Достапни линкови

Интервју - Зоран Ставрески


Зоран Ставревски
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:35 0:00

Зоран Стевревски, министер за финансии

Македонија води здрава фискална политика, буџетскиот дефицит е трет најнизок во Европа. Не знам кој од домашните квази-експерти може да го опонира тоа, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.






Министре за што ќе се користат средствата од ММФ? Дали би се користеле средства за покривање на достасани долгови, како оној да речеме од еврообврзницата од 2008 година или пак ќе се користат за финансирање на инвестициски проекти?


Значи, прво треба Владата дефинитивно да се изјасни по однос на тоа дали ќе ги користи средствата од ММФ и тоа е процес кој што треба да го завршиме во наредните две недели, по разговори и со бизнис заедницата и со експертите. Ако се донесе одлука да се земат овие 400 милиони евра од ММФ, тогаш тие ќе се користат за сите буџетски потреби, вкучително и за финансирање на инфраструктурни проекти, финансирање на отплатата на обврските од претходни кредити и се што е потребно за одржување на ликвидноста на буџетот. Значи нема ограничување од страна на ММФ за што можат да се користат тие средства, тие се составен дел на нашите средства со кои ги затвораме нашите буџетски потреби. Нашата интенција и приоритет ќе биде во две насоки, прво со овие средства доколку се решиме да ги користиме, да се зголеми делот на инфраструктурни проекти, односно инвестициски проекти што ги финансира државата и во тој дел ние и планираме во буџетот за следната година да има повеќе средства. Второ планираме со овие средства да го минимизираме односно да го сведеме на нула износот на државни записи коишто на нето основа се запишуваат, да не повлекуваме пари од банките преку државни записи, за да може повеќе пари да останат за стопанството и трето е со подобрената ликвидност на буџетот ќе им се помогне на фирмите во односите со државата, ќе се обезбеди редовно плаќање на сите обврски кон државата, односно нема да има потреба од одлагање на извршувањето на проектите или динамиката на плаќање.

Зошто државата сега се обрати кај ММФ, откако претходните години приоритет им се даваше на комерцијалните кредити?

Всушност и сега ние не побаравме нешто посебно од ММФ, туку во меѓувреме во септември оваа година бордот на ММФ го усвои овој нов инструмент, кој досега не постоеше. Ако беше прашање за класичен стенд бај аранжман, Македонија ниту досега не беше заинтересирана, ниту одсега ќе биде заинтересирана, значи ние не сакавме класичен стенд бај аранжман во којшто Фондот нели наметнува седум-осум услови, критериуми, бара намалување на плати, пензии или слично. Овде се работи за поинаков тип на односи меѓу државата и Фондот, се работи за класична отворена кредитна линија, каде што државата практично однапред е оценета од Фондот како земја која што води здрави политики и потоа ММФ веќе не наметнува други услови и тоа е разликата меѓу оваа отворена кредитна линија и класичниот аранжман. Значи сега Фондот ја усвои како инструмент оваа кредитна линија, прва и ја понуди на Македонија од сите земји во светот, бидејќи нивната оценка е дека Македонија може да го помине филтерот на ММФ.

Критичарите забележуваат дека на кредитот од ММФ му се дава приоритет поради тоа што нема механизам за контрола на трошењето. Кој е вашиот одговор на ова?


Мојот одговор е одговорот што ММФ и Светска Банка го даваат за буџетот и фискалната политика на Македонија. Тие, а и која сакате друга меѓународна институција, велат дека Македонија води здрава фискална политика, една од најдобрите во текот на кризата, буџетскиот дефицит кај нас е трет најнизок во Европа, однонсно сега оваа година и втор најнизок во Европа, само Естонија има помал буџетски дефицит од Македонија и доколку ММФ и Светска Банка оценат дека земјата има здрава фискална политика, не знам кој од домашните квази-експерти може да го опонира тоа или барем да го опонира со аргументи. Второ, ние во ниедна фаза немаме причина да не соработуваме со ММФ и секогаш кога доаѓаше и претходно ММФ сите податоци и анализи му беа достапни и ММФ во сите фази, во овие две-три години се изјаснуваше позитивно за фискалната политика и структурата на буџетот на Македонија, така што едноставно се работи за една стигма дека ММФ, односно Владата се плаши од контрола на ММФ. Напротив, ММФ и за да ја одобри оваа кредитна линија ќе ги скенира сите податоци во Македонија вклучително и детали во буџетот до последна бројка и ако тие оцениле дека тој буџет е задоволителен и дека Македонија може да биде прва земја во светот на која што ќе и се понуди оваа отворена кредитна линија, тука завршува оваа приказна.

Се чини дека најавата за влез на 400 милиони евра во народната каса влеа надеж во приватниот сектор. Има очекувања за релаксирање на даночната политика, судејќи по изјавите на медиумите. Дали ова е реално?

Јас би рекол дека со овие 400 милиони евра ќе биде изрелаксирана фискалната политика, односно ликвидноста на буџетот ќе биде подобрена, а со тоа и ликвидноста на стопанството. Релаксирање на даночната политика, под тоа се подразбира натамошно намалување на даноци е невозможно во оваа ситуација, напротив сите земји во Европа, освен три, ги зголемија даноците во текот на кризата, Македонија е земја која не ги зголеми даноците и тоа е најголема поддршка што државата може да ја даде за стопанството во вакви кризни времиња. Даноците во Македонија се на најниско ниво во Европа, значи има само една, две земји што имаа идентично ниво на даноци со нас, и тука веќе нема простор за намалување, бидејќи во меѓувреме освен што ги сведовме даноците на 10%, значи ги ослободивме фирмите од плаќање на Данок на добивка ако ја распределат како дивидента, така што до максимум е направено се за намалување на даночното оптоварување на фирмите и велам во тој поглед Макеоднија е земја што има најниско даночно оптоварување во Европа.

Дали со влезот на нови средства во народната каса може да се очекува интензивирање на покривањето на долговите кон приватниот сектор?

Долговите на државата, односно обврските на државата се во целост подмирени без средствата од ММФ во законскиот рок. Ако имало мали отстапувања во тој дел ги имало во сите земји, Македонија во тој дел ниту беше исклучок, ниту беше нешто специфично кај нас, имаше доцнење и од страна на приватниот сектор во плаќање на обврските и УЈП беше толерантен во овој период бидејќи е такво време, значи мора еден на друг да се помогнеме во овие времиња, државата на приватниот сектор и обратно. Заклучно со денешен датум сите обврски на државата вклучително и повратот на ДДВ се сервисираат во законскиот рок, тоа може да се провери и со стопанствениците. Мислам дека исто така роковите во Македонија се исто така пократки за враќање на обврските по основ на даноци на фирмите, но ние и тие рокови успеавме да ги испочитуваме, бидејќи се чувствува веќе подобрената ликвидност, колку толку сега зборуваме во услови на криза што може најдобро да се направи, се разбира дека не можеме да се споредиме со 2007 година или 2008 година кога вкупната ликвидност во економијата беше многу подобра, но сепак сегашната состојба во октомври оваа година е многу подобра отколку на почетокот на годината.

Значи сето ова што се случува, разговорите со ММФ, дали тоа може да се интепретира како најава за повеќе задолжувања во странство наместо домашно задолжување?

Да, токму така, една од добрите страни на оваа кредитна линија и на внесувањето на 400 милиони евра од странство во земјата, значи подобрување на вкупните состојби во делот на ликвидноста на буџетот, но и можност да не се исцрпуваат средства од внатре, да не мора државата во еден дел да се задолжува кај банките и други субјекти преку државни записи, како што реков оваа година ние имаме околу 4 милијарди денари нови државни записи со тоа се повлекле средства од банките, следната година доколку ги земеме овие 400 милиони евра од ММФ нема да има потреба да се повлекуваат нови средства од банките и тоа ќе овозможи банките да имаат поголема ликвидност и да финансираат повеќе средства, односно да пласираат повеќе кредити кај стопанството и граѓаните.

Минатата недела стана збор за можно финансирање на проекти од Коридорот 10. Што може да се очекува од овие разговори во догледно време?


Точно, имавме разговори и со Европската банка за обнова и развој и со Европската инвестициона банка и двете финансиски институции планираат да го зголемат износот на средства што и го даваат на Македонија за финансирање на капитални проекти и тоа се поклопува со намерите на владата за зголемено финансирање на инфраструктурни проекти. За почеток, следната година ќе добиеме средства за главниот трансевропски коридор, Коридорот 10, кој минува низ Македонија, тоа е за делот меѓу Демир Капија и Смоквица, значи ќе се комплетира автопатот од Србија, преку Македонија, кон Грција што е главна артерија за превоз на стока и патници во патниот сообраќај и на тој начин ќе се подобри конкурентноста на македонското стопанство, на економија. Тоа е проект што вреди околу 300 милиони евра, значи се работи за сериозна инвестиција. Второ, следната година исто така ќе започне изградбата на еден енергетски објект кој што исто така го финансира ЕБРД, тоа е хидроелектраната Бошков Мост во износ од 75 милиони евра, од кои што околу 60-65 милиони евра ќе обезбедиме преку Европската банка за обнова и развој.
XS
SM
MD
LG