Достапни линкови

Вистински развој, а не само пари


Американскиот претседател Барак Обама објави промена на начинот на кој Соединетите Држави ќе им даваат помош за развој на сиромашните земји. Тој ова го изјави на самитот во Њујорк посветен на борбата против сиромаштијата во светот на кој лидерите ветија 40 милијарди долари за справување со смртноста на мајките и нивните деца.

Во обраќањето на самитот на Обединетите нации за Милениумските развојни цели Обама прецизира дека Соединетите Држави во иднина помалку ќе се концентрираат на давање пари, а повеќе на вистинска помош за напредок на сиромашните.

„Значи, да го оставиме стариот мит дека развојот е само добротворна помош која не им служи на нашите интереси. И да го отфрлиме цинизмот со кој се вели дека некои земји се осудени на вечна сиромаштијата.“

Затоа, како што изјави Обама, Вашингтон ќе се обиде да им помага како да постигнат поголемо владеење на правото, транспарентни институции и почитување на човековите права.
Целта на развојот, она што сега е најпотребно е создавање услови каде што помошта веќе нема да биде потребна. Значи ќе бараме партнери кои сакаат да ги развијат сопствените капацитети. Ќе се залагаме за развој кој ќе биде
одржлив.


„Но, целта на развојот, она што сега е најпотребно е создавање услови каде што помошта веќе нема биде потребна. Значи ќе бараме партнери кои сакаат да ги развијат сопствените капацитети. Ќе се залагаме за развој кој ќе биде одржлив.“

Тоа, според Обама, подразбира користење на дипломатијата, трговијата, политиката на инвестирање и на други ресурси. Обама додаде дека земјите кои транзитираат од војна кон мир и од авторитаризам кон демократија ќе бидат идеални кандидати за таквата американска помош.

„Ниедна нација не може да стори се и секаде и уште тоа да го прави добро. За да ги постигнеме нашите цели мора да бидеме поселективни и да ги фокусираме нашите напори онаму каде што имаме најдобри партнери и каде можеме да имаат најголемо влијание. Но тоа не може да го постигне само една влада.“

Обама нагласи дека Соединетите Држави се уште имаат намера да бидат лидери во светот во давањето итна помош за земјите на кои таа им е потребна. Претседателот Барак Обама повтори дека Соединетите Држави ќе ги одржат своите ветувања и оти ќе ја дадат веќе ветената помош.


„Би рекол дека некои во богатите земји би можеле да се запрашаат зошто ни е самит за развој кога и нашите економии имаат проблеми, луѓето се без работа, а семејствата едвај составуваат крај со крај. Одговорот е едноставен, во глобалната економија, дури и најсиромашните земји можат да придонесат за просперитетот и безбедноста на луѓето, далеку од нивните граници, вклучувајќи ги и Американците.“

Извори во Вашингтон велат дека новата обамина политика за глобален развој е на врвот на американската надворешна агенда и во неа меѓународниот развој се третира како прашање поврзано со американската национална безбедност.

Тридневниот самит за милениумските цели во борбата против сиромаштијата заврши со заложбата дека ќе бидат собрани 40 милијарди долари кои во наредните пет години ќе бидат наменети за спасување на околу 16 милиони мајки и деца.

Но, економската криза покрена сомневања дека оваа цел не ќе може да биде и остварена.

Сепак, како што на крајот од самитот изјави генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун, кризата не е изговор да се откажеме од нашите напори, туку ја нагласува потребата за дејствување.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG