Достапни линкови

Есенски музички свечености


Започна 11-то издание на манифестацијата Есенски музички свечености. До крајот на ноември ќе бидат изведени десет програмски целини чија цел е да се стимулира македонското творештво.

Со искуство од една цела декада зад себе и со програма која би требало да го предизвика вниманието не само на љубителите на класичната музика туку и воопшто на сите оние кои држат до сопствените вредносни криетериуми, организаторот на Есенски музички свечености - Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје, и овојпат стокми понуда која манифестацијата ја држи на линијата на централен настан што вообичаено се случува во екот на сезоната правејќи го ноември Месец на музиката. Од таму сосема оправдано е што Никола Глигоров, како најповикан во организацискиот тим знае да забележи дека:
Се обидуваме да најдеме можност и простор повеќе за преставување на домашното творештво и се обидуваме да внесеме одредена тежина во оние стандардни десетина програмски термини, да се вметне некој концерт на џез, блуз или етно музика.


„Се обидуваме да најдеме можност и простор повеќе за преставување на домашното творештво и се обидуваме да внесеме одредена тежина во оние стандардни десетина програмски термини, да се вметне некој концерт на џез, блуз или етно музика која што не е далеку од афенитетите на публиката што ја следија манифестацијата.“

Инаку, за 15 ноември е закажан концертот во чест на актуелниот претседавач на Европската унија – Белгија, кога се очекува настапот на Мишел Ен де Меј и Грегори Гроежан со танцовиот проект 12 лесни валцери, потем следуваат изведбите на големите национални ансамбли Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, ќе настапат и финалистите на конкурсот Зоографски со што ќе бидат одбележани 75-те години од раѓањето и 60-те години творештво на македонскиот композитор Томислав Зоографски, рецитали ќе одржат флејтистот Страшо Темков и пијанистката Огненка Герасимовска, ќе музицира и Силва Скендери од Албанија, а кларинетистот Петар Колевски придружуван од Билјана Петровска на пијано ќе ја стори промоцијата на својот нов албум. Како отклон од веќе вообичаените програмски содржини годинава со нагласено интересирање се очекува концертот на Класата по народни инструменти при Факултетот за музичка уметност, а раководителот на овој отсек, професорот Драган Даутовски ќе рече:
Не треба по секоја цена да се прошири програмата кон другите жанрови само за да привлечат шарена публика туку едноставно треба да се размислува на квалитет.


„Ми се чини дека тие манифестации треба да третираат и содржини кои што ќе потсетуваат на некакво културно милје, културно живеење на едно општество.“

Но, наспроти ваквата поставеност кон Есенски музички свечености, интересни се согледбите на Тина Иванова, музички критичар и новинар, која забележува дека организаторите во иднина треба акцентот да го стават на:

„Камерната и рециталната форма, зошто овие форми се ретко застапени во последно време кај нас, но не треба по секоја цена да се прошири програмата кон другите жанрови само за да привлечат шарена публика туку едноставно треба да се размислува на квалитет.“

Кон ова само уште информацијата дека манифестацијата со 200.00 е подржана од Министерството за култура и со 150.000 денари од Град Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG