Достапни линкови

„Кавга меѓу вмровците“, „Кој е шпионот од тројцата бивши потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ“, “Лустрациска фарса“ - Дел од насловите во неделниците.

Писмото-бомба од Љубчо Георгиевски до Никола Груевски за криењето на таканаречените кодоши во ВМРО-ДПМНЕ ја разбранува јавноста. На сцената е драмата со наслов „Кавга меѓу вмровците“, заедно со прашањето дали Македонија некогаш ќе собере сили да расчисти со црните точки од својата историја?

Фокус - Кој е шпионот од тројцата бивши потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ?


Главната сторија на Фокус е насловена: „Кој е шпионот од тројцата бивши потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ?“. Неделникот пишува дека согласно описот и пописот што Љубчо Георгиевски го наведе во писмото до Груевски, се обидува да го стокми фотороботот на наводниот вмровски кодош. Потпретседатели на партијата кои биле и министри во Владата на Георгиевски се Доста Димовска, Борис Стојменов и Марјан Ѓорчев. Сите тројца потоа беа во конфликт со Георгиевски и формираа свои партии кои немаа никаков успех на изборите. Сите тројца сега се со Груевски, арно ама, само еден од нив сега е и
Кој е шпионот од тројцата поранешни потпретседатели на ВМРО ДПМНЕ
пратеник, извикува Фокус, па констатира дека кодошот го знаеле Љубчо, Грујо... и половина Македонија. Во истовреме, за Фокус останува енигмата дали ВМРО-Народна ќе продолжи да притиска или Георгиевски смета дека со ова ја завршил работата наспроти Груевски, кому му ја припишува моралната и политичката одговорност за блокадата на лустрацијата и дали потпретседателите и натаму мудро ќе молчат?

Форум - Лустрациска фарса

Во најновиот број, Форум, за истава тема во насловот констатира дека се случува „Лустрациска фарса“. Македонија е на добар пат од лустрацијата да направи фарса и дека некој мора да ја слушне Комисијата која во секој извештај им пишува на пратениците дека законот е недоречен. Форум, со прашалник и во рамка објавува дека според Комисијата за лустрација, меѓу функционерите немало шпион, поточно оти тапија дека не биле соработници на тајните служби добиле 324 високи државни функционери, судии и директори, наведувајќи податоци дека во Бугарија, на пример, биле откриени со име и со презиме за шпиони еден претседател, премиер, судии, новинари...

Глобус - Урко и Ален - ѕвездите на тајната служба

Глобус, во најновиот број, исто така, зачнува една особено актуелна тема деновиве кај нас: Кои се луѓето од најблиското обезбедување на врвот на државно-претседателската врхушка, дали се соодветни за своите улоги, дали се доволно и со потребното образование и обука потковани, поради засиленото излегување на информации за вмешаност на тие луѓе во криминални активности. „Урко и Ален - ѕвездите на тајната служба“, ја насловува неделникот статијата, за да резимира дека типовите како Урко, личното обезбедување на премиерот и Ален, кој е шеф на обезбедувањето на Сашо Мијалков, формално државни службеници, треба да упатуваат порака која може да се чита и како - или сте со нас или... Глобус поставува две прашања: Каде е црвената линија меѓу политиката и бизнисот, често и со сомнителна легалност и дали „коцкастите“ се врската меѓу тие сфери и како Мијалков е присутен секаде каде што треба да се одлучува за нечија политичка кариера и дали преку своите телохранители, всушност, може да знае се' за политичарот кој е чуван?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG