Достапни линкови

logo-print

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат...

Весници, магазини, неделници, печат...

Лустрацијата и натаму ја бранува јавноста и зазема главно место во дневниот печат. Весниците известуваат и за фармерот Илиевски и аферата „Надеж“.






Расте бројот на кодошите?


„Лустраторите ги отфрлија Вујко и Мама“, а Муса Џафери и Фазли Велиу повторно добија потврда дека се чисти, пишува Утрински, а Дневник, покрај веста пишува и дека доколку во Белград постојат оригинални документи што ќе ги потврдат досиејата, Комисијата за лустрација ќе се произнесе и трет пат. Ова како малку да ги потсмири бранувањата во јавноста, но Време наведува дека по ударот врз ДУИ се најавува ширење на уличната лустрација, поточно за „Кодошки досиеја и во македонски дворови“ - најмалку за тројца министри, двајца советници на претседателот на државата, десетина директори и функционери дури од седум партии од владејачката коалиција.

400 Евра за навреда на Груевски

Медиумите ја одбележаа веста дека фармерот Душко Илиевски од Битола плати 400 евра казна за навреда и омаловажување на премиерот Груевски, по решението на битолскиот Основен суд и дека тој поради тоа си ја продал и последната крава со чие млеко ги ранел своите деца.

Дневник посветува подолг напис на тоа дека Фондот за здравство ги повика Министерството за здравство и Лекарската комора да ги донесат новите протоколи за третман на пациентите кои се задолжителни за здравствените работници за определена дијагноза на болните, а се' уште не се подготвени. „Болниците плачат за терапија“ е насловот на овој текст.

Нова Македонија продолжува да се занимава со парите исплатени на словенечките експерти од страна на кабинетот на Црвенковски додека беше претседател на државата. „Словенците го советувале Црвенковски без тендер“, пишува весникот и додава дека не постоела евиденција со која би се потврдило дека Црвенковски спровел постапка за јавна набавка кога ги ангажирал тројцата пи-ар експерти да му ја изработат стратегијата „Надеж“.

Бранко - непријател број 1

Вечер, пак, објавува информација од трибината на Институтот Павел Шатев, организирана по тој повод на која учествуваа новинари и политолози од вмровска провиниенција, меѓу кои Латас, Миленко Неделковски, Панде Лазаревски... на која, очекувано, Црвенковски беше опишан како непријател број 1 на оваа држава.

Утрински се осврнува на молчењето на претседателот Иванов поради тоа што партијата која го номинираше му ги одзема ингеренциите во безбедносната сфера, а потсетува дека за време на претседателските избори токму Иванов говореше дека му пречат размислувањата во стилот „претседателот е обична англиска кралица“.

Исто така, Вечер, на насловната објавува дека на фудбалскиот натпревар помеѓу Тетекс и Шкендија во Тетово, навивачката група Балисти искажала огромно количество омраза кон се' што е македонско со недолични скандирања дури и против Тоше Проески.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG