Достапни линкови

Марко Поп Ристов, македонски виолинист во Британија


Виолинистот Марко Поп Ристов

Виолинистот Марко Поп Ристов

Марко Поп Ристов е млад македонски виолинист кој успешно ја започна својата интернационална кариера музицирајќи по Европа. Деновиве со неговиот Ристов Квартет одржа концерти во Скопје и Битола.

Личната приказна на виолинистот Марко Поп Ристов е речиси типична за сите млади таленти што ги изнедрило ова тло. Започнал да ги открива тајните на инструментот во Битола во класата на Кристина Трајановска, за подоцна да продолжи со приватни часови кај познатата македонска виолинистка Сихана Бадивуку Хоџа. Потем влегува во класата на специјално талентирани виолинисти од Македонија, а по трите години во средното музичко училиште во градот под Пелистер, станува студент кај Павел Верников во Италија. Воден од личните предизвици и по сугестија на своите постари колеги заминува во Велика Британија.
Свативме дека има многу, многу репертоар кој што не е познат и не е изведуван, а квалитетот е чудесен


,,Отидов во Лондон, едноставно ми понудија место на Ројал колеџот и таму дипломирав минатата година."

Во британската метропола Марко Поп Ристов и додека траело неговото школување често со успех се искачувал на концертните подиуми, за да потоа со некои од своите колеги од Холандија и Франција, лани лето го формираат РИСТОВ КВАРТЕТ. Покрај него во оваа формација се нашле Јорјен Венховен на виола, Вилијам Имбер на виолончело и Томас Беснар на пијано, сите дипломци на Кралскиот колеџ за музика, добитници на бројни награди на меѓународни натпревари и музичари кои ги освоиле познатите концертни сали во Европа.

,,Свативме дека има многу, многу репертоар кој што не е познат и не е изведуван, а квалитетот е чудесен."
Виолината не е за да се свират само соло концерти или дуети или оркестар, има и многу, многу повеќе од тоа, има голем репортар... Едноставно сакам да истражувам различни ансамбли, стилови и сето тоа


Првиот концерт како РИСТОВ КВАРТЕТ ќе го реализираат во Националната галерија во Лондон, а по позитивните реакции од овој перформанс, тие ќе ги потпишат и настапите не само во Англија, туку и во Холандија, Франција, Хрватска и Србија. Со концепт кој се потпира на изведбата на пијано квартети што не се толку застапени на подиумите марко Поп Ристов и неговите музички сопатници се убедени дека преку наметнатите високи стандарди во изведбата ќе ги оживееат заборавените блага на камерната музика. Од друга страна, нашиот виолинист, кој патем настапува и во формација на трио, за своите стремежи како уметник кому му се насмевнува плодотворна интернационална кариера знае да каже:

,,Виолината не е за да се свират само соло концерти или дуети или оркестар, има и многу, многу повеќе од тоа, има голем репортар... Едноставно сакам да истражувам различни ансамбли, стилови и сето тоа."

Инаку, по концертите во родната Македонија, во Завод и музеј Битола и Културно информативниот центар во Скопје, РИСТОВ КВАРТЕТ својата турнеја ја продолжува во соседните Косово и Албанија и повторно во земјите од Западна Европа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG