Достапни линкови

Интервју - Али Ахмети


Али Ахмети
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:21 0:00

Али Ахмеди, претседател на ДУИ

Со голема одговорност се залагаме прашањето за името да не го обоиме етнички и партиски, туку да се третира како значајно прашање што бара решение. Институциите на државата, вели Али Ахмети за кодошките досиеа,, треба да се загрижат за овие безвредни панфлети кои и се делат на јавноста






Дали се согласувате со начинот на кој владата ги води преговорите со Грција и сметате ли дека со таква стратегија може да се најде решение за спорот со името?


Ние постојано се залагаме и ги охрабруваме сите релевантни фактори во земјата било да се власт или опозиција дека прашањето за името е едно многу важно прашање кое директно е поврзано со интеграцијата на земјата во НАТО и Европската Унија, постојано разговараме, на секоја средба од повисоко ниво. Ова прашање е дел од анализите, дел од нашите залагања. ДУИ постојано се залага да биде конструктивна партија, да биде продуктивна. Ние сме свесни и одговорни дека Република Македонија нема друга алтернатива освен евроатланската интеграција, но сепак не сакаме да не обземат емоции и не сакаме овој значаен процес да го преоптовариме со тоа што ќе бидеме многу гласни во медииумите, било да се печатени или електронски, но цело време се стремиме да ги охрабриме сите релевантни политички фактори во земјава за да се најде едно компромисно решение. Постојано сме во контакт и со меѓународната заедница од која јас побарав за ова значајно прашање да ни помогнат сите наши пријатели од европските земји кои придонеле за значајните процеси за Македонија, почнувајќи од 2001 година до денес. Македонија чекори напред помогната од нашите сојузници од Вашингтон, Брисел и НАТО. Во врска со ова јас побарав од сите овие фактори да се зголеми нивниот ангажман и да влијаат на двете страни со тоа што ќе им се помогне и ќе се охрабрат да се остават на страна емоциите и да се дојде до едно решение. Морам да го кажам ова многу отворено дека ние како Демократска унија за интеграција се наоѓаме во една многу деликатна ситуација бидејќи може да дојде до недорабирање кај нашите сограѓани Македонци дека нас не не интересира прашањето за името и дека сме целосно заинтересирани за евроатланската интеграција на Македонија. Вистина е дека ние сме заинтересирани Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ, но вистина е дека ние сме државјани на ова земја, друга земја немаме, ова е наша држава, наша татковина и заради ова ние сме заинтересирани и се ангажираме Македонија да чекори напред, бидејќи најсилна гаранција за земјата е таа да биде дел од НАТО и ЕУ. Ова е единствената гаранција за мир, стабилност и економски развој и благосостојба на граѓаните. Ние сакаме да сме дел од решавањето на проблемот и се залагавме на централно ниво со тоа што е ангажиран Абдулаќим Адеми како заменик-премиер со тоа што се информираме за текот на преговорите и се надеваме дека ќе се дојде до едно добро решение, бидејќи ова е неопходно за земјата, Македонија да не стагнира и сите процеси да се движат напред за доброто на сите граѓани на оваа држава.

Се зборува дека Македонските Албанци се чувствуваат како заложници во спорот меѓу Македонија и Грција. Кој е вашиот праг на толеранција кон позицијата на ВМРО-ДПМНЕ за која тие велат дека е конструктивна?

Прашањето за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ и решавањето на спорот за името со Грција не се прашања што го засегаат само едниот ентитет, или само Албанците или само Македонците. Евроатланските процеси се значајни процеси и сите треба да ја сносат одговорноста. Сета одговорност ние како политичка партија ќе ја сносиме врз нашите плеќи. Ова прашање не се однесува само на партиите на власт, туку прашањето за интеграцијата на земјата и решавањето на спорот е прашање кое ги засега и опозициските партии. И за негово решавање треба да се има консензус меѓу сите политички фактори во земјата. Македонија не може да се интегрира во НАТО поделена или пак само Албанците да бидат дел од НАТО и ЕУ. Токму заради ова ние не сакаме да бидеме фактор што ќе ги предизвикува граѓаните и ќе создава јазови меѓу двата најголеми ентитета, Македонците и Албанците во Македонија. Така што со голема одговорност се залагаме ова прашање да не го обоиме етнички и партиски, туку да се третира како значајно прашање што бара решение и сета наша политичка енергија и кадровска помош се насочени кон наоѓање на заедничко прифатливо решение меѓу двете страни.

Господине Ахмети, колку обвинувањата дека високи функционери на ДУИ соработувале со тајните служби ја влошуваат позицијата на ДУИ во владината коалиција?


Мислам дека цела оваа историја и хистерија што се случува ќе има крај. Мислам дека институциите на државата треба да се загрижат за овие безвредни памфлети кои и се делат на јавноста. Ние сме претпазливи и одговорни кон оваа ситуација што се создаде. Како прво, не сакаме да бидеме поттикнувачи на конфронтација меѓу луѓето. Ги повикуваме сите граѓани да бидат умерени и ладнокрвни, истовремено очекуваме од сите државни институции како и експертите во одредени области да се обелодени вистината. Сега дозволете ми да ви одговорам на алегоричен начин. Па испаѓа дека ние Албанците сме биле најсреќниот народ во регионот зашто УДБА ја создала УЧК, се залагала за независноста на Косово и за рамноправноста на Албанците во Македонија.

Законот за попис крена прашина во јавноста. Што точно се договоривте со Груевски и каква ќе биде улогата на новата пописна комисија?


Што се однесува до прашањето на пописот и другите отворени прашања никогаш не сум водел тајна политика со херметички затворени врати. Моите средби се многу транспарентни и во нив учествуваат сксперти за одредени области така што и прашањето за пописот и предлог-законот за попис е напишан со учество на стручни луѓе и од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за истиот закон од 2002 година. Целиот процес ќе биде наблудуван од експерти од ЕУРОСТАТ како професионален институт од ЕУ и мислам дека овој процес не треба да се политизира, а најмалку да се проблематизира. Од него не смее да се создаде паника и несигурност кај граѓаните бидејќи ниедна страна не е заинтересирана да ги фалсификува резултатите или пак да ја загрози другата страна. Ние сме заинтересирани овој процес добро да се реализира, преку професионално вршење на својата работа, така што најмалку треба да му се даде етничка димензија. Не треба да се фаќаме за бројќи, дали едните се 30, 20 или 50 отсто и уште од сега хипотетички да се предвидат резултатите, така што не сакам ниту ДУИ ниту која било друга политичка партија да профитира од овој процес, бидејќи тоа не придонесува за никакво политичко унапредување. Се работи за нешто коешто Македонија треба да го направи, штом поминаа скоро 10 години од минатиот попис. Јас воопшто немам комплекси дека некој ќе биде оптоварен со негативна енергија за да го стави под знак прашалник процентот на Албанците и на другите етнички заедници во земјава.

Дали отстапките кои ги направивте околку законот за попис подразбираат раководни функции на Албанци вработени во Заводот за статистика?

Демократската Унија за интеграција никогаш не била дел од некакви пазарења и поткусурувања. Вистина е дека во државниот завод за статистика застапеноста на Албанците е многу мала и оваа вистина никој не може да ја одрекува. Тоа е факт.
И сите ние треба да се стремиме во оваа и во сите други институции кадешто Албанците не се застапени доволно, да бидат повеќе застапени. Ако има еден дел од институциите кадешто Албанците се добро, па дури и одлично застапени, постојат институции како заводот за статистика и други кадешто тоа не е случај. За да и веруваат граѓаните на оваа институција треба да не се политизира и да не се дебатира околу тоа и затоа побаравме меѓународни претставници да го набљудуваат пописот. Исто така побаравме владата да создаде една набљудувачка комисија која ќе придонесе да се зголеми довербата на Албанците кон оваа институција. Разговаравме и размисливме дека може да се доведе во прашање и веродостојноста на резултатите. Тогаш кога ги образложивме нашите барања беше логично зошто побаравме меѓународни институциии да го набљудуваат процесот.

Задоволен ли сте од интензитетот со кој се спроведува Рамковниот Договор?

Ние никогаш не би можеле да бидеме сосема задоволни со динамиката и резултатите бидејќи има уште многу работа . Но ова нас не не замолчува и не не тера да не веруваме кон целиот ангажман којшто се прави за спроведување на рамковниот договор. Бидејќи ако бидеме самозадоволни, тогаш тоа нема да биде добро за развојот на демократската унија за интеграција како политичка партија. Ние секогаш се стремиме и сме заангажирани во сите државни институции да има рамноправна застапеност на Албанците како и целосно спроведување на договорот и сите закони коишто произлегуваат од него.

Како политичар, но и како обичен граѓанин на оваа земја, како ја гледате Македонија во перспектива?


Мислам дека нема ниту еден граѓанин на оваа земја којшто не сака да си ја види својата држава богата, сигурна, стабилна...којшто не сака својата држава да ја види како дел од обединета Европа. Верувам во овие стремежи. Овие се моите идеали и на партијата којашто јас ја претставувам. За Македонија да има подобри денови, да биде земја со сигурна перспектива, младите да не размислуваат својата младост да ја поминуваат во други европски земји или САД, туку да живеат слободно, богати во својата татковина меѓу своите најблиски. Истакнувам дека подобра земја од нашата татковина нема. Јас имам прошетано во скоро сите европски држави и Америка и велам дека навистина сме привилегирани бидејќи нашата земја е многу убава и богата, но треба повеќе заангажираност од сите нас почнувајќи индивидуално, па се до институциите коишто треба да се свесни за одговорноста што ја имаат во врска со иднината на државата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG