Достапни линкови

Граѓаните незадоволни од парламентот


Собранието на Република Македонија
Собранието на Република Македонија

Собранието работи за партиски интереси, наместо за интересите на граѓаните, согласни експертите.

„Клати врата земај плата“ вака може да се илустрира функцијата на македонските пратеници во Собранието во изминатиов период. Според најновата анализа на собраниските служби за активноста на народните избраници таканаречен „Мојот пратеник“ во првата половина од годинава 15 пратеници не учествувале ни на третина од одржаните собраниски седници, а една четвртина од пратениците никогаш не дискутирале во собраниската сала, додека половина тоа го сториле еднаш-два пати. Според бројките, само седум пратеници редовно говореле на пленарни седници на Собранието, а за збор никогаш не се јавиле 29 пратеници. Петмина пратеници на ДПА поради бојкотот не се појавиле на ниту една од 63-те пленарни седници, но нивните отсуства се бројат како оправдани. На седници често не се појавувале и Фијат Цаноски, Али Ахмети, Бесим Догани, Фазли Велиу, Имер Селмани, Ермира Мехмети и Даут Реџепи. Најгласни пратеници биле опозициските Весна Бендевска, Марјанчо Николов, Томе Чинговски и Јани Макрадули, а најмногу прашања до владините функционери поставила Флора Кадриу.

Граѓаните незадоволни

На нашата веб страница makdenes.org е во тек анкетата како тоа граѓаните ја оценуваат работата на Собранието. Околу 77 отсто гласале
Граѓаните незадоволни од работата на пратениците
дека тие лошо ја вршат својата задача, а само 18 отсто им дале одлична и добра оценка. Граѓаните велат дека се разочарани од нивните избраници и сметаат дека тие ги гледаат само своите интереси.

„Не сум задоволен од нивната работа.“
„Пратениците гледаат само за себе, за народот многу малку.“
„Ова е циркузијада.“
„Си ја вршат работата, посебно својата“
„Партиската работа си ја извршуваат“
„Сметам дека си ја вршат работата, не знам колку успешно, но мислам дека ја вршат како што треба.“

Собранието не расправа за важни проблеми

Екс претседателот на Собранието Стојан Андов
Измината сезона работата на Парламентот беше обележана со блокирана работа на комитетот за односи меѓу заедниците, европски критики по однос на некои закони како што е законот за антидискриминација, инцидент на релација власт опозиција и заглавен дијалог околу деловникот. За поранешниот претседател на Собранието и сегашен пратеник Стојан Андов од 2008 година до денес законодавниот дом не се труди да расправа за важни и сериозни теми кои ја тангираат земјата.

„Прво, заостанувањето во евро интеграциите. Не сме го расправале како проблем во Собранието. Второ, економската криза, дискутираме за ребалансот да речеме, дали е вака или така, но кризата како појава кај нас, нејзините последици, начинот како да ја надминеме, ние како Собрание ниту сме добиле информација, ниту некој настапил да зборува. Собранието се соочува со некомплетна, заматена слика.“

Парламентот сервис на владата

Парламентот се претвори во своевиден сервис на владата и тој не се претставува како засебна власт која ги претставува граѓаните, вели поранешниот пратеник и професор Мерсел Биљали.

„Власта би требало да стравува од парламентот. Кај нас е обратно, парламентот стравува од владата. Тоа веројатно ќе потрае се додека немаме демократски капацитет, функционалност на институциите.“

Политикологот Хисен Рамадани вели дека политичките фактори покажуваат дека неможат ни да се договорат и да пребродат одредени прашања, како што беше анкетната комисија и донесувањето на деловникот.

„Собранието треба да покаже сенс и способност и потешките работи да ги реши со сенс за политиката и државните работи, а маргиналните работи треба да ги решава многу брзо, на еден начин којшто нема да значи замајување на општествената атмосфера.“

Ниско ниво на политичка култура

Ништо чудно што Македонија според Фридом Хаус има рејтинг на средно развиена демократија, додека нашите соседи имаат рејтинг на високо развиени демократии, бидејќи политичката култура воопшто не е на високо ниво, вели професорот Здравко Савески.
Собранието сервис на владата

„Ако се користи секоја можна шанса за некако намести политичкиот противник да го прифати временскиот план на една политичка структура, така не се гради здрава политичка култура и здрава парламентарна демократија. Што е најстрашно, ние овие работи требаше да ги апсолвираме во раните 90ти години.“

Политикологот Алберт Муслиу вели дека само под притисок на меѓународната заедница мнозинството во парламентот ги прифаќа забелешките на опозицијата или донесувањето на некои закони. Нашиот парламент во последниве години не успеа да се постави над владата и да работи во интерес на граѓаните, вели тој.

„Нашиот парламент не смогна сила, ниту волја во последните 20 години на плуралното општество да се постави над владата и за некои прашања во интерес на граѓаните да развие дискусија и да дојде до решенија кои би биле во интерес на граѓаните.“

Навреди, наместо аргументи

Граѓаните на пратениците им забележуваат и за речникот кој го употребуваат во своето обраќање, бидејќи не е достоен и адекваетен за функцијата која ја извршуваат.

„Голем срам. Еден пратеник да се изразува така. Често пати многу погрдни зборови.“
„Срамота е.“
„Тоа личи како на пазар да се.“
„Ние на улица не користиме таков речник, а не во парламент, но тоа е одраз и на партиските притисоци.“

Меѓународната заедница на политичките партии им забележа за нарушувањето на политичкиот дијалог и побара од нив да работат на меѓусебната комуникација. Однесувањето на пратениците се сведе на недостиг од слух за меѓусебните барања, без цврсти аргументи за одбрана на ставовите, прикриени и сведени на меѓусебни навреди, препукувања и деманти за се и сешто. Муслиу вели дека капацитет има, но нема волја за постигнување и развивање на култура на дијалог и тоа е стара болка на парламентот.

„Нашиот парламент повеќе се карактеризира со некои дебати без крај, каде што секоја страна ја свири својата музика, а малку имаат слух за аргументите на другата страна. Така што кај нас парламентот повеќе се користи за политички маркетинг, отколку за конструктивни дебати и каде што се прифаќаат конструктивни размислувања за граѓаните од сите страни.“

Во Македонија, еден од главните проблеми е недостигот на демократска политичка култура, вели Савески. Политичките партии, наместо да ги надминуваат проблемите со комуникацијата тие ги влошуваат односите, вели тој.

„Не само кај владеачкото мнозинство, туку и кај опозицијата недостигаат аргументи. Премногу се лични навредите. Имам забележано кај опозицијата дека таа ја прифаќа таа игра да одат со дисквалификации кои сепак ги почна владата, наместо да одат со аргументи ја копираат владата со директни атаци на личноста на еден поединец.“

Шефот на кабинетот на премиерот посилен од претседателот на Собранието

Нарушениот политички дијалог според Андов е поради фрустрациите, бидејќи за сериозните теми се расправа надовор од парламентот како на пример кај шефот на кабиентот на премиерот кој е посилен од претседателот на Собранието.

„Своите надлежности ги препуштаат на други или им се одземени.“

Шефот на кабинетот на премиерот посилен од претседателот на Собранието?
Проблемот е и во тоа што нема системско решение што ќе ги натера народните избраници да внимаваат како се однесуваат во парламентот и како да си ги заработат парите, бидејќи Собранието годишно за плати троши околу еден милион и 440 илјади евра, а на надоместоци за превозот, според буџетот за 2010 година, предвидени се 807 илјади евра. Вакви проблеми имаат и други парламенти, но тие построго ги дефинираат правилата на игра. На пример во словенечкиот парламент за пратеникот да се смета дека дошол на работа освен што мора да се регистрира за присутен мора да има и три последователни гласања или на пленарна седница или на работни тела. Професорот Осман Кадриу вели дека избраниците на народот имаат уставна обврска да присуствуваат на седниците, бидејќи за тоа се платени. Неодговорно е поради нивното отсуство да се доведува во прашање работата на парламентот и тоа треба да го казни претседателот на Собранието, вели тој.

„Претседателот на Собранието да води сметка и да преземе конкретни мерки, а тие мерки се и намалување на платата, покрај другите правни и политички последици. Треба да се воведе една дисциплина која е предвидена и со Уставот и со законот.“

„Цената“ се плаќа на избори

Андов за разлика од Кадриу вели дека одговорноста треба да ја сносат нивните политички партии.
Казната од гласачите стигнува на избори

„Пратениците кои не одат, а се наоѓаат на листа, а не одат на седници, во другите земји за тие листи граѓаните не би гласале. Што ќе им се такви листи и такви пратеници? Тоа е единствен излез, така и ќе се случи.“

Пратениците се однесуваат така како што им е дозволено вели Муслиу. Потребна е темелна промена на изборниот модел и да се воведе системот на отворени избирачки листи, што значи дека гласачите освен за политичка партија ќе гласаат и за поединец вели тој.

„Рангирањето кое може да го предложи политичка партија, ќе се смени со бројот на добиени гласови на кандидатите на листата. Значи, првиот може да биде последен и последниот прв. Тоа практично пратениците ги обврзува пред гласачкото тело, и граѓаните и тие внимаваат првенствено на интересите на граѓаните, а не на политичките партии.“

Имаме мнозинство кое се занимава само со замолчување на опозицијата и затоа се носат неквалитетни закони, вели Андов. Собранието да тргне во позитивна насока треба најпрвин пратениците кои го соочинуваат мнозинството да бидат заинтересирани за успех во нивната работа.

„Тие немаат успех, успехот се припишува на кабинетот на премиерот, кабинетот на претседателот, четворица советници, шефови на кабинети или не знам што. Нешто што нема никаква врска со уставниот систем. Мислам дека само мнозинството може да го врати собранието на позиција и на линија која му припаѓа по Уставот и е должно да го врши тоа.“

На 23 август на пратениците им завршува колективниот одмор.Тие ќе имаат кус период да го подобрат впечатокот и да добијат позитивна оценка во извештајот на Европската Комисија за напредокот на државата во евроинтеграциите, кој ќе биде објавен во ноември. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски пред одморот призна дека законодавниот дом не успеал да ги стигне бриселските рокови, но дека тоа нема да го демотивира и оти не е доцна до европската унија да се пуштат позитивни сигнали. Според експертите тоа што е направено од последниот извештај не може да се исправи за еден ден, но добро е ако пратениците покажат барем волја да работат на подобрување на шансите. Најголемиот предизвик за пратениците во наредниот период ќе биде донесувањето на Деловникот за кој власта и опозицијата имаат различни предлози.



  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG