација десниот тоталитаризам не е просто антидемократски систем туку, пред се' и над се', е антинационален и антидржавен, заклучува ,,Глобус,,.

Груевци и Ахметовци

За состојбите со демократијата во македонското општество по аферите со досиејата и исчезнувањето на тендерската документација за проектите од ,,Скопје 2014,, пишува и главната уредничка на ,,Фокус,,. Секогаш кога ќе се сретнете со преродбениците, сторете длабок наклон...и тиивко прднете! - е насловена, со прилагодената етиопската поговорка, анализата за состојбата кај нас, кога власта си го крепи угледот со тужби за клевета и навреда. Изминатата недела, пишува ,,Фокус,, Груевци и Ахметовци ја покажаа својата надмоќ врз своите природни и општествени противници - Црвенковски односно Тачи. Македонскиот кампус се тепаше за арамиското арчење народни пари, додека албанските противници се маваа за кодошлакот на сметка на Белград. Првата рунда ја добија ЦеКа-шите, што е нормално кога сите институции се под нивна капа. И при вакви златни институции, иронизира авторката на анализата, разбирливо е да распалат со тужби за клевета кон клетите Тачисти, безнадежните Бранковисти и душманските медиуми што воопшто се посомневале во нив. Очигледно дека рефренот од едноумието: Кој поинаку ќе каже, тој клевети и лаже, и ќе ја осети нашата тупаница... кај нас е евергрин, заклучува ,,Фокус,,.

Бедата на новинарството

За бедата на македонското новинарство пишува во уводникот главниот уредник на ,,Форум,,. Општеството е целосно исполитизирано и партизирано, а новинарството целосно се вклопи во таа шема, не успевајќи да задржи ниту минимум дигнитет и интегритет што некогаш го имаше, пишува авторот на уводникот, за да заклучи дека Македонија е неверојатен и тажен егземплар во Европа дека времето застанало во мрачните 50-ти години на минатиот век кога се водеше интензивна идеолошка пропаганда и се плашам, вели, дека наскоро ќе почне да се изучува во учебници, за тоа како во 21 век може медиумите да бидат долносани и сосема впрегнати во партиските интереси, каде што вистината и професионалноста, како критериуми, се сосема исфрлени.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG