Достапни линкови

Големите сили нема да дозволат поделба на Косово. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го оценува угледниот британски аналитичар Тим Џуда. Според него, на српската влада веќе и било пренесено дека Србија мора да го признае Косово ако сака да влезе во Европската унија.

Дваесет и двете земји од Европската унија кои го имаат признаено Косово во изминативе две години чувствуваа извесна несигурност, но по мислењето на Меѓународниот суд на правдата за косовската декларација за независност, стекнаа самодоверба и од тоа треба да стравува Србија, вели британскиот публицист Тим Џуда во интервју со новинарот на Радио Слободна Европа Бранка Тривиќ.

Во врска со изјавата на српскиот претседател Борис Тадиќ дека мора да им се даде самостојност и на Србите на северот на Косово тој вели:

„Тоа звучи како флертување со идејата за поделба, но таа идеја не е нова. Таа циркулира веќе подолго време. Суштината е во тоа што големите сили се противат на поделбата на Косово и оти нема да ја дозволат од веќе познатите причини: неповолните ефекти што таа би ги имала во Македонија и во Босна. Значи тоа нема да се случи.“

Џуда, во врска со шансите на Србија да стане членка на Европската унија, потсети на пораката на францускиот министер за надворешни
Суштината е во тоа што големите сили се противат на поделбата на Косово и оти нема да ја дозволат од веќе познатите причини: неповолните ефекти што таа би ги имала во Македонија и во Босна. Значи тоа нема да се случи.
работи Бернар Кушнер кој им ја пренесол на српските власти дека мора да го признаат Косово, бидејќи Унијата нема да прифати уште еден Кипар.

Тим Џуда

„Целиот план на Србија се темелеше врз идејата дека мислењето на Меѓународниот суд на правдата во најлош случај ќе биде амбивалентно и оти тоа ќе биде добра основа за инсистирање на повторени преговори за статусот на Косово. Но, тоа не се случи. Во предложената српска резолуција за нови преговори не стои зборот статус, но актуелната стратегија на владата асоцира на цртаните филмови во кои јунакот застанува кога веќе ќе биде над амбисот.“

Тим Џуда додава дека српската политичка елита треба да стави крај на косовското прашање и на српските граѓани да им каже дека Косово веќе не е дел од Србија. Но, како што вели, засега или никој не верува во тоа или нема доволно храброст да го стори тоа.

„Непосредно по заминувањето на Милошевиќ од власт, во некои кругови постоеше идејата дека Коштуница има шанса да стане српски Де Гол. Францускиот претседател во почетокот инсистираше Алжир да остане во Франција, но откако сфати дека тоа е невозможно го смени ставот и тоа храбро им го соопшти на Французите“, наведува британскиот публицист Тим Џуда.

Тој вели дека не постојат ни поволни услови Република Српска да го следи примерот на Косово и да прогласи независност од Босна и Херцеговина. Таквиот потег не би бил поддржан од меѓународната заедница и би довел до целосна изолација на Република Српска.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG