Достапни линкови

Стотина повредени на геј-парадата во Белград


Полицајците апсат противник на парадата

Полицајците апсат противник на парадата

Хомофобичните хулигани сакаа да ги нападнат учесниците на геј-парадата во Белград. Подебелиот крај го извлекоа полицајците што ја обезбедуваа парадата.

Повеќе од 120 луѓе се повредени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите што сакаа да ги нападнат учесниците на геј-парадата, соопштува српското министерство за здравство. Најголем број од повредените се полицајци.
На болничко лекување се задржани двајца граѓани и еден полицаец.

Хомофобичните демонстранти се обиделе да влезат и во белградскиот клинички центар, јавува агенцијата Бета. Запалени се многу контејнери и оштетени се бројни автомобили. Запален е дел од зградата каде што се наоѓа седиштето на Демократската партија на Србија на претседателот Борис Тадиќ, каменувана е зградата на Српската радио и телевизија, а бројни дуќани во центарот на Белград се ограбени.

Градоначалникот на Белград Драган Ѓилас изјави дека материјалната штета што ја предизвикаа хулиганите на улиците на Белград се проценува на околу еден милион евра.

Полицијата привела 207 хулигани, а за 100 од нив е одреден притвор.

Српскиот претседател Борис Тадиќ ги осуди насилствата и вандализмот на улиците на Белград и нападите врз припадниците на полицијата и ја потврди одлучноста на државата во заштитата на правата на сите граѓани на Србија без оглед на нивната различност.

Реагираа и речиси сите политички партии во Србија, а насилствата ги осуди и партијархот на СПЦ, Иринеј.

Инцидентите почнаа уште пред да почне собирањето на учесниците на парадата, и покрај огромното присуство на полицијата. Главните улици во центарот беа затворени за сообраќај уште од 4 часот изутрината.

Екстремни десничарски организации и навивачи на фудбалските клубови ја каменуваа полицијата што ја обезбедуваше парадата. Тие сакаа да ги пробијат полициските кордони и да стигнат до учесниците на парадата.


Поворката во која имаше околу 1000 луѓе, меѓу кои и познати јавни личности, ја заврши прошетката по белградските улици, а пардадата продолжи во Студентскиот културен центар. Учесниците во маршот извикуваа пароли како „Солидарно против фашизмот“.
По завршувањето на забавата во Студентскиот културен центар, полицијата ги превезувала учесниците на парадата до нивните домови, за да ги заштити од напади.

Во инцидентите е полесно повреден и новинарот на Радио Слободна Европа Џемс Кирчик, додека се обидувал да ги фотографира противниците на парадата што се расправале со полицијата.

„Тргнав кон полицијата да фотографирам и еден човек ми пријде, се обиде да ме удри, ми го зема апаратот и избега. Не знаш што се случило со него потоа. Сега сум добро, имам мала гребаница над окото, но се е во ред“, вели Кирчик.

Изутрината дел од српските медиуми објавија дека еден од организаторите на геј-парадата, Бобан Стојановиќ е претепан, но таа информација е демантирана.

Парадата под мотото „Да шетаме заедно“ е организирана од Гејстрејт алијансата и Квирија центарот од Белград. Во прошетката учествуваа шефот на делегацијата на ЕУ во Србија Венсан Дежер, шефот на мисијата на ОБСЕ, Димитрис Кипреос, шефот на делегацијата на Советот на Европа, американската амбасадорка Мери Ворлик, како и други јавни личносити од политиката и културата.

Учесник во парадата

Дел од странските медиуми објавија анализи, според кои успешното одржување на парадата е тест за српската демократија.

Хулиганите ги претепаа учесниците на геј-парадата во Белград во 2001 година. Минатата година, и покрај најавите, парадата не се одржа поради стравување за безбедноста на учесниците.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG