Достапни линкови

Интервју - Кристофер Ивон


Се надевам дека проблемот со името ќе се реши што е можно побргу. Сметам дека за тоа ќе бидат потребни лидерство, флексибилност и посветеност на вклучените страни, вели британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре, кој е официјалниот став на британската влада во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција?

Ви благодарам многу на прашањето. Се надевам дека проблемот со името ќе се реши што е можно побргу. Сметам дека за тоа ќе бидат потребни лидерство, флексибилност и посветеност на вклучените страни и се надеваме дека наскоро ќе се дојде до решение.

Во изминативе неколку години евидентно е дека британската влада го подржуваше процесот на проширување на Европската унија. Кој е ставот на актуелната британска влада во врска со овој процес? Како се вклопува актуелниот спор меѓу Македонија и Грција во сето ова?

Британската влада силно го поддржува членството во Европската унија на сите земји од западниот Балкан. Тоа е нешто кое директно е вклучено во целите на надворешната политика на британската влада, кои се однесуваат на обезбедување просперитет и безбедност на целиот европски регион. Затоа ние долго и цврсто ги поддржуваме земјите од западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Секако, Европската унија работи со консензус и од тука, консензусот е потребен за на Македонија да и се овозможи оној последен чекор во Унијата. Сепак сметам дека досегашниот напредок и позитивните препораки кои излегоа од извештајот на Европската комисија минатата година, се причина за прославување.

Го споменавте извештајот на Европската комисија. Судејќи по тоа што се случува во Република Македонија во изминатиов период, од последниот извештај, што може да се очекува од следниот извештај на Европската комисија?

Не знам каква ќе биде содржината на извештајот. Очекувам дека во него ќе се препознаат областите во кои е постигнат напредок во изминативе 12 месеци, но очекувам дека во извештајот ќе се идентификуваат и областите каде што е потребен поголем напредок. Затоа, мислам дека ќе видите избалансиран извештај во кој ќе се забележат постигнатиот напредок и областите каде што се потребни дополнителни напори.

Во скоро време е и самитот на НАТО. Што може да се очекува на тоа поле?

Постои јасна врска меѓу многуте реформи кои се потребни на патот кон членството во НАТО и реформите кои се потребни за членство во ЕУ. На самитот на Алијансата стана јасно дека Македонија може да стане членка на НАТО откако ќе се пронајде решение на спорот со името. Сметам дека токму тоа се претвори во влијателен фактор за временската рамка за членство во Алијансата.

Според Ваша проценка дали се дава предност на влезот во Европската унија пред НАТО интеграциите на Македонија?

Сметам дека треба да ги прашате жителите на Македонија како тие ги гледаат двете институции. Мојата влада силно го поддржува членството на Македонија и во НАТО и во Европската унија. Станува збор и за сигурност и за напредок. Сметам дека двете институции можат многу да и помогнат на Македонија и сметам дека има придобивки од членството на Македонија.

Во последно време, дел од македонските медиуми пишуваат за некои британски инвестиции кои никогаш не се случиле. Конкретно, ова се однесува на General Dynamics. Како ја оценувате климата за инвестиции во Република Македонија, барем од аспект на британските инвеститори? Дали се тие подготвени да инвестираат во земјава?

Сметам дека постои интерес. Јас разговарав со британски комерцијални компании пред да дојдам овде. Во првите шест недели откако пристигнав, си поставив цел подобро да ја разберам организираноста на овдешната средина за можно привлекување на британски бизниси. Би сакал луѓето да забележат дека Британија е отворена за бизнис и дека споделувањето на комерцијални активности меѓу Обединетото Кралство и Македонија би биле одличен начин за придвижување од финансиската криза. Од аспект на тоа што бараат британските инвеститори овде, сметам дека тие ги бараат истите работи кои им се потребни кога размислуваат за инвестирање во која било земја. Станува збор за три принципи: предвидливост, јасност, и фер услови. Кога инвеститорите гледаат дека во земјата тие принципи се воспоставени, тоа им дава доверба дека можат да инвестираат. Затоа ги охрабрувам британските компании да видат дали ги има тие можности овде, и ги охрабрувам реформите за евроинтеграции кои би помогнале да се потврди постоењето на соодветна атмосфера.

Дали потенцијалните британски инвеститори со кои сте разговарале посочувале одредени пречки во врска со инвестициите? Дали можеби пречка за инвеститорите е фактот што Македонија не е во евроатланското семејство?

Мене лично не ми потврдиле, но сфаќам дека ако јас сум инвеститор, за мене би било важен фактор земјата да биде членка на ЕУ и НАТО. Со тоа би се покажало дека има степен на хармонизација на бизнис практиките и економските закони, кои задоволуваат разбирливи стандарди. Ако ја погледнете Европската унија, нејзината сила лежи во тоа што членовите ги разбираат правилата кои се заеднички и бизнисите не мора да почнуваат од ништо, трудејќи се да разберат каква е средината. Затоа сметам дека посветеноста кон зачленувањето во ЕУ дава дополнителна доверба. Не мислам дека во моментов има недостиг на доверба.

По падот на шенгенскиот ѕид за македонските државјани, се актуелизираше прашањето за укинување на британските визи. Дали има планови?

Тоа не е очекување кое јас го споделувам. За сега нема тековни планови за промена на визниот режим. Читав некои написи во Обединетото Кралство пред да започнам со мојот амбасадорски мандат овде, во кои се наведуваше дека доаѓам со експлицитна мисија да започнам преговори, но морам да кажам дека тоа воопшто не е случај. Можам да кажам дека овде имаме првокласен визен сервис. Јас бев во чекалната за да видам какви се услугите за клиентите. Голем дел од визите се издаваат во предвидениот временски период и во многу случаи визите се одобруваат. Значи имаме екстремно ефикасен и ефективен сервис овде.

Минатата недела, Британската амбасада промовираше брошура за Европската унија за ученици од основно образование. Кои други проекти и активности ги има Британската амбасада во поглед на граѓанското општество, економија политика...?

Мило ми е што ја споменавте брошурата за ЕУ бидејќи ми беше драго да го посетам училиштето во Скопје, да се сретнам со децата и да разговарам со нив за тоа како Европската унија лично ми влијаеше на животот и дека се надевам оти влијанието ќе го има и во нивните животи. Ми беше вистинско задоволство што тоа го направивме со вицепремиерот. За други проекти, би рекол дека ги има многу, но тоа што морам да го посочам е дека тие навистина се рефлектирани на области кои се идентификувани во извештаите за напредок на ЕУ. Навистина сме подготвени да работиме заедно со Македонија и да помогнеме во остварувањето на европските аспирации на земјата. Значи активностите се насочени кон законите, кои треба да имаат соодветно влијание и проценка на ефектите. Кога се воведува некој закон, се гледа како тој ќе биде имплементиран и се гледа на пошироките импликации од законот. За тоа се потребни анализи. Имаме и проекти со парламентот, за поддршка на контролата на ефективноста на институцијата. Тоа строго се контролира во Обединетото кралство. Исто така работиме на поддршка на вработените, имено на елементот на човечки ресурси во парламентот. Имаме и проекти за подобрување на затворскиот систем во Македонија, а се разгледува и системот за условно ослободување во земјата. Значи има многу проекти на кои активно работиме, но би рекол дека сите се насочени кон поддршката која ние можеме да и ја обезбедиме на Македонија за да ги оствари своите европски цели.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG