Достапни линкови

Во „рокенрол џихад“ против Талибанците


Суфи-рок ѕвездата Салман Ахмад
Суфи-рок ѕвездата Салман Ахмад

Пакистанската рок-ѕвезда Салман Ахмад, веќе неколку години, како што вели, води „рокенрол џихад“ против „идеологијата што промовира омраза“. Музиката, посочува тој, е моето оружје во борбата против талибанците.

По шестгодишен престој во САД, во 1982 година, тогаш 19-годишниот Ахмад се вратил во родниот Пакистан. Со парите што ги заработил чистејќи ресторани и продавајќи весници, тинејџерот си купил електрична гитара. На една манифестација за откривање на таленти во Лахоре, Ахмад почнал да свири песна од рок-групата Ван Хален. Одеднаш, припадници на исламистичка студентска организација, кои се однесувале како музичка полиција, дошле до сцената. Еден од студентите се качил на бината, и му ја искршил гитарата на парчиња. Тоа беше момент на пресврт во мојот живот, момент кога решив да тргнам во рокенрол џихад против насилната идеологија, се присеќава Ахмад.


„Талибанците, односно нивниот поглед на исламот, воопшто не е ислам. Исламот не те учи да убиваш невини жени, деца и мажи. Исламот не те учи да извршиш самоубиство. Тоа е арам, тоа е забрането.“

Денеска, Ахмад е една од најголемите музички ѕвезди во Пакистан и во јужна Азија. Неговиот бенд Џанун продава милиони албуми и свири пред стотици илјади луѓе на преполните стадиони во јужна Азија, Блискиот Исток, Кина, Јапонија, но и во западноевропските земји. Тој е и амбасадор на добрата волја на ОН. Ахмад е првиот Пакистанец, што во 2007 година, настапуваше на церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир во Осло.

Салман Ахмад на концерт

Ахмед е приврзаник на мистичното, суфистичко учење на исламот. Рок-музиката ја засакал преку бендовите Лед Цепелин, АЦ/ДЦ и Ван Хален, додека бил во Америка. Неговата музика, која тој ја нарекува суфи-рок, е комбинација од овие две работи, суфизмот и рокенролот.

Многумина конзервативни свештеници во Пакистан не се импресионирани од мешањето на суфизмот и западната музика и ја нарекуваат неговата музика неисламска. Тој вели дека цврстата вера во суфизмот му дава сила во борбата против екстремистите.

„Многупати сум добивал смртни закани. Пред две години, Џанун го одржа првиот концерт во Сринагар во Кашмир. Милитаните рекоа, ако дојдеш ќе те убиеме. Си реков, ако се повлечам пред заканите и ако се уплашам, тие победиле. Затоа не им го дадов тоа задоволство.“

Годинава во САД, излезе неговата автобиографија „Рокенрол џихад“, а во моментов ја преведува книгата и на јазиците Урду и Пашту, кои се зборуваат во Пакистан.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG