Достапни линкови

„Етно соба“


Македонска народна носија во ,,Етно собата"

Македонска народна носија во ,,Етно собата"

Околу 30 прилепски домаќинки трудољубиво колекционираат македонски народни носии и имаат подготвено изложба за да не се заборави културното наследство.

Прилепчанката Љуба Петреска негува голема љубов кон македонската традиција, кон сето она што го наследила од своите предци. Вели дома чувала многу народни носии, везени чаршафи, плетени тантели со фолклорни мотиви, кои некогаш ги краселе одаите, а денес младите воопшто не ги користат. За да не падне во заборав целата убавина на македонскиот фолклор зачувана во народните носии, кои се ткаеле за секоја пригода, оваа жена одлучила да направи изложба која ќе може да ја посетуваат сите граѓани и да се запознаваат со своето
Ние кога се сретнуваме на нашите средби во овој дом, прекрасно се чувствуваме затоа што некогаш мајките ги имаа овие наши килими, наши плетеници, везаници, овие плетеници од времето кога имало миндерлаци.
културно наследство.

Идејата на Петреска им била интересна и на други прилепски домаќинки. Тие формирале здружение и веќе 4 години грижливо, трудољубиво го колекционираат македонското народно наследство од прилепко-битолско-ресенскиот крај. Околу 30 жени од сите возрасти, не само што ги донеле зачуваните рачни трудови од домовите, туку подготвиле изложба со наслов „Етно-соба“.
Во прекрасен амбиент еднаш во неделата сите доаѓаат на средби збогатувајќи ги експонатите.

„Ние кога се сретнуваме на нашите средби во овој дом, прекрасно се чувствуваме затоа што некогаш мајките ги имаа овие наши килими, наши плетеници, везаници, овие плетеници од времето кога имало миндерлаци“, вели Љуба Петреска, која е претседател на здружението на жени Мајка Традиција.

Поставката денес брои повеќе од 1000 експонати, изработени од дрво, метал, волна, памук... Тоа се бројни предмети кои го отсликуваат во целост начинот на живот на генерациите дури и пред два века. Почнувајќи од дрвените садови каде се сеело брашното, па до најскапите невестински фустани кои биле украсени со монистра, сребрени пари. Од плетените завеси како декор на прозорците и долапите, па се до ткаените волнени килими со фолклорни мотиви - во етно-собата се е изложено, во знак на почит кон минатото, кое треба да биде влог во иднината.

„Дали било и рамче, дали било јамболија, дали било везена облека, сето беше од рака извадено“, вели Пандора Ризоска.

Таа се сеќава дека некогаш домаќинките ткаеле, плетеле, везеле со денови и ноќи, затоа овие експонати имаат непроценлива вредност. Иако и од домашни и од странски туристи има голем интерес за продажба на ова културно наследство, здружението Мајка Традиција е категорично во ставот дека поставката е трајна, може само да се збогатува со нови експонати, но ништо нема да се продава. Членките на ова зружение грижливо секоја недела, со свои средства ја одржуваат поставката.

„Со спрејови ги прскаме, цело лето ги изнесуваме надвор, ги истресуваме, ги тресиме и се одржуваат, ги пегламе некои, се перат на ново“, вели Мица Игеска, која оддвоила една просторија од нејзината куќа каде што е изложена оваа поставка.

Но, со оглед на се поголемиот интерес на туристите да ја посетуваат изложбата, од здружението сметаат дека треба и градот да им помогне, да добијат една просторија каде што ќе биде сместено ова културно наследство кое е доказ за животот на Македонците од Прилеп, Крушево,Битола, Ресен и Поречието. Тие се надеваат дека ќе им се исполнат ветувањата добиени од локалната самоуправа дека во новата општинска зграда, чија изградба е во тек, една просторија ќе биде резервирана за оваа трајна поставка.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG