Достапни линкови

Патриотска метла - Ќе се видиме на Суд


Министерската за култура Елизабета Канческа Милевска

Министерската за култура Елизабета Канческа Милевска

Министерската за култура потврдува дека дел од документите исчезнале, но тие биле за веќе поништени јавни набавки. СДСМ: тоа е потврда на скандалот.

Вистина е дека недостасува дел од тендерската документација во министерството за култура, но таа се однесува на поништени јавни набавки, потврди денеска ресорната министерка Елизабета Канческа Милевска. Иако само дел од тие постапки се однесуваат на проектот Скопје 2014 и истите немаат фискални импликации, таа најави дека кон одговорните службеници во министерството ќе бидат преземени соодветни санкции.
Не е битно дали е поништена, дали не е. Но, во конкретниот случај манипулација на такви бројки на исчезната документација, не постои.


,,Не е битно дали е поништена, дали не е. Но, во конкретниот случај манипулација на такви бројки на исчезната документација, не постои. Значи, немаме документација каде што е склучен договор и каде што има финансиски импликации да не постои овде во Министерството за култура."

Ќе има ли епилог од аферата ,,Патриотска метла" или се ќе се сведе на политички обвинувања
Обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз, Милевска ги оцени како груба манипулација, а Игор Ивановски го повика на увид во министерството каде на новинарите им беше презентирана тендерската документација за проектите чијшто инвеститор е министерството за култура.

,,Значи има голема разлика за документација на која што се повикува г-динот Ивановски, каде што кажува дека во Музејот на ВМРО проектот за восочни фигури е исчезната дел од тендерската документација. Но, не е, еве го. Мислам јас неможам да го прифатам ова, неможе граѓаните да бидат изманипулирани со волкави суми."

СДСМ - Министерката ги потврди нашите тврдења

Пратеникот на СДСМ Игор Ивановски го отфрли образложението на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во врска со тврдењата за исчезната тендерска документација од проектот „Скопје 2014“. На прес-конференција во партиското седиште тој излезе со нови сознанија, кои, како што оцени, ги потврдуваат нивните тврдења.

Според него, денешната прес-конференција на Канческа-Милевска е признание дека во Министерството за култура е исчезната тендерска документација и за дел од проекти кои не биле поништени.

- За тендер за музејот на ВМРО и склучен договор со фирмата „Неимар инженеринг“ исчезнати се понудите на учесниците во тендерот.
За Стар театар, за кој на тендер е избрана фирмата „Константа-инженеринг“ од Белград, исчезнати се понудите од сите учесници. За тендер, заведен во архивата под број 48/07, исчезната е понудата на фирмата „Константа-инженеринг“.

Исчезнати се и понудите на учесниците во тендерите и за изградба на карабината на Стариот театар, за кој е избран АД “Бетон-Штип“, како и понуди на пет фирми кои учествувале на тендер заведен во архивата под број 27/06, посочи Ивановски.

Тој наведе броеви на тендери архивирани во Министерството за култура, за кои ја повика министерката Канческа-Милевска да ги провери. Праша зошто се бара одговорност од државните службеници во секторот за јавни набавки во Министерството и е отворена истрага во МВР, ако се точни тврдењата на министерката за култура.

За нејзината најава дека кривично ќе го гони, Ивановски рече дека „ќе се видат на суд


Реакција на Министерството за Култура

Министерството за култура преку писмено соопштение изрази жалење што пратеникот на СДСМ Игор Ивановски денеска не извршил увид во целосната документација на сите инвестиции што ги води Министерството и на оние што се дел од проектот „Скопје 2014“.

- Со овој чин Ивановски ги потврди сите невистини и лаги што ги изнесе во јавноста за „исчезната документација од милионски суми“. Повторно го покануваме Ивановски да направи увид во документацијата која им беше презентирана на денешната прес-конференција на медиумите и на целата македонска јавност, се вели во реакцијата од Министерството за култура.

Оттаму истакнуваат дека документацијата за јавни набавки што ја посочил Ивановски денеска била презентирана пред медиумите и оти за неговата изјава дека „по поништувањето на тендерите следи склучување на непосредна спогодба во четири очи“, Министерството ќе поднесе втора кривична пријава.

- Македонската јавност ја заслужува вистината, а Вие не сте доблесни да и ја презентирате. Останува, за жал, да се видиме на суд, се вели во реакцијата и се додава дека средствата што ќе ги добијат од отштетата ќе бидат донирани за потребите на Музејот на македонската борба за државноста и самостојност - Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим.

Колку чини Скопје 2014?

И покрај обидите да добиеме конкретен одговор на прашањето колку чинат проектите од Скопје 2014 каде министерството е инвеститор, Милевска не упати на службите во министерството и Бирото за јавни набавки.

,,Ние сме обврзани секој склучен договор да го прикачиме на Бирото за јавни набавки и точно можете да видите за секој објект, точно колку договори се склучени и колку чинат финансиските импликации."
Мислам јас неможам да го прифатам ова, неможе граѓаните да бидат изманипулирани со волкави суми


Дали и оваа афера ќе заврши како и сите други кај нас? Ќе има ли епилог или се ќе се заврши со меѓупартиски обвинувања? Политичките аналитичари велат дека ова се прави со цел да се сврти вниманието на јавноста, но постои можност и да се влијае врз промената на изборните преференции на гласачите.

,,Ако повеќе се обрне внимание на аргументите наместо на емоциите, тогаш неутралните гласачи за кои ваквите прес конференции се наменети, би биле поподготвени да ја сменат политичката преференција."

изјави аналитичарот Здравко Савевски.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG