Достапни линкови

logo-print

Дневен печат


Весници, неделници, магазини...

Весници, неделници, магазини...

Некако по инерција, контроверзноста на прославата на нашиот најголем национален празник, Илинден, зазеде и најмногу место во медиумите.

Сите медиуми, со исклучок на веќе познатите тврдо приврзани кон владејачкиот етаблишмент, еден весник и две национални телевизии, реагираа на партиската обоеност на прославата во Крушево. „Партиски наместо народен собир“, информира Дневник, акцентирајќи дека таму допатувале голем број партиски активисти, со стотици автобуси, дека се вееле партиски знамиња, транспаренти долги по десет метри, а дека делегациите на опозициските партии биле исвиркани. Дневник, исто така, објавува за скандалот дека од некои автобуси биле симнувани граѓани кои сакале да одат во Крушево, но не биле членови на владејачката партија.

Утрински пишува „Државни прослави за партиски поделби“, а во едиторијалот го коментира говорот на премиерот Груевски како „Фразерски пораки за единство“.

Време забележува дека на собирот на Мечкин Камен имало доза на „комунизам“ со тоа што премиерот упатил пораки за обединување, но и закани дека не сакаме никој да ни го одзема она што е наше.

Премиерот Никола Груевски на Илинден во Крушево

И Нова Македонија забележува дека „Повикот за обединување на Груевски е повод за нови делби“, објавувајќи ги реакциите на опозициските партии дека пораките на Груевски за обедунување биле лицемерни, бидејќи тој најмногу придонесол за поделбата на граѓаните на патриоти и предавници.

Од другите теми во медиумите доминира онаа за непримерниот јазик на народните избраници во последните дебати во Собранието, при што, како што насловува Нова Македонија „Пратениците немаат ни срам ни перде“, потоа за негативните реакции на ортопедите за најновиот потег на Владата повторно да соедини три клиники во еден Трауматолошки центар, што некои медиуми го нарекоа „невиден експеримент“ и дури со потсмешлив тон го цитираат премиерот кој изјави дека тоа било тренд во многу европски земји.

Внимание привлекува и веста дека Комисијата за лустрација ’чешла‘ десетина досиеја на функционери, меѓу нив на седум-осум пратеници сомневајќи се дека биле соработници на тајните служби, но дека се' уште немале цврсти докази во вид на документи, затоа што оние што ги добивале од ДБК биле без податоци. Насловите за ова во Утрински, Дневник и во Време се главно дека „Кодоши се кријат во пратеничките клупи“.

И на крај, Вечер со својот „ексклузивитет“ дека наводно Црвенковски тајно се сретнал со Велија Рамковски за да го предупреди да не се фали многу дека му ветил премиерска фотелја кога ќе се врател со својата партија, оти, како што пишува, работата ќе се зафркнела предвреме.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG