Достапни линкови

Велешки деца на чист воздух на Пелистер


Чистиот планински воздух ги ублажуваше здравствените проблеми на 180-те деца од Велес и Осломеј.

Заврши деветата климатска рехабилитација на Пелистер. Чистиот планински воздух ги ублажуваше здравствените проблеми на 180-те деца од Велес и Осломеј. Седумдневната рехабилитација децата ја искористија за создавање нови пријателства, да се дружат но и еколошки да се едуцираат. Во секојдневните работилници со предзнакот ЕКО насликани се многу цртежи, испишани се многу пораки. Министерот за животна средина Неџати Јакупи и градоначалникот на Велес, Горан Петров, еколошките пораки ќе ги добијат во писмена форма. Во писмото покрај пораките ќе бидат и барањата кои децата со здравствени проблеми ги упатуваат до нив.

„Доставени се две барања, од децата од Велес, да се деконтаминираат и да се исчистат училишните дворови и дворовите во детските градинки, во Велес се четири или пет дворни места кои со минимални средства може да се исчистат и апелираме да се деконтаминира или да се пресели депонијата од Топилницата“, вели Иванка Андова, координатор на климатската рехабилитација.

Најмладиот учесник на оваа рехабилитација е Михаил Здравковски.Тој има само една година и на Пелистер е заедно со својата мајка. Очекувањата се дека после седумдневната рехабилитација здравстевената состојба на Михаил ќе се подобри.

„Можам да кажам нема споредба помеѓу климата во Велес и овде, се надевам дека зимото ќе го поминеме добро без болести како претходното и овие седум дена може ќе ни помогнат“, вели мајката Оливера Поп Кочова –Здравковски.

Чистиот планински воздух им ги ублажува здравствените последици на децата. Лекарите кои ја следат нивната здравствена состојба велат дека неопходни е рехабилитацијата да трае 21 ден. За седумдневната рехабилитацијата на 18-те деца Министерството за животна средина одвои еден милион денари. Организатор е Друштвото на родители за грижа за здраво поколение.
XS
SM
MD
LG