Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини...

Весници, магазини...

„Груевистичката врхушка ја голтна државата“ е темата во Глобус. Фокус донесува тема под наслов „Соработниците на Ахмети се албански патриоти или српски шпиони?“. Форум, пак, се занимава со посетата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на Брисел.





Глобус - Дали ВМРО-ДПМНЕ е партија со опасни намери?


„Има ли систем во пропаѓањето на Македонија?“ - е едно од прашањата што најновиот број на Глобус го поставува уште на својата насловна страница. Неделникот поставува уште едно прашање: „Дали ВМРО-ДПМНЕ е партија со опасни намери?“, за во носечкиот наслов на насловната да констатира дека: „Груевистичката врхушка ја голтна државата“. За да ги поткрепи овие прашања - тези, всушност, Глобус консултира повеќемина видни домашни интелектуалци, едни од ретките кои се решаваат да го искажат
Има ли систем во пропаѓањето на Македонија?
своето мислење за актуелните внатрешно-политички состојби што се рефлектираат и врз македонската надворешно-политичка поставеност. Веќе во 2007 стана јасно дека Груевски ја води Македонија, не кон европска иднина туку кон балканското минато, кога Македонија беше територија, а не држава. Значи, налево круг и марш назад во предасномска неизвесност, смета Владимир Милчин. Македонија пред пет-шест години беше промотор на европското интегрирање, а сега се вбројува во 20 најсиромашни европски држави, смета Мерсал Биљали, а Ивица Боцевски кажува дека закочувањето на процесот се случува во Секторот за евроинтеграции затоа што луѓето обучени да ја вршат оваа работа се маргинализираат. Ѓунер Исмаил, пак, за Глобус вели дека се' што прави ДПМНЕ на декларативно ниво има свое друго лице.

Фокус - Соработниците на Ахмети се албански патриоти или српски шпиони?

Фокус, на насловната го поставува интригирачкото прашање: „Соработниците на Ахмети се албански патриоти или српски шпиони?“. Во уводниот текст, неделникот информира дека анонимен доставувач на редакцијата и' испратил две досиеја за личности од највисокиот врв на ДУИ од архивите на поранешната заедничка држава во Белград, каде што се кријат имињата на соработниците на КОС и на УДБА во Македонија, тврди Фокус. Досиејата тешко ги компромитирале двајцата блиски соработници на Али Ахмети, а дали се тие веродостојни останува да утврдат нашите надлежни институции, пишува неделникот. Фокус констатира дека доколку власта навистина ја интересира вистината, лустрацијата не смее да продолжи, а не, пак, веќе и да привршува без барање до Белград за пристап до досиејата на шпионите од „нашите редови“.

Форум - Во Брисел по задачи!

Во најновиот број, Форум ја анализира неодамнешната посета на коалицискиот партнер на Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети на Брисел. Неделникот, според партиските брифинзи, ги наведува трите точки за кои Ахмети разговарал со своите соговорници од Унијата - за притисоците од страна и на македонската и на албанската опозиција за напуштање на Владата, потоа, за нивното прескокнување од страна на македонскиот партнер во власта за неколку клучни проекти, и на крај, за спорот со името и што по ноемврискиот самит на НАТО. „Во Брисел по задачи!“ е насловот на оваа анализа која завршува со забелешката дека посетата на Ахмети на Брисел нема ништо суштински да промени во пишувањето на извештајот за Македонија, ниту во подготовките на агендата на ноемврискиот самит на НАТО, бидејќи и двете работи, веќе одамна е јасно, треба да се завршат не во Брисел, туку дома.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG