Достапни линкови

Буџетот се полни, власта се задолжува


Зошто, ако Буџетот се полни повеќе од предвиденото, државата повторно се задолжува на домашниот пазар? Преку краткорочни државни записи власта извлече 45 милиони евра од банките.

Пред седум дена од Министерството за финансии соопштија дека веќе трет месец во народната каса се слеваат повеќе пари од планираното. Вчера државата повторно се задолжи со краткорочни државни записи и од банките извлече 45 милиони евра, еден ден пред емисијата на благајнички записи од Народната банка. Од тука и прашањето: Зошто, ако Буџетот се полни повеќе од предвиденото, државата повторно се задолжува на домашниот пазар? Од опозицијата забележуваат дека има проблеми со полнењето на народната каса. Пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов вели дека новото задолжување е знак дека Владата нема пари за да ги подмири редовните обврски:
Штом дојде датумот за исплата на пензиите, Владата мора да се задолжи за да ги исплати пензиите, тоа е јасен сигнал дека нема пари


,,Штом дојде датумот за исплата на пензиите, Владата мора да се задолжи за да ги исплати пензиите, тоа е јасен сигнал дека нема пари."

Владата веќе премногу се има задолжено на домашниот пазар, вели Николов и додава

,,За извлекувањето на пари од банките и пласирањето во државни записи, а не во стопанството е на штета на економијата и на фирмите кои неможат на тој начин да дојдат до кредити и на банките повеќе им се исплаќа да ги дадат парите во државни записи отколку во компании."

Кога во јавноста се актуелизираше потенцијалниот заем од Меѓународниот монетарен фонд, министерот за финансии Зоран Ставрески, во интервју за Радио Слободна Европа, најави можност за помалку задолжување на домашниот пазар:
Некои други фактори повеќе влијаат во овој момент, а тоа се факторот на кредитниот ризик пред се со кои што се соочуваат банките и затоа ги пласираат своите вишоци во благајнички записи

,,Следната година доколку ги земеме овие 400 милиона евра од ММФ нема да има потреба да се повлекуваат нови средства од банките, односно на нето основа би можело да го сведеме на нула запишувањето со државни записи."

Професорот Мирољуб Шукаров вели дека повременото задолжување на домашниот пазар не е штетно за економијата.

,,Со тие позајмени пари да ги плаќаат претходно позајмените пари за да воспостави еден ритам тоа не е лошо за националната економија кога не се претерува и не придизвикува одредени шокови на монетарен план."

Државното задолжување не може директно да влијае на пласманот на парите на банките во стопанството, вели Шукаров и појаснува:

,,Некои други фактори повеќе влијаат во овој момент, а тоа се факторот на кредитниот ризик пред се со кои што се соочуваат банките и затоа ги пласираат своите вишоци во благајнички записи."

И додека власта забележува поголеми приливи во народната каса и повторно се задолжува дома, дел од институциите, поточно неколку училишта, се жалат на исклучено парно греење поради неплатени сметки.
XS
SM
MD
LG