Достапни линкови

Случувањата во медиумите, можни промени во раководната позиција на СОРОС, семафорски камери, дел од темите во неделните весници.

„Новинарството -тема број 1“

Новинарството е професијата којашто во сите времиња и за време на сите влади ја интригира публиката, особено онакво какво што ни е во моментов. А какво е, знаеме сите. Затоа, заслужува внимание анализата во неделникот Глобус, насловена со метафоричен наслов „Војна на луѓето-патки“ и прашањето зошто новинарството повторно е тема број 1 и како да се поврати дигнитетот на професијата. „Циниците би рекле“, наведува неделникот, „дека во состојба на распаѓање на здравството, индустријата, образованието, земјоделието, судството…зошто само новинарството би останало здраво? И би биле во право“, одговара авторот на текстот. Во анализата се кажува најголемата вистина за проблемот со нашето новинарство: Мартин Протоѓер се обидува да си ја врши својата работа. Проблемот е во тоа зошто новинарите се согласиле да работат по диктат? Во овој контекст, дефетистичко, но вистинито е тврдењето на одговорниот уредник на Глобус, Бранко Тричковски кој смета дека „сами ја произведовме гасната комора во која ќе бидеме задушени“.

Форум: „Орвел над Скопје“

„Орвел над Скопје“ е написот што привлекува внимание во двобројот на Форум. Неделникот констатира дека движејќи се низ скопските улици се' полесно паѓаат в очи камерите поставени на семафорските столбови, патокази, па дури и на нови конструкции. Официјално, МВР не соопштувало колку пари од буџетот ќе „лапне“ видеонадзорот над Скопје, кој се прави со софистицирана опрема набавена според Законот за јавни набавки. Договорот бил класифициран како тајна, исто како и вкупниот број на камерите што ќе бидат поставени и колку од нив ќе бидат од оние дигитализираните кои вадат фотографија за милисекунда, колку ќе бидат подвижни и ќе бидат раководени од собата за операции на МВР, а колку ќе бидат статични. Освен цената на самите камери, пишува


Форум, во севкупното чинење се вклучени и градежните зафати за поставување на камерите, каблите за поврзување, обуката на полицајците за користење. Вкупната цена, меѓутоа, е државна тајна, подвлекува неделникот. Тркалезните очи на камерите се свртени кон автомобилите, но и кон објектите во чија близина се поставени. Погледите се свртени и кон вас, предупредува Форум.

Керим заинтересиран за директор на СОРОС?

Најновиот број на неделникот Фокус излегува со уште една афера сместена во рубриката „Летни комбинаторики“. Имено, пишува неделникот, „кружи шпекулација дека директорот на ВАЦ во Македонија, Срѓан Керим, е заинтересиран за местото директор на Фондацијата Сорос, каде 18 години неприкосновено директорува Владимир Милчин“. Неделникот побарал коментар за овие гласишта, но тие и двајцата одрекуваат каква и да е врска со информацијата. Фокус, меѓутоа, и натаму се сомнева, па наведува дека ако се земе предвид дека со помош на шпекулации Керим за малку не стана кандидат и за претседател на државата, тогаш не требало ништо да изненадува. „Ваквата кадровска преродба, пак, сигурно ептен ќе го израдува и Груевски!“, извикува авторот на текстот во Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG