Достапни линкови

Дневен печат


Медиумите изминатава недела главно се преокупирани со македонско-грчките преговори во Њујорк, а како вистинска бомба одекна отвореното писмо на Георгиевски до Груевски.

Како вистинска бомба го презентираа некои телевизии во средата отвореното писмо на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски до актуелниот лидер на партијата и премиер Никола Груевски во кое го обвинува дека тој и неговата партија ги криеле кодошите во своите редови и го спречуваат процесот на лустрација. Од вообичаената новинарска професионална шема – да се презентира прво информацијата, во случајов писмото, а потоа да се коментира, отстапува Вечер, кој прво објавува коментар со навредлив тон против Георгиевски, а потоа причината за тој коментар. „Монти Пајтон се враќа“, гласи насловот на овој коментар во Вечер.

Медиумите во изминатите денови се главно преокупирани со новиот чин во драмолетката македонско-грчки препукувања по повод редовното заседание на ОН во Њујорк, настапот на претседателот Иванов пред светската асамблеја, средбите со Нимиц, оди-не оди тактиката на премиерот Груевски… Дневник, во коментар во врска со овие настани пишува дека посредникот Нимиц е парализиран и дека процесот на преговарање е умртвен. Сегашното статус кво не води никаде, компромис нема, НАТО и ЕУ нема… Има само зголемена сиромаштија и разуздана власт без контрола, резигнирано коментира Дневник, во колумната со наслов „Празно место“.

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц

„Скопје и Атина како сонце и месечина“, вели во насловот Нова Македонија, а Утрински со наслов „Вербална војна меѓу Атина и Скопје“ им забележува на политичарите од двете земји дека наместо во Њујорк да преговараат, тие жестоко се препукуваат. Настапот на Иванов во Њујорк, при што тој ја обвини Грција за економското назадување на Македонија, Утрински го оценува како „политичко салто мортале“ на претседателот на државата.

Време е преокупирано со информациите дека Владата подготвува закон со кој ќе се укине Агенцијата за разузнавање и дека претседателот на државата ќе ги изгуби своите ингеренции во разузнавањето и ќе се претвори буквално во безгласна буква, а сите разузнавачи ќе му седнеле во скут на премиерот.

Деновиве економијата е во втор план поради политиката, но сепак, Утрински алармира дека македонските фирми масовно одат во банкрот, поточно дека бројот на компаниите во стечај во шесте месеци од годинава е зголемен за 120 отсто во однос на истиот период лани, а Дневник коментира: „Данок на празен екран“ во врска со воведувањето наплата на радиодифузната такса и на други долгови на граѓаните спрема државата преку Управата за јавни приходи, и прашува како тоа ќе се одрази меѓу 31 отсто сиромашни граѓани и илјадници други кои живеат на работ на сиромаштијата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG