Достапни линкови

logo-print

Интервју - Бујар Османи


Постојано се зборува за некои апокалиптични сценарија, дека сите стручњаци одат во приватното здравство и дека со тоа јавното здравство ќе пропадне, што не е точно.

Деновиве сме сведоци на извештаите од контролата што ја направи министерството заедно со фондот во неколку здравствени установи. Кој би бил мотивот граѓаните да имаат доверба во јавното здравство кога не расчистило со злоупотребите во сопствените болници?

Акцијата која што ја почна министерството за здравство, фондот и неколку институции беше дел од еден сет на т.н. антикризни мерки што ги донесе владата во 2009 година, а имаше за цел да се одржи финансиската стабилност и покрај ефектите и на кризата и целта беше да се утврди, прво дали долговите кои што ги генерираа одредени болници се објективни, односно се поради тоа што имало зголемена побарувачка на услуги што е оправдано, бидејќи нашата девиза е дека секој граѓанин мора да ја добие услугата независно од условите што ги има болницата, односно буџетот или пак тие долгови се неоправдани поради лошо менаџирање и целта на таа акција е да се заштитат токму граѓаните, целта е да се гарантира дека парите на граѓаните се трошат наменски, дека осигурениците ја добиваат услугата која ја плаќаат и со тоа сигурно ќе се зголеми довербата кон системот.

Но, какви се вашите прогнози за завршување на процедурата со оглед на тоа дека можеше да се слушне дека повеќемина директори можат да завршат во затвор поради направените злоупотреби?


Контролата беше направена од неколку институции, секоја во својот дел и нашите констатиции главно беа во делот на непочитување на колективниот договор, нерегулирање на работниот статус на вработените, меѓутоа мислам дека квалификациите дека ќе завршат во затвор и дека има злоупотреби, се прерани и претешки, бидејќи сепак тоа треба овластените институции да го потврдат. Ние како министерство побаравме политичка одговорност, таму каде што утврдивме дека одредени долгови се креирани не заради тоа што имало зголемена побарувачка, туку поради тоа што несоодветно се менаџирало со ресурсите, меѓутоа во оваа фаза не би можеле да зборуваме за било какви злоупотреби, кривични дела или затвор бидејќи тоа сепак треба да се истражи.

Од друга страна се распиша конкурс за нов директор на Фондот за здравство. Колку е рационално да се издвојуваат средства за вршење на оваа функција на човек однадвор, со оглед на економската ситуација?

Мислам дека неможе така да се упростува целата работа, односно трошоците за директорот да се поистоветуваат со било кое лошо менаџирање во Фондот. Тоа е одлука на Влада, јас мислам дека во последните две години имавме добро искуство со двајца директори во Фондот и мислам дека треба да се повтори тоа искуство, односно да се најде менаџер кој што ќе ги пренесе искуствата и од странство во работењето со Фондот.

Од друга страна директорите побараа од министерството да одобри нови вработувања на клиничкиот центар каде во последно време добрите стручњаци заминуваат во приватното здравство поради подобри плати. Владата забрани нови вработувања поради антикризните мерки. Што планирате да направите?

На тие барања наместо да се одговори од мојот кабинет позитивно или негативно, јас решив дека со мојот тим ќе одиме и ќе ги посетиме сите болници и сите оделенија да разговараме со началниците на тие болници, со докторите што работат таму, со пациентите, менаџерите и да видиме кои се точно потребите за вработување на стручен кадар, да констатираме објективно дали има дефицит или суфицит и откако ќе ја поминеме целата држава подготвуваме сумарен извештај во кој точно ќе ги прецизираме недостатоците и даваме предлог на владата или министерството за финансии под итно да дадат согласност за вработување.

Какви ќе бидат последиците од тоа што добрите стручњаци во последно време заминуваат од Клиничкиот центар во приватното здравство?

Слушам во последно време дека постојано се зборува за некои апокалиптични сценарија дека сите стручњаци одат во приватното здравство и дека со тоа јавното здравство ќе пропадне, што не е точно. Флуктуацијата на здравствените работници е само процес кој што ја потикнува и зголемува конкуренцијата. Јавното здравство е сеуште единствениот расадник на кадри во здравството во Македонија и единствено место каде што се продуцира кадарот, флуктуацијата на тој кадар од друга страна пак е двонасочен процес кој што никој можеби не го потенцира, дека има можеби голем дел на здравствени работници од приватниот сектор кој што постојано поднесуваат барања да се вратат во јавниот сектор. Така што таа флуктуација ќе ја има се додека имате два сектори и ние тоа го потикнуваме бидејќи на тој начин се создаваат искуства, идеи и се зголемува конкурентноста.

Колку со реформите кои што требаше да донесат бенефит за граѓаните, всушност се оптоварија граѓаните. На пример, подготовка за операција на тешко болен се прави и во дел од приватните ординации бидејќи Клиниките не сакаат да го оптоваруваат својот буџет?

Тоа што сакам прво да кажам e дека ниту еден пациент не се враќа од болниците поради намален буџет. Така што тој начин на функционирање со интерклинички упати не е модел кој што е измислен во Македонија, така работат и приватните болници едноставно мора да се евидентира секоја услуга што се дава бидејќи тоа е единствениот начин да болниците после можат да ги фактурираат тие услуги, а ние работиме само на реорганизација на системот за услугата да се добие на место каде што живее и таа да се добие квалитетно.

Недостасуваат лекари и уште повеќе опрема во внатрешноста?


Јас често повторувам дека на оваа генерација падна товарот сите битки да ги води наеднаш. Значи истовремено да започнеме процес на реконструкција на болниците, коишто можеби се изградени по Втората светска војна и во нив ништо не инвестирано речиси 50 години, да направите нов концепт на планирање на кадарот, на реалоцирање и квалитетна дистрибуција на кадарот, да набавувате нова, врвна опрема којашто ќе ја сместите во болниците... Сето тоа се разбира има свои предизвици на тој пат и неможе да се очекува дека преку ноќ ќе се решаваат проблемите, меѓутоа битно дека се почнаа тие проекти, резултатите се видливи во голем дел од овие сектори, уште повеќе ќе бидат видливи во иднина.

Кои ќе бидат приоритетите во здравството во наредниот период?

Ние почнавме со нов закон за здравствена заштита, проект што се прави прв пат после независноста на Македонија и во кој нудиме сосема нов концепт на организирање на здравството, потоа нов систем на движење на пациентите низ системот кои што беа на некој начин како ,,црни дупки" во системот и причина за да се создаде еден вид на хаос, на талкање на пациентите низ системот. За жал тоа не е направено порано, но мислам дека со овој нов закон, со воведување на протоколите, на клиничките патеки, новата опрема, реконструкцијата, всушност даваме одговор на сите тие предизвици.

Кога станува збор за довербата, зошто граѓаните би имале доверба во јавното здравство кога преставниците на политичката елита ги користат услугите на приватното здравство или одат надвор од земјава?


Тоа сепак е индивидуално прашање. Ако ме прашате мене лично, јас ги користам секогаш услугите на јавното здравство, можеби затоа што цел живот сум дел од јавното здравство и ги знам квалитетите во него и никогаш не сум имал дилема. Се разбира ние како министерство го контролираме и јавниот и приватниот сектор и создаваме предуслови да се развие приватниот сектор. Приватниот сектор е добра основа за овозможување на конкуренција и квалитет во здравството, меѓутоа самиот факт дека 95% од услугите што се добиваат во државата, се добиваат во јавното здравство укажува дека граѓаните сепак имаат доверба во ситемот.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG