Достапни линкови

logo-print

Обама: бескрајните војни не се во ничиј интерес


Американскиот претседател Барак Обама објави официјален крај на борбените операции во Ирак, но се заложи дека Соединетите држави ќе и останат пријател и партнер на таа земја во процесот на нејзиното обновување. Во телевизиското обраќање од Белата Куќа, Обама исто така го бранеше продолжувањето на американската инволвираност во Авганистан и предупреди дека Ал Каеда и натаму планира напади врз Америка. Сепак, како што рече, бескрајните војни не се во ничиј интерес.

Прогласувајќи дека е време да се сврти страницата, претседателот Барак Обама во телевизиското обраќање од Овалната соба изјави:

,,Вечерва, објавувам дека американската борбена мисија во Ирак заврши. Операцијата Слобода за Ирак е завршена и ирачаните сега се одговорни за безбедноста на нивната земја.,,
Една од лекциите од нашите напори во Ирак и Авганистан е дека американското влијание во светот не е само преку употреба на воена сила. Ние мора да ги користиме сите елементи на нашата моќ, вклучувајќи ги дипломатијата, нашата економска сила и моќта на американскиот пример да ги чуваме нашите интереси и да бидеме со нашите сојузници.



Како кандидат за Белата Куќа, Обама често ја критикуваше војната во Ирак, а откако ја презеде претседателската функција во јануари 2009 година тој го намали бројот на американските војници за 90 илјади и предаде стотици воени бази во контрола на ирачаните.

Околу 50 илјади американски сили остануваат во Ирак до крајот на идната година во советодавна мисија со цел да се зголеми капацитетот на ирачката армија и полиција.

,,Соединетите држави ќе останат пријател и сојузник на Ирак во нови односи базирани врз заеднички интереси и почитување,, изјави Обама.

Официјалниот крај на борбените опрации коинцидира со нов бран на насилство на бунтовниците при што само за неколку денови беа убиени 50 ирачани.

Изјавувајќи дека насилтвото ќе продолжи и во иднина, Обама оцени дека терористите нема да успеат да ги остварат нивните цели, бидејќи ирачаните немаат интерес за бесконечно уништување.

И покрај ваквото масовно повлекување од Ирак, тој јасно стави до знаење дека тоа не значи и почеток на американското повлекување од светската сцена.

,,Една од лекциите од нашите напори во Ирак и Авганистан е дека американското влијание во светот не е само преку употреба на воена сила. Ние мора да ги користиме сите елементи на нашата моќ, вклучувајќи ги дипломатијата, нашата економска сила и моќта на американскиот пример да ги чуваме нашите интереси и да бидеме со нашите сојузници. Ние мора да проектираме визија за нашата иднина која нема да се базира врз нашите страхувања, туку врз нашите надежи, визија која ги препознава реалните опасности во светот, но и ограничените можности на нашето време.,,

Изјави Обама кој во Тексас ги посети американските сили кои служеа во Ирак и каде што им изјави дека неговиот говор до нацијата не е победнички круг и оти Соединетите држави се уште имаат многу работа во Ирак.

Ние мора да проектираме визија за нашата иднина која нема да се базира врз нашите страхувања, туку врз нашите надежи, визија која ги препознава реалните опасности во светот, но и ограничените можности на нашето време.


За таа цел Белата Куќа го испрати потпретседателот Џо Бајден во Багдад на стартот на Операцијата Нова зора која ќе ја замени борбената Слобода за Ирак и да ги охрабри политичките партии во напорите да дојдат до коалициона влада.

,,Ги охрабрувам ирачките лидери да тргнат напред со чувство на итност во формирањето влада. Со тоа, без сомневање, ирачкиот народ ќе стане силен американски партнер. Нашата борбена мисија заврши, но не и нашата заложба за ирачката иднина.,,

Ова исполнување на предизборното ветување на Обама доаѓа во момент кога неговата Демократска партија се подготвува за конгресните избори во ноември. Демократите се надеваат дека со овој потег ќе добијат повеќе гласови.

Имено, последните анкети покажуваат дека републиканците се на добар пат да преземат десетна места кои би биле доволни да ја преземат контролата во Претставничкиот дом.

Сепак, она што повеќе им тежи на американците е Авганистан каде што се инволвирани во најдолгата војна во историјата на Соединетите држави.

И по девет години, според анкетите, тие не гледаат знаци за скорашен крај на борбите.

Тоа го потврди и Обама кој најави бескомпромисна војна против Ал Каеда, но и со ветување дека тоа не може да биде и бесконечно.

Сегашниот негов фокус, изјави Обама, ќе биде она што му е, како што го нарече, централна одговорност како претседател, заздравување на американска економија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG