Достапни линкови

Обама: Крај на борбената мисија во Ирак


Претседателот на САД Барак Обама

Претседателот на САД Барак Обама

Според ветеното и според распоредот. Вака претседателот Барак Обама најави дека американската борбена мисија во Ирак ќе заврши до крајот на месецов.

Во говорот пред американските воени ветерани, инвалиди во Атланта, претседателот Барак Обама изјави дека американската борбена мисија во Ирак ќе заврши на 31 овој месец.

„Набргу по преземањето на функцијата, јас ја најавив нашата нова стратегија за Ирак. Тогаш јасно ставив до знаење дека до 31 август 2010 година, американската борбена мисијата во Ирак ќе заврши. И тоа е токму она што го правиме, според ветеното и според распоредот.“

Говорот на Обама е прв од многуте кои, како што најави Белата куќа, тој треба да ги одржи во текот на месецов со цел да го привлече вниманието на американската транзиција во Ирак.
Насилството во Ирак продолжува да биде на скоро најниското ниво во овие години. И во следниот месец, ќе ја смениме нашата мисија од борбена во мисија на поддршка и обука на ирачките безбедносни сили.


Притисната од претстојните конгресни избори во ноември годинава, администрацијата на Обама сака да ги потсети гласачите дека демократскиот претседател го исполнува ветувањето.

До крајот на месецов, бројот на американските сили во Ирак ќе биде само 50 илјади војници, што е големо намалување од 144 илјади колку што имаше во таа земја кога Обама ја презеде функцијата во јануари 2009 година.

Последниот американски војник треба да ја напушти земјата до крајот на идната година.

Обама додаде дека американските војници затвориле или им дале во контрола на ирачаните стотици бази и оти преселиле милиони парчиња опрема во една од, како што оцени, најголемите логистички операции во последниве децении.

Тој додаде дека американските војници заминувале само ако претходно таму бил воспоставен ред или била поразена Ал Каеда.

„Насилството во Ирак продолжува да биде на скоро најниското ниво во овие години. И во следниот месец, ќе ја смениме нашата мисија од борбена во мисија на поддршка и обука на ирачките безбедносни сили“, изјави Обама.


Меѓутоа, новите бројки објавени од ирачките власти даваат сосема поинаква слика. Генерално, нивото на насилство опадна, но во исто време расте бројот на цивилните жртви и само во јули тој беше највисок, над 530 убиени.

Некои аналитичари сметаат дека ова се должи на интензивирањето на активностите на бунтовниците со оглед на тоа што Ирак веќе четири месеци се наоѓа во политички ќорсокак, односно не може да формира влада.

Во обраќањето пред ветераните, Обама призна дека вестите од Авганистан се помалку добри и затоа испратил дополнителни 30 илјади војници за да се справат со талибанците.

Сепак, тој се обиде да ја увери јавноста дека реалноста не е толку мрачна како што некои веруваат:

„Ние ќе продолжиме да се соочуваме со големи предизвици во Авганистан, но важно е дека американскиот народ знае оти напредуваме и дека сме фокусирани врз цели кои се јасни и остварливи“, изјави Обама во говорот во Атланта.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG