Достапни линкови

Почнува Скопскиот џез фестивал


Почнува скопскиот џез фестивал
Почнува скопскиот џез фестивал

Со настапот на кубанскиот пијанист Омар Соса и неговиот квартет Африканос, започнува 29 издание на СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, еден од најквалитетните во овој дел на Европа.

Дванаесет концерти на три сцени, во Универзална сала, салонот на МОБ и Хард-рок клуб, со музичари и групи од САД, Норвешка, Куба, Бразил, Холандија, Велика Британија, Белгија и Италија, ќе се одржат во рамките на годинешното 29 по ред издание на СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ. Манифестацијата ја отвора Омар Соса, кубанскиот композитор и пијанист три пати номиниран за наградата Греми, еден од најсестраните музичари на денешната џез сцена кој на македонската публика ќе и го претстави својот проект Африканос. По неговото звуковно истражување на афрокубанските корени со модерни хармонии и најнова аудио технологија, следува настапот на италијанската пејачка Марија Пиа Де Вито, која подолго време посега по музиката на Медитеранот, особено по полифонијата пропуштена низ
Гледаме прво да бидат музичари кои досега не настапувале во Скопје, да имаат актуелни проекти и се разбира нешто да значат на џез сцената
апстрактната електроника и во чиј состав е саксафонистот Франческо Беарзати кој има остварено неколку соработки со македонските џез музичари. Првата вечер, ќе биде заокружена со настапот на веројатно најзначајниот холандски саксафонист Јури Хонинг, кој во својата музика ги синтетизира џезот, рокот, танцувачката и електронската музика.

Во петок, љубителите на смут-џезот ќе го имаат пред себе својот идол, еден од најдобрите гитаристи на сите времиња Лари Карлтон. Само колку за потсетување, Карлтон покрај одличните соло проекти, како студиски музичар соработувал со ѕвезди како Мајкл Џексон, групата СТИЛИ ДЕН, Џони Мичел и други, беше член на прославените КРУСЕЈДЕРС и подоцна ФОРПЛЕЈ, а 18 пати бил номиниран и три пати бил освојувач на престижната награда Греми.

По него, следува брилијантниот бразилски инструменталист на 10 жичана мандолина Хамилтон Де Холанда со неговиот квинтет, а длабоко во ноќта, во клубот Хард-рок, ќе ни пее неговата сонародничка Паула Мореленбаум. Таа на своето второ доаѓање во Скопје ќе ни го претстави актуелниот албум Telecoteco, една од најоригиналните и најсуптилните посвети на босановата во последниве неколку години.

Третата и последна вечер во Универзална сала ќе ја отвори белгискиот композитор и кларинетист Петер Вермеерш со својот оркестар ФЛЕРТ ЕРТ СОСАЈАТИ, потем следува настапот на уште една голема ѕвезда – пијанистката и вокалистка Патриша Барбер, која ќе го претстави својот последен проект The Cole Porter Mix, а клубската атмосфера со својата енергичност и фанкидност ќе ја обојат ЕТНИКС, последниот проект на чикашките волци, перкусионистот Кахил Ел Забар и саксафонистот Ернест Доукинс, на кои им се придружи легендарната пејачка Нона Хендрикс.
И, конечно, во недела, на сцената во салонот на МОБ, ќе ги проследиме настапите на норвешкото дуо Тригве Сеим и Фроде Халтли и потем на легендарниот гитарист и ексклузивец на ценетата германска етикета Еј-си-ем – Терје Рипдал кој со БЕРГЕН БИГ БЕНД ке го претстави својот последен албум Crime Scene , а во Хард-рок клуб, е планирано да настапат лондонските АРОНАС кои ветуваат експлозија на џез, денс, панк, соул, фанк и маори ритми.

Говорејќи за концептот на годинешното издание на СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ и воопшто на манифестација, Оливер Белопета вели:

„Гледаме прво да бидат музичари кои досега не настапувале во Скопје, да имаат актуелни проекти и се разбира нешто да значат на џез сцената“, вели Белопета.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG