Достапни линкови

Претседателот Иванов очекува позитивен извештај


Претседателот Ѓорге Иванов очекува позитивен извештај од Европската комисија, а тоа го темели на оценката за досега успешно спроведените реформи, но и поради кредибилитетот на Европската комисија, соопштуваат од неговиот Кабинет.
Македонија спроведува реформи што се исто толку добри и успешни како и реформите на некои земји – кандидати кои биле соочени со критериумите за влез во Европската унија во оваа фаза од пристапувањето. Ова е оценката што претседателот Иванов, по консулатациите со вицепремиерите и владините министри, ќе ја пренесе пред високите претставници на ЕУ во Брисел.
Иванов во Брисел ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, со еврокомесарот за проширување Штефан Филе и со претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија Андре Флау.
Иванов, како што се соопштува, со изнесување конкретни аргументи, во Брисел ќе апелира за одредување датум за почеток на преговорите. Тој ќе изрази оптимизам дека може да се дојде до решение на спорот со Грција, во претстојниот период. На средбата со европските соговорници, Иванов ќе апелира да и се помогне на Грција да го направи неопходниот исчекор за доаѓање до взаемно прифатливо решение за името.

XS
SM
MD
LG