Достапни линкови

Ваши коментари


Во Македонија има вистински сиромашни, но и фолиранти. Главно со ваква забелешка се коментарите од нашите слушатели за најновата тема во Хајд Паркот ,Дали во Македонија постои вистинска сиромаштија?“

Кој ли е во право, се прашувам, откако ги читам вашите коментари, почитувани, во врска со новото прашање во Хајд паркот на Радио Слободна Европа: „Дали во Македонија постои вистинска сиромаштија или граѓаните се жалат неосновано?“ И во нашата видео-анкета и на нашава веб-страница има категорични тврдења дека во земјава има навистина сиромашни луѓе, но има и некои кои сметаат дека има, како што вели еден слушател, фолиранти.

Можеби Соња од Охрид ја кажува најобјективната вистина. Имено, Соња пишува дека само тие што не сакаат да видат не гледаат дека постои сиромаштија, а за тоа е крива власта, без разлика за која влада станува збор, од 91-та па наваму. Дали е плата 7 илјади денари, прашува Соња и смета дека некој го прави будала овој народ со податоците дека просечната плата била 18 илјади денари. Македонија има сиромаштија, пишува Гоце Македонски од Ресен, но има и луѓе кои не сакаат да работат. Гоце се прашува како ќе живеат идните генерации, затоа што денешниве, вели, живеат како во народната „тате носи, мама меси“. Гоце Македонски поентира со мислата дека расипаното општество создава расипани луѓе и дека треба реорганизација на системот на вредности.


Некој Јаковлевски од Скопје не кажува дали во земјава има вистинска сиромаштија, ама предлага да се реши проблемот со непријавените вработувања во рестораните, кафулињата, во текстилната индустрија, градежништвото... и вели, имало илјадници вработени кои се воделе како социјални случаи. Дали со тоа сака да каже дека во Македонија нема сиромашни граѓани, не знам, ама, се чини, некој наш слушател потпишан со Мики е ептен во право.

Во Македонија има сиромаси и фолиранти, а во продолжение на коментарот му се обраќа на нашиот слушател Миле од Охрид кој, инаку редовно испраќа свои коментари и си го кажува мислењето на нашава веб-страница, па така и за ова прашање. Со таа разлика што господин Миле од Охрид ни забележува дека сме поставувале, како што пишува, глупави прашања и, според него, нарачани теми за коментирање. Требало да ги поставуваме вистинските прашања, за, цитирам, „грчките шовинистички барања кои влијаат на можностите Македонците да се вклучат во европскиот слободен пазар каде со своите способности ќе се избават од сиромаштијата“. Миле од Охрид смета и дека Радио Слободна Европа не е слободен медиум и дека спроведува уредувачка политика на работодавецот. Затоа нашиот слушател Мики пишува: „Господин Миле во секоја манџа ја ставаш Грција. Аман братче, пишува Мики, ако некој најмногу краде тоа се нашиве ајдуци, а од нив најмногу боли“.

Дали во Македонија има вистинска сиромаштија или луѓето неосновано се жалат? Коментирајте тука.


Хајд Парк - Вистинска или лажна сиромаштија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00



  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG