Достапни линкови

logo-print

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Митингот на СДСМ, реформите во пресрет на извештајот на ЕК, нови споменици, дел од темите во дневните печатени медиуми.

Сите медиуми го одбележаа митингот на опзиционата СДСМ во Прилеп, на 11 Октомври, се разбира секој од аспект на тоа како политички се ориентирани: дали кон Владата или кон опозицијата. ,,Време,, објави дека Црвенковски и СДСМ тргнале кон победа и го цитира лидерот на Партијата кој признал дека и во негово време имало криминал, но дека за разлика од него, Груевски не се борел против криминалот, туку го организирал. ,,Утрински,, оди со наслов дека Црвенковски го обвинил Груевски за лажен патриотизам и за манипулации со историјата, а ,,Дневник,, ги цитира зборовите на Црвенковски: ,,Ќе ги решиме Груевски и фамилијата,,. ,,Нова Македонија,, информирајќи за митингот, пишува дека ,,И Црвенковски се фати за филм од минатото,, а, пак, ,,Вечер,, оди со заклучокот дека граѓаните на Прилеп и на Македонија му дале ,,Црвен картон на Црвенковски,, со слабата посетеност на митингот. Инаку, во врска со самиот државен празник 11Октомври, речиси сите весници со куси написи, колку да помине редот, потсетуваат што значи за Македонија тој датум. Од своја страна, ,,Утрински,, во поширокиот осврт посветен токму на прославувањето на државниот празник, забележува дека ,,Константните искричења помеѓу власта и опозицијата од македонскиот политички блок не го заобиколија ниту овој државен празник, а од друга страна, евидентно беше дистанцирањето од чествувањата на партиите на Албанците,,. ,,Вечер,, на насловна го цитира вицепремиерот за евроинтеграции, Васко Наумовски, кој во пресрет на новиот извештај на Европската комисија дали земјава ги исполнила сите задачи потребни да се добие датум за преговори со Унијата, изјави дека и Брисел има одговорност за евроинтеграцијата на Македонија и доколку сите институции на ЕУ задолжени за заедничката надворешна политика дадат свој придонес за изнаоѓање решение за долгогодишниот проблем, Владата ќе им била благодарна. Некои медиуми овој став го протолкуваа како барање помош од страна на Македонија од ЕУ за решавање на спорот со името. Наспроти евроскептицизмот што, како што забележуваат повеќе медиуми во земјава, го шири актуелната власт, ,,Дневник,, објави телефонска анкета на Институтот за демократија ,,Социетас цивилис,, спроведена во првата седмица од месецов, во која 77,9 насто од анкетираните граѓани одговориле позитивно за влез на Македонија во Унијата. ,,Владата се загуби во споменичното лудило,, пишува ,,Време,, по најавата за уште еден, како што вели, мегаломански споменик на левата страна на Вардар, некаде кај црквата ,,Свети Димитрија,, кој по се изгледа требало да биде на таткото на Александар, Филип Втори.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG