Достапни линкови

Македонија - лош соработник?


Проблемот околу решавањето на спорот со името тапка во место. Може ли Македонија да ја добие етикетата на лош соработник на патот кон ЕУ и НАТО?

Долгото тапкање во место на нашите евроинтеграции, поради нерешениот спор за името го наметна овој проблем како главен критериум во чија сенка паѓаат и реформите потребни за членство во Европската унија. Во очекување на секоја наредна рунда преговори или директни средби меѓу двете страни, Меѓународната заедница го засилува притисокот и пораките: решете го спорот за името или ќе бидете изолирани. Во меѓувреме, ниту еден нареден чекор не доведе кон приближување меѓу Скопје и Атина. Дали во еден ваков уникатен спор на Македонија може да ја добие етикетата на лош соработник на патот кон ЕУ и НАТО? Експертите поделени околу одговорот на ова прашање. Политикологот Влатко Божиновски вели дека спорот за името е уникатен критериум, кој што не постои во претходното искуство на ниту една земја, па според тоа не може да се подведе под ниту едно од поглавјата кои што треба да се исполнат за членство.

,,Едно е да имаш спор за некој граничен премин, или требало некој пат да се направи или нетребало и сите други административни прашања итн, но сосема друго е ова суштествено прашање коешто се однесува на самото постоење на државата. Ниту европските дипломати неможат да го подведат ова под некое поглавје или резолуција."

Божиновски вели дека не успева сосема ни подведувањето на спорот за името под европската обврска за негување на добрососедските односи, а дека заканите за изолација како и разните предлози за фазно решавање на проблемот само ја намалиле поддршката на македонските граѓани кон Унијата особено откако прашањето на името и официјално се објавува како клучен критериум за напредок кон ЕУ. Професорот Мерсел Биљали, наспроти ова, е на мислење дека во врска со пристапот и соработката од страна на македонските власти во врска со решавањето на прашањето за името, Македонија си изградила лош имиџ кај меѓународните организации оставајќи чувство кај ЕУ дека е изманипулирана од наша страна особено по неколкуте позитивни потези кои ги направи кон нас како што е минатогодишниот позитивен извештај на Европската комисија и визната либерализација.

,,Нашите власти ја излажаа Унијата дека се на самиот праг на решавање на проблемот со името и конечно тоа се свати во ЕУ. Ова е конечно, последниот воз и неверувам дека Унијата и НАТО да дозволат понатаму да бидат излажани."

Сепак, како што додава, ваквото однесување, ЕУ не може да го смета за политичка рутина којашто ќе се повторува и во иднина туку како на политички инцидент кој може да се врзе само со оној којшто во мометов ќе има власта во земјата.
XS
SM
MD
LG