Достапни линкови

logo-print

Хајд Парк – Ваши коментари


RFE/RL Macedonian web site screenshot

RFE/RL Macedonian web site screenshot

На нашата веб страница имате можност за коментари на неделните прилози како и темата во Хајд паркот.

И во овие жешки августовски денови, почитувани, продолжувате да го искажувате вашето мислење, преку пораките на нашата веб-страница. Иако, морам да признаам во малку намален обем, веројатно не ви се ни седнува на компјутерот кога надвор е 40-ка! Се уште го коментирате нашето прашање дали се' повеќе се стега ременот со последниот ребаланс на буџетот што го направи Владата: Потпишаниот слушател како Анонимен вели дека е срам за државата, дека владата ќе не' изолира од ЕУ и од НАТО и дека ова се прави намерно, па пред секој важен настан измислуваат и поттикнуваат какви било проблеми на домашната сцена, а друг слушател смета дека забелешките од Брисел премиерот ги толкува како позитивни и вели, цитирам, „Ете каде одат сите пари, да си го разубавуваме градот додека народот ни тоне“.

Слушател потпишан како Итроманов реагира со подолга порака на нашиот прилог дали се водат преговори меѓу Македонската и Српската православна црква, критички забележувајќи и на МПЦ дека само глуми преговори и дека само се пласираат одвреме-навреме информации во јавноста дека ѓоа, како што пишува, се преговара. Владиците на МПЦ само купуваат време за да го оттргнат ова прашање и одговорноста од себе, смета Итроманов. Тој исто така смета дека МПЦ и Синодот требало прво дома да се изборат за автокефалност со тоа што ќе се изолирале од Црковно-народниот собoр, како највисоко тело на МПЦ како,
цитирам „остаток од комунизмот за контрола на Црквата од страна на дравата“ и предлага за таа цел да се промени Уставот на МПЦ.

Нашиот редовен слушател со потпис С и дупло В, исто така е поттикнат од нашиот прилог за новиот закон со кој граѓаните треба да се решат дали ќе регистрираат куќни совети или заедници на сопственици, па потсетува дека во она, како што пишува под наводници, „лошото едноумие“ за истата намена постоел СИЗ-от за домување, и дека министерот Јанакиески не измислува топла вода со овој закон. С и дупло В смета дека и сега Владата требало да формира јавно претпријатие кое би собирало средства за одржување на зградите, а не вака, цитирам, „Еве ви домари, вие ке си ги плаќате и ќе се грижите да имаат пари, а ние како Министерство само ќе ги казнуваме, час станарите, час домарите и ќе му ја полниме касата на Грујо за да има за споменици“.

Митко од Велес реагира на нашиот извештај дека Велешкото Езеро може да стане рај за посетителите, веројатно многу револтиран од немањето добра инфраструктура за што всушност и се однесува прилогот на нашиот дописник оттаму, и вели дека неговите брегови се пусти и празни, плажите неуредени и валкани, водата со тиња и со кал. Езерото не е ни чистилиште за Рајот, ја завршува резигнирано својата порака Митко од Велес.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG