Достапни линкови

Г 20 - Пеглање на курсните разлики


South Korea -- Heads of business pose for a family photo during a 'Green Growth' session of the G20 Business summit in Seoul, 11Nov2010

South Korea -- Heads of business pose for a family photo during a 'Green Growth' session of the G20 Business summit in Seoul, 11Nov2010

Лидерите на Групата 20 најразвиени земји во светот се согласија да се воздржат од конкурентска девалвација на сопствените валути. Во заедничката изјава на крајот од самитот на Г 20 во Сеул, лидерите се заложија за пазарно движење на меѓусебниот курс на валутите. Договорено е и да продолжат подготовките за старт на новите регулативи за глобалните банки.

Аналитичарите оценуваат дека во завршната декларација од самитот во Сеул недостигаат конкретни мерки за контрола на вредноста на валутите и оти уште многу детали ќе треба да бидат договорени на следните состаноци. Централна тема на Самитот всушност и беше “војната на валутуте”, како еден од начините на одделни земји за економско опоравување, а клучниот судир беше меѓу Соединетите Држави и Кина. Вашингтон го критикуваше Пекинг за вештачко намалување на вредноста на јуанот заради фаворизирање на извозот. Соединетите Држави беа критикувани од Кина и од други земји за пумпањето на 600 милијарди долари во домашната економија со цел да обезбедат раст. На прес конференција во Сеул, американскиот претседател Барак Обама изјави дека вредноста на јуанот е иритирачка не само за Вашингтон, туку и за многу други земји и оти овој проблем не може да биде решен преку ноќ, но изрази убеденост дека ќе биде надминат.


“Се согласивме дека курсот на валутите мора да ја рефлектира економската реалност. Исто како што најразвиените земји мора да работат врз стабилноста на валутите, така и растечките економии мора да дозволат пазарно движење на вредноста на нивните валути”.

Обама оцени дека светската економија се опоравува, но оти тој и другите лидери на најразвиените земји мора да продолжат да работат врз надминувањето на разликите околу трговијата и валутите. Според Обама, проблем е и коруопцијата.


“Се согласивме за акционен план за борба против корупцијата, која во некои земји е најголема пречка за економски прогрес”.

Инаку, лидерите на Г 20 во Сеул постигнаа согласност и за поголема улога на растечките економии во Меѓународниот Монетарен Фонд, вклучувајки ја и Кина. Меѓу другите заклучоци од Самитот се и дека мерките за битка против глобалната рецесија дале резултати, но оти ризиците и натаму постојат, како и дека некоординираните акции можат да доведат до влошување за сите. Лидерите се согласија дека банкарските регулации, Базел 3, ќе бидат целосно спроведени во 2019-та, односно, за глобалните банки ќе има построги стандарди за капиталот, ликвидноста и ризичните инвестиции. На Самитот во Сеул, лидерите ја реафирмираа и решеноста во битката против климатските промени. Самитите на Г 20 станаа главен светски економски форум од светската финансиска криза во 2008-ма година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG