Достапни линкови

logo-print

Преиспитување на безбедноста во светот


Владите, авиокомпаниите и воздухопловните власти во целиот свет ја преиспитуваат безбедноста по двата експлозивни пакета пронајдени во карго авиони со крајна дестинација: Соединетите држави. Според Њујорк Тајмс, бомбите биле невообичаено софистицирани. Во меѓувреме, во Јемен од каде што биле испратени пакетите, продолжува потрагата по осомничените.

Јеменските безбедносни власти ја ослободија осомничената во случајот со експлозивните пакети за Соединетите држави.

22 годишната студентка Хана ал Самави откако била сослушана е пуштена на слобода, но без право да ја напушти земјата. Сослушна била и нејзината мајка.

Јеменските власти соопштија дека се трага и по други осомничени за кои се верува дека употребиле фалсификувани документи и лични карти.

Двата пакета испратени од Јемен беа откриени во Британија и во Дубаи во петокот во транспортни американски авиони. Експлозивните направи биле адресирани за синагоги во регионот на Чикаго.

Според американските и британските медиуми, главен осомничен во случајот е Ибрахим Хасан ал Асири, експерт на терористичката мрежа Ал Каеда за изработка на експлозиви.
Пакетот од Јемен што слета во Германија, а потоа и во Британија на пат до Америка само покажува колку ние треба да бидеме обединети и решителни во борбата против тероризмот.


Станува збор за 28 годишен саудиец кој живеел во Јемен. Истрагата се води и во две јеменски јазични институции поради можната нивна поврзаност со бомбите.

Локалните канцеларии на американските карго фирми Ју Пи Ес и Федекс се затворени. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека зад сето ова стои Ал Каеда, односно нејзиниот огранок на Арапскиот полустров со седиште во Јемен.

Тоа го потврди и неговиот советник за контратероризам Џон Бренан.

,,Кога зборувам за Ал Каеда јас не зборувам само за Ал Каеда во Авганистан. Зборувам за ограноци меѓу кои и оној во Јемен, кои јасно имаат докажано дека преземаат терористички акции.,,

Британскиот премиер Дејвид Камерон смета дека бомбата откриена во Британија требало да биде детонирана во авионот.

,,Пакетот од Јемен што слета во Германија, а потоа и во Британија на пат до Америка само покажува колку ние треба да бидеме обединети и решителни во борбата против тероризмот. Зборував со претседателот Обама и со претседателот на Јемен Салех и им нагласив колку е неопходно ние заеднички да работиме.,,

Претседателот на Јемен пак, изјави дека безбедносните сили на неговата земја им се на располагање на Соединетите држави и Обединетите Арапски Емирати во давањето информации и во помагањето за целосно расветлување на случајот.

Огранокот на Ал Каеда на Арапскиот полустров ја презеде одговорноста за неуспешниот бомбашки напад во еден патнички авион за Соединетите држави за време на минатогодишните Божиќни празници.

Индустрискиот експлозив познат како ПЕТН што беше употребен во овој бомбашки обид, исто така бил откриен и во пакетите пронајдени во авионите во петокот.

Според Њујорк Тајмс, овој пат тие биле експертски конструирани и невообичаено софистицирани.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG