Достапни линкови

Интервју-Антонио Милошоски


Македонско-грчкиот дијалог е корисен за зајакнување на меѓусебната доверба што е важна компонента за стигнување до прифатливо решение за името, вели министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.






Овој месец се најавува состанок со медијаторот Нимиц. Што се очекува од новиот состанок на кој е неизвесно доставувањето нов предлог од негова страна или ние ќе одиме со наш предлог?


Па, како и секоја година традиционално и оваа година ќе имаме редовна средба со посредникот Метју Нимиц во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН. Се очекува уште еднаш да ја разгледуваме темата што ја разгледуваме изминатите години тоа е наметниот билатерален спор од страна на Република Грција. Ќе ги изложиме позициите на Македoнија, ќе ги преставиме и изложиме нашите напори во директната комуникација која што беше овозможена со билатералните средби меѓу двајцата премиери, кои се отприлика идеите на Македонија и решеноста да се надмине овој билатереален спор, но во секој случај предлагањето и динамиката на нови средби остануваат во надлежност на самиот посредник Нимиц, ние она што можеме да го направиме од наша страна е да го поттикнеме и да продолжи во еден период за кој што тој ќе процени дека е зрел за исчекор напред. Сметам дека господиниот Нимиц е искусен дипломат и можеби и самиот од тие средби со македонската страна и очекувам и со грчката делегација што ќе биде присутна во Њујорк, да направи проценка и самиот да согледа дали постојат позитивни моменти, сигнали за исчекор напред по ова прашање за кое што ние имаме интерес што побрзо да се затвори.

Дали очекуваме нов предлог или ние ќе одиме со наш предлог?

Па, сметам дека предлагањето е дел од компетенцијата на г-динот Нимиц, ќе видиме какви се неговите размисли, ние во секој случај ќе го поттикнеме на дополнителна активност.

Деновиве има шпекулации за тоа како ќе изгледа најновиот предлог. Најчесто се споменуваат додавките Вардар, Вардарска. Колку е тоа прифатливо за Македонија и е основа за натамошни разговори?

Тоа се најчесто шпекулации од грчки извори, од грчки медиуми и јас не би ги коментирал, пред се оставаме во текот на овој процес г-динот Нимиц да ја има приликата официјално да предлага одредени идеи, сугестии... Додека премногу често во грчките кругови се прават обиди да се наметнуваат или промовираат одредени решенија кои што имаат грчки дизајн за македонското национално име, но во секој случај за нас е мошне важно во ова прашање да се согледа реалноста, тоа е Република Македонија, постоењето на македонскиот народ и достоинството на македонските граѓани кои на крајот преку референдум би имале активно учество во решавањето на ова билатерално спорно прашање.

Премиерот Груевски изјави дека крајно време е да се реши спорот за името, но со напомена дека барањата на Грција остануваат максималистички. Дали македонските позиции во преговорите се исти?

Точно е дека позициите на Грција во суштина остануваат максималистички, иако со доаѓањето на чело на грчката владата на премиерот Папандреу забележуваме во најмала рамка промена на формата во комуникацијата со македонската страна, за разлика од неговиот претходник кој што сосема ги игнорираше можностите за дијалог, господинот Папандреу и господинот Груевски ја користат таа прилика за продолжување на македонско-грчкиот дијалог. Тоа во секој случај е корисно за зајакнување на меѓусебната доверба која што е важна компонента во сите овие околности за стигнување до едно прифатливо решение. Македонските позиции по ова прашање се засновани на позициите кој што секој народ согласно меѓународното право ги има своите права и слободи кои што му се дадени да ги ужива во меѓународни рамки, а тоа е една суверена земја сама да може да одлучува за решенијата кои се однесуваат на нејзините суверени белези како што е знамето, и еден народ, една култура, традиција да може сама да се идентификува себе си, да се претстави и ние како избраници на македонските граѓани да можеме да ја застапуваме, промовираме и да ја истакнуваме македонската култура и идентитет.



За што точно се преговора во моментов, за името или на дневен ред се и идентитетските прашања?

Република Грција реторички изјавува дека се преговара само за спорот што Грција го има со нашето уставно име, но во суштина и во практичните разговори се забележува дека во Грција, самиот македонски идентитет, постоењето на Република Македонија, нашето уставно име, прашањата за постоење или непостоење на малцинства се една табу тема која што го оптоварува грчкото современо општество. Мислам дека овие грчки табуа се наследство од Студената војна и денеска се провлекуваат како еден товар на грчките политичари кои што во еден добар дел станаа заложници на грчката националистичка политика по ова прашање која што беше произведена во 1991-92 година. Но, во секој случај имаме одредени практични проблеми што ни се создаат по однос на ова прашање и самите можете да процените до каде се оди со развлекувањето на овој проблем. На пример, Република Грција сега во овој момент им прави проблем на некои извозници на македонско вино, кои што 60, 50 или 40 години извезуваат македонско вино во земјите членки на ЕУ, тврдејќи дека тие немаат право да извезуваат вино на кое што пишува дека е македонски производ и со самото тоа се гледа дека се оспорува и придавката ’македонски‘, која што во суштина се однесуваи на македонскиот јазик и култура. И нашите преставници кога учестуваат на одредени форуми во рамките на ЕУ или ЕК се прават секакви драми или инциденти кога треба да се одбележи јазикот на кој што се преведува како македонски, или употребата на меѓународниот код МК за Република Македонија.

Што може да се очекува од состанокот со Нимиц со оглед дека Алијансата има состонок во ноември?

Република Македонија и нејзината аспирација да стане член на Северноатлантската алијанса не е врзана со рокови и со самити, затоа што поканата за Македонија може да се случи и без да се оддржува самит доколку се надмине успешно билатералното прашање кое што го наметнува Грција. Но, во секој случај самитите се една прилика каде што на тоа може да се даде една поголема политичка тежина. Ние би биле многу среќни и задоволни доколку на следниот самит успееме да го направиме тој пробив, но во секој случај очекуваме на следниот самит во рамките на дискусијата на Алијансата околу нејзниот стратешки концепт кога ќе стане збор околу прашањето за проширувањето и отворената врата на НАТО која не се однесува само на Македонија туку и на други земји во регионот и на другите земји од периферијата на Европа, би биле среќни доколку Македонија е дел од таа дискусија и очекуваме неколку пријателски земји да покренат тоа прашање и самата Алијанса да биде запознаена со најновите случувања во Македонија и нашето заслужено членство.

Што од самитот на НАТО во Букурешт се променило, а да бидеме оптимисти дека НАТО ќе ја напушти политиката на консензус како што изјави новиот амбасадор во Алијанста Мартин Треневски?

Ние сме реалисти по тоа прашање, знаеме дека политиката на консензус во НАТО е еден од столбовите на функционирањето на таа организација, но истовремено сметаме дека консензусот во НАТО треба да биде апликативен по однос на прашања кои што имаат суштинска важност за самата Североноатлантска алијанса. За самата неа би требало да е важно дали Македонија може да придонесе со своето членство во НАТО и дали НАТО ќе ја засили својата безбедносна архитектура во регионот и второ дали Република Македонија како кандидат демократски одлучила да стане дел од Алијансата. За жал Грција тоа го злоупотреби во еден период кога престоеше смена кај американската администрација и со употреба на својата условно речено воена дипломатија, односно скапи договори за набавка на оружје, кои што после видовме дека не може да се исплатат заради грчката економска криза, го злоупотреби правото на консензус кое што сега стана де факто, состојба. Ние сме свесни за таа состојба и затоа сакаме овој спор да се надмине, но во секој случај не ја пропуштаме ниту една прилика да разговараме и понатаму со земјите на НАТО и да ги увериме дека членството на Македонија во НАТО е дел од пошироката слика на регионалната стабилност и не треба да се сведува само на тесното и себично гледање на македонско-грчкиот спор.

Меѓународните преставници во земјава изразија забелешки околу духот на спроведувањето на реформите, Охридскиот договор, политичкиот дијалог... Има ли причина извештајот на ЕК за Македонија да биде полош од минатата година?

Посредникот во спорот со името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц на средба со Антонио Милошоски, на 6 јули 2009 во Скопје

Според мене, земјата кандидат и ЕК, не само помеѓу Македонија и Брисел во овој момент, но истовремено по однос на сите досегашни земји кандидати кои станале членки на ЕУ или се се уште кандидати како што се Хрватска и Турција, секогаш се најблиските сојузници во процесот на проширувањето. Од таа гледна точка и ЕК и Македонија имаат интерес и овој извештај да биде позитивен како и претходниот односно да ја задржи препораката дека Македонија е зрела според политичките критериуми и реформите, за почеток на преговорите за членство. Со самиот нов квалитет кој што очекуваме да се случи во македонското собрание во текот на следната недела, усвојувањето на Деловникот и продолжувањето на координациите кај претседателот на собранието, реформите што ги спроведува македонската Влада во Министерството за правда и други ресори, ценам дека има добра можност Република Македонија и во 2010 година да биде позитивно оцената од Европската Комисија.

Идната недела Генералното Собрание на ОН ќе расправа за резолуцијата на Србија за Косово. Кој е ставот на Македонија за ова прашање?

Македонија се води од три постулати по однос на ова прашање. Првиот е дека Македонија има воспоставено дипломатски односи со Приштина исто како што имаме дипломатски односи со Белград. Вториот дел е тоа што признавањето на Косово го имавме заедно во координација како чекор со Црна Гора и сега имаме исто така координација по однос на нацрт резолуцијата на Србија и третиот е мислењето на Меѓународниот суд во Хаг. Сите овие три параметри нас ни се помагатели за проценка како ќе гласаме и сметам дека според нив не би требало да се очекува Македонија да ја поддржи нацрт резолуцијата на Србија затоа што таа не ја апсолвира реалноста која што произлегува од овие претходни параметри и во тој контекст сметам дека со заедничка координација со Црна Гора ќе имаме една заедничка позиција во Њујорк.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG