Достапни линкови

Анализиата за зравството, темата за судството во рубриката Хајд Парк и прилогот за намерата на Владата за нов кредит од ММФ, меѓу најкоментираните на нашион сајт.

Анализата на здравството под наслов Здравството хронично болно, поттикна неколку коментари од вас, почитувани. Дали од лични сознанија, слушателот Љупчо од Пробиштип, кој очигледно ги следи и популарните телевизиски серии, прашува што стана со министрите и директорите кои набрзина се збогатија, купија вили, бесни автомобили и разни чуда? „Е, па сега, ај учи и студирај и чекај вработување со години!“, пишува Љупчо од Пробиштип и додава: „Е, батко Грујо, и ти и твоите сте исти со сите претходни! Ликовите од Долината на волците можат вода да ви носат. Само напред!“ - завршува со иронија нашиот слушател.

Слушателот потпишан со Зола од Скопје смета дека реформите во јавното здравство очигледно имаат за цел, како што пишува, демонтажа на истото во корист на приватниот сектор. Во прилог на своето тврдење, Зола ја наведува последната одлука на министерството за здравство за ограничување на изборот на медицинска установа и на лекар, според него, основното право на пациентот, за да се „натераат пациентите што помалку да ги користат услугите на јавното здравство, а, притоа, и натаму да го плаќаат здравствениот придонес. Значи, и волкот сит и овците на број, ама овците пак се во загуба!“, завршува Зола од Скопје.


Намерата на Владата да земе кредит од Меѓународниот монетарен фонд, за што информира и нашата редакциска информација, предизвикала и двајца слушатели на меѓусебен дијалог преку нашата веб-страница. Слушател потпишан со Бобо од Кавадарци смета дека „Сега е најдоброто време. Потребни се инвестиции во патната структура и сега е поволен момент за реализација на истите“, завршува Бобо. Нему му одговара Маја од Скопје која своето прашање: „Сега е најповолен момент???“ - го поткрепува со три прашалници. И додава: „А за време на криза беше најповолно да градиме споменици, а???“. Жанета од Скопје, новиот кредит од ММФ го коментира со извикот: „Е сега им текна...“

На прашањето во нашиот Хајд парк дали македонското судство е независно од политиката и дали судиите судат со еднаков аршин, има една нова интересна порака од слушател кој себеси се нарекува Конзул, а градот Конзулски: „Судството покажано и докажано. На господин Грујо му останува уште последниот бастион - Уставниот, како глочка во окото, но стопроцентно сум убеден дека - како што пишува Конзулот, „партискиот полтрон и пензионерски кандидат Маневски со веќе докажаните решенија ќе го среди, читај уништи, или ако сакаш, ќе го пикне в џеб. Убеденоста ја поткрепувам со... гледај околу себе што се случува, а не зјапај“, завршува нашиот слушател.

И да ве потсетам, почитувани, на нашата наградна игра за најдобра ваша фотографија, и за тоа дека првите 50 што ќе испратат фотографија што сметаат дека може и треба да ја видат повеќемина - ќе добијат награди од нашата редакција.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG