Достапни линкови

Во кумановско во тек е реализација на субвенционирањето на земјоделците

Земјоделците во поширокиот кумановски регион, односно во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково се една од најсензибилните категории граѓани. Во Подрачната единица за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово велат дека преку програмите на Владата и ресорното Министерство се настојува да им се намалат проблемите, а да им се подобри положбата. Во овој период од годината во тек е реализација на субвенционирање:
Се работи за субвенции за растително производство, за сточарство и за млекопроизводителите.


„Се работи за субвенции за растително производство, за сточарство и за млекопроизводителите. Износот за растителното производство е 8 илјади денари по хектар, за сточарство по 2,5 илјади денари за крупен добиток, а за ситен добиток по 800 денари за грло овци или кози“, вели Скендер Алии од кумановскиот оддел на Министерството за земјоделство.


Тој додава дека се ажурирани сите податоци за растително и сточарско производство, а за ситниот добиток, аплицирањето е до крајот на ноември годинава. Земјоделците честопати реагираат дека имаат проблеми со гломазната документација, за што Алии вели:

„Овојпат помина малку полесно. Програмата ја изготви Владата, во координација со платежната агенција, и ние мораме да ја почитуваме процедурата.“

Жетвата на житните култури е во тек и според Алии, до сега се ожнеани 60 отсто од засеаните површини. Меѓутоа пред почетокот на жетвата земјоделците беа незадоволни, бидејќи новата сезона ја дочекаа со непродадена минатогодишна реколта.

„Дел од фармерите во РМ во координација со Министерството за економија со Министерството за земјоделство заземаа став, се додека не се откупи домашното производство, да не се откупува пченица од други земји. Овогодишната пченица се уште нема дефинирано цена. Минатата година беше осум денари по килограм, а оваа зависи како фармерите ќе се договорат со надлежните во Владата.“

Алии објаснува на кој начин државните надлежни институции им помагаат на земјоделците.

„Нашите земјоделци се соочуваат со проблеми, но ние настојуваме да ги ублажиме нивните проблеми. Излегуваме на терен, ги сослушуваме и потоа сето тоа го пренесувамне во Секторот. Земјоделците се најранливата категорија граѓани.“

За посевите оштетени од градот и од поплавите во старонагоричкиот крај, Алии вели дека се во тек проценките од комисијата, а по нивните извештаи ќе биде одредено и колкаво ќе биде обесштетувањето за земјоделците.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG