Достапни линкови

logo-print

Гужви за лични документи во Куманово


Лична карта

Лична карта

Редици пред шалтерите на СВР Куманово за вадење на лични документи.

Во Одделението за вадење лични документи во Секторот за внатрешни рбаоти во Куманово врие како во кошница. Мали деца, млади,средовечни и стари луѓе начичкани еден до друг како сардини чекаат пред вратите и шалтерите. Во просторија во која воздухот е нешто најскапоцено, се мешаат најразновидни мириси. Испотени, нервозни и нетрпеливи се граѓаните. Не им е пријатно ниту на вработените од другата страна на шалтерите или пак зад вратата во просториите во кои се фотографираат за лични карти, пасоши, возачки дозволи. Некои поради револтот сакаат да зборуваат, а некои само се вртат на друга страна, евидентно се им е преку глава и не им се зборува. Оние што се на времена работа во странство или пак имаат итна потреба од пасоши велат:

„Гужва е. Пет дена чекаме за пасош по брза постапка. Живеам во Франција и мора така. Таму нема вакви гужви. Се добива бројче и не се плаќа дополнително за брза постапка.“

„Во странство е подобро. Се јавуваш по телефон и не треба да чекаш и да правиш гужва, да стоиш. Тоа е најдобро.“

Ќе се случи ли тоа и кај нас?

„Ми се чини не. Како што одат работите,мислам дека не. Овдека се оди од рака до рака и тие треба нешто да заработат.“
Една година чекам за нова лична карта. Сега се сликав и уште два месеца треба да чекам, а имам 83 години ...


Велат нашите гастарбајтери, кои откако дел од годишните одмори во татковината ќе го поминат вадејќи нови лични документи, дури тогаш како што додаваат се помалку веруваат во убава иднина на својата држава.
Кумановец кој ја начнал деветата деценија од животот вели:

„Една година чекам за нова лична карта. Сега се сликав и уште два месеца треба да чекам, а имам 83 години. Имам трајна, а на што личи ова да се гурам тука. “

Се нервирате ли?

„Што да се нервирам кога секаде се исти.“

Биометриски наспроти „обичен“ пасош
Кумановка која пак еден час чека за еден документ кој се изготвува за само пет минути додава:

„Чекам еден час. Нема никој внатре.“

И покрај сите обиди на надлежните во кумановскиот Сектор за внатрешни работи во ова одделение документите да се доставуваат цивилизирано, условите и начинот на кој тоа се одвива сеуште се далеку од тоа. За опслужување на над сто илјади жители, од Општините Куманово, Липково и Старо Нагоричино по еден шалтер не е доволен, а и административната процедура не го скрати времето за чекање и покрај воведувањето на компјутерите во употреба.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG