Достапни линкови

Интервју - Мајкл Фриц


Мајкл Фриц
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:28 0:00

Мајкл Фриц, директор на мисијата на УСАИД во Македонија

Мора да се ослободите од работни места. Во земји со висока стапка на невработеност, тоа е многу чувствително, но некој ќе мора да ја донесе тешката одлука.

Господине Фриц, дали најпрвин можете да ни дадете преглед на главните активности на УСАИД во овој период.

Нашата стратегија се гради околу тоа Македонија да стане членка на Европската унија и НАТО и проблемите со кои земјата се соочува во тој процес, од развојна точка. Нашата програма, која во просек е 20 милиони американски долари годишно, се фокусира на три главни области: образование, која се фокусира на основно образование, развој на работната сила, малцинства и меѓуетнички односи. Понатаму, имаме програма за демократија и владеење која се фокусира на децентрализација и неколку работи кои директно се врзани за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Исто така работиме со судството, со фокус на спроведувањето на судските процеси. Работевме и со граѓанското општество и има опсег на повеќе помали програми во тоа портфолио. Конечно го имаме и нашето портфолио за економски раст кое е фокусирано на мали и средни претпријатија. Работиме многу на правната рамка се` со цел да се овозможи зголемување на вработувањата во овој сектор и да се зголеми извозот од Македонија. Се фокусираме и на зголемувањето на странските директни инвестиции, што не успеваше баш најдобро. Ја запазуваме и компонентата на работната сила. Исто така имаме и проект за земјоделие, тоа е „Аг – Биз“ програмата, а имаме и проекти кои се фокусирани во помалите региони, кои само што ги започнавме. Побаравме повеќе пари од Вашингтон кои би биле наменети за малите и средни претпријатија во битолскиот регион. (тука е кратено за радио, но не знам каде ќе биде резот за видео монтажа – можна е корекција)

Евидентно е дека Република Македонија има проблем со конкурентноста. Со исклучок на суровини, се останато што се произведува многу тешко се пласира на пазарите во Европската унија или на светските пазари. Како може да се реши овој проблем?


Постојат одредени успеси. Тоа што го посочивте не важи за правило. Сепак, Македонија, како и многу земји од поранешните социјалистички републики, беа добавувачи на сурови материјали кои се преработуваа во други земји. Постои некаква традиција за тоа тука, но забележуваме промени. Работиме со текстилната индустрија, кои имаат бизнис интеракции со фирми во Британија. Тие сега изработуваат таканаречен „фул пакет“. Значи го изработуваат дизајнот и нудат конечен производ кој има поголема вредност и им обезбедува поголеми приходи на компаниите во Македонија. Гледаме успеси во таа област. Пред извесно време имаше нарачка за 100.000 пара чевли кои вредеа 2 милиона евра. Тоа е мошне значајно. Се надеваме и очекуваме дека ова се почетоци на нов тренд на придвижување на македонските производители кон пласман на готови производи наместо, како што посочивте, суровини. Винската индустрија тука веќе го оствари тоа, до одреден степен, но не пошироко. Сепак, работиме со многу винарии со цел да им помогнеме да се пробијат на пазари во Европската унија, Полска, Обединетото Кралство, Германија и други. Некои од нив беа успешни. До одреден степен надолните трендови во светските економии им помогнаа на одредени компании да станат поконкурентни откако други конкуренти од други земји излегоа од пазарот.

Во последно време се актуелизираше откупот на земјоделските производи, посебно на грозјето. Судејки по медиумските извештаи, Владата беше прозивата за тоа што не го помогнала откупот. Дали власта е одговорна да го помага откупот на грозјето и на другите суровини?

Владата мора да одлучи каква стратегија ќе усвои. Типично е за многу земји, кои имаат индустрии во тие сектори, да пружаат помош. Примери за винската индустрија се Австралија и Јужна Африка. Се вложуваат многу труд и пари во промоцијата на вината на Австралија и вината на Јужна Африка, како група а не како индивидуални производители или винарии. Очигледно тие имаат значаен импакт на светските пазари. И Аргентина е тука. Значи сега за тоа има простор. И сега слушнавме дека агенцијата за привлекување странски инвестиции, која има владин мандат за помагање не само на странските директни инвестиции туку и со извозот, има буџет за следната година од 50.000 евра за таква подршка. Не можете ништо да направите со 50.000 евра. Невозможно е за власта вистински да го стимулира растот на извозот без да го зголеми буџетот и ресурсите на Агенцијата. Ние сме овде уште неколку години. Власта мора да си го заземе местото и да помогне. Не одрекуваме дека бизнисите си имаат своја улога во сево ова. Тие остваруваат профит, не се непрофитни. Тие учествуваат во нашите проекти. И во другите земји тие учествуваат и плаќаат голем дел од износот. Сепак сметам дека потребни се организации кои ќе ги зближат, се` со цел да се создаде препознатливост на брендот, како на пример вината од Македонија или други работи. Тоа се случува, почнува да се случува но има и други сектори во кои тоа може да се случи. На пример, индустријата за производство на алати. Македонија има голем потенцијал за ваква индустрија и тука се случуваат позитивни работи. Им помогнавме на компании да учествуваат на саеми во други земји и дел од приоизводителите добиваат значајни нарачки и се пробиваат на европскиот авто-мото пазар. Значи, има многу голем потенцијал кој може да оствари поголеми потенцијали доколку владата е поактивно вклучена.

Што е со конкурентноста на работната сила? Дали нашиот образовен систем произведува кадри кои можат да се снајдат на пазарот на трудот? Дали ни е конкурентна работната сила?

Се уште не. Како што споменав претходно, ние се обидуваме да работиме на тие проблеми преку нашите образовни програми. Се гледа какви ученици излегуваат од нашиот образовен систем и работиме од страната на побарувачката со тоа што развивме платформи за пракса кои беа доста успешни. Сепак, има уште многу работа за одредени пазари. Земете ја за пример текстилната индустрија. Потребни се вешти, но не високо-квалификувани кадри, но во одредени делови на земјата не може да се најдат луѓе кои би работеле во индустријата. На пример, има неколку текстилни компании кои се базираа овде во Скопје. Тоа најверојатно беше грешка од нивна страна, бидејќи и покрај тоа што има многу невработени луѓе овде, тие не се заинтересирани да работат во текстилната индустрија.

Меѓународната заедница и експертската јавност забележуваат дека државната администрација е голема и гломазна. Како може да се реши овој проблем? Дали е неминовно отпуштање на вработени во јавната администрација?


Нема едноставен начин. Ако историски го погледнете начинот на кој властите се справувале со прашања за јавната администрација и „надуените“ граѓански служби, нема едноставен начин да се реши сето тоа. Мора да се ослободите од работни места. Во земји со висока стапка на невработеност, тоа е многу чувствително. Затоа сметам дека не постојат лесни начини да се направи тоа. Во институциите со кои ние работиме сме забележале дека во одредени области има превработување, но во други области, каде што навистина има потреба од вешти лица нема кадри. Тоа е делумно поради неконкурентноста на владините плати а понекогаш има и замрзнувања на нови вработувања поради актуелната економска ситуација и состојбата на државниот буџет. Сепак, станува збор за нешто со кое државата некогаш ќе мора да се справи. Постојат многу причини зошто тоа сега е проблем, но во крајна линија некој ќе мора да ја донесе тешката одлука. Време е да се реши тој проблем, но станува збор за многу тешка одлука во овој момент. Тоа би бил многу непопуларен потег.

Напоменавте дека УСАИД ќе биде во Македонија до 2014 година. На кои проекти ќе се фокусира организацијата во тој период?

Концепциски, ние ќе го надградуваме тоа што сме го направиле до сега. Како што веќе имам спомнато, нема да преземаме нови работи. Малку повеќе ќе се инволвираме во енергетскиот сектор и енергетската ефикасност и слични работи. Најмногу ќе работиме на нашите програми за образование, за демократија и програмата за децентрализација. Фокус ќе има и врз економските програми за развој на мали и средни претпријатија. Нам ќе ни биде многу важно да создадеме можност за одржливост на напредокот кој е постигнат со институциите со кои сме работеле. Не сакаме, откако ќе заминеме, некој да дојде во овој сектор и да рече „работевте овде и што остана од вашите проекти?“. Тешко е да се изведе, не станува збор за лесна работа. Значи ќе има многу поголем фокус врз локалните институции. Не дека до сега не работевме со нив, но сега ќе работиме повеќе, се со цел да ги подготвиме да продолжат сами, без разлика дали станува збор за здружение на граѓани, компанија, асоцијација на винарии или земјоделци... Потребно е да се запазат нивните интереси. Ние ја гледавме Агенцијата за странски инвестиции како еден од нашите примарни партнери за напредок, а сега бидејќи имаат толку низок буџет, во иднина за нас, но примарно за нив ќе биде многу тешко да ја имаат улогата која им е доделена. Од аспект на образованието, се обидуваме да ги изградиме капацитетите на бирото за развој на образованието како и на агенцијата за вработување со цел да се инстутиционализираат системите кои сме ги поставиле. Без разлика дали станува збор за системите за „е-влада“, автоматските системи, менаџирањето на ресурси, промоцијата на македонски производи или пронаоѓањето на нови работни места, тие системи треба да постојат и откако ќе си заминеме.
XS
SM
MD
LG