Достапни линкови

Клинтон - Преговори ДА, но НЕ за косовскиот статус


Американската државна секретарка Хилари Клинтон и косовскиот премиер Хашим Тачи на денешната средба во Приштина
Американската државна секретарка Хилари Клинтон и косовскиот премиер Хашим Тачи на денешната средба во Приштина

Убеден сум дека дијалогот меѓу Косово и Србија ќе резултираат со интеграција на Косово и на Србија во НАТО и во ЕУ, изјави косовскиот премиер Хашим Тачи, по средбата со американската државна секретарка.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон денеска во Приштина ја повтори американската подршка за независноста на Косово. По средбата со косовскиот премиер Хашим Тачи, таа ги повика Србија и Косово да ги надминат несогласувањата.

„Некои работи како статусот, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово не се за дискисија. Но лидерите на двете земји мора да му пристапат на дијалогот со добра волја и со почитување на загриженоста на другата страна.“

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој е сопруг на државната секретарка, е многу популарен во Косово, поради бомбардирањето на Србија во 1999.

Клинтон им ја пренесе истата порака и на српските власти при вчерашната посета на Белград. Таа порача дека подобрувањето на односите меѓу Белград и Приштина ќе ја стават Србија на патот кон ЕУ.

Косовскиот премиер Хашим Тачи изрази оптимизам од исходот од евентуалните разговори Белград-Приштина.

„Убеден сум дека дијалогот меѓу Косово и Србија ќе резултираат со интеграција на Косово и на Србија во НАТО и во ЕУ.“





Косово е на листата на приоритети на САД


Политичарите и аналитичарите на Косово сметаат дека посетата на американскиот државен секретар Хилари Клинтон покажува дека Косово повторно станува еден од приоритетите во агендата на американската дипломатија.

„Посетата на госпоѓа Клинтон е од големо значење за Косово и за процесите што се одвиваат во регионот, но особено за Косово каде што наскоро ќе се одржат избори и ќе почнат преговори со Србија што ги подржуваат и Европската унија и Соединетите Држави“, вели Џавит Халити, член на претседателството на Собранието на Косово од Демократската партија.


Од друга страна, еден од претставниците на Србите во Грачаница, Рада Трајковиќ смета дека турнејата на Клинтон е со цел Вашингтон да направи свој план за просторот на поранешна Југославија и затоа таа ги посетува подрачјата кои се можни фактори на дестабилизација.

„Мислам дека потоа можеме да очекуваме нешто што подразбира политика на Америка и начинот како таа да се вклучи во процесите, особено на Косово. Со оглед дека Обединетите нации и дадоа на Европската унија улога на главен модератор, најверојатно Америка сега сака да ја дефинира својата стратегија.“

Посетата на госпоѓа Клинтон е од големо значење за Косово и за процесите што се одвиваат во регионот, но особено за Косово каде што наскоро ќе се одржат избори и ќе почнат преговори со Србија.

Клинтон во Белград се заложи за почеток на дијалогот меѓу Србија и Косово и оти тоа позитивно ќе влијае врз односите на Белград со соседите, со Европската унија и со Соединетите Држави. Охрабрувајќи ги аспирациите на Србија кон Унијата, Клинтон изјави:

„Ниту една држава нема да добие повеќе од Србија. Членство во Европската унија може да помогне за трансформација на српската економија и да го води целиот регион во Европа.“

Од своја страна, српскиот претседател Борис Тадиќ повтори дека Србија нема да ја признае независноста на Косово, што пак, како што рече, не значи дека и не може да се разговара:

„Ние не сакаме одлагање на дијалогот, туку негов почеток, бидејќи само преку дијалог можеме да го решиме историскиот конфликт кој постои меѓу Србите и Албанците повеќе од 150 години“, изјави Тадиќ по средбата со Клинтон во Белград.

Претходно таа беше во Сараево каде што ги повика тамошните лидери да ги надминат разликите и да спроведат политички реформи или во спротивно, како што рече, ризикуваат да останат зад евроатлантските интеграции.

Американскиот државен секретар со денешниот престојот во Приштина ја завршува турнејата по Балканот по што заминува за Брисел на разговори со Европската унија и на состанок со министрите на НАТО.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG