Достапни линкови

logo-print

Каква Босна по изборите?


Босна - кампања наречена 101 причина да гласате за жена на изборите

Босна - кампања наречена 101 причина да гласате за жена на изборите

39 политички партии и 11 коалиции го пријавија своето учество на досега најскапите избори во БиХ. Рекорден број кандидати за многу функции кои се нудат од кантонално до највисокото ниво за членови на Претседателството на БиХ. Плус тука е и федерацијата и Република Српска или се на се многу комплициран процес. Главниот проблем е сепак усогласувањето – каква Босна сакаат нејзините граѓани.

Кандидатски листи за учество на општите избори во Босна и Херцеговина се доставени до Централната изборна комисија.
Вкупно 39 политички партии и 11 коалиции треба да се борат на изборите, закажани за 3 октомври. Тогаш ќе се избираат членови на Претседателството на БиХ, пратеници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ и на Народното собрание на Република Српска, како и членови на Кантоналните собранија во Федерацијата БиХ.

Во исто време, во Република Српска ќе се избираат претседател и двајца потпретседатели на српскиот ентитет во БиХ. Иако за разлика од претходните избори, бројот на кандидати сега е значително повисок, сепак на изборните листи се повторно се најдоа веќе познати имиња. Граѓаните на Босна, овојпат ги имаат пред себе и оние кои веке имаат вршено различни функции во земјата.

Старо нови кандидати?

За бошњачкиот член на претседателството ќе се борат осум кандидати. Најпознатиот меѓу нив е и актуелниот претседател на државното претседателство, Харис Силајџиќ. Тука е и претставникот на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, а ново лице е Фахрудин Радончиќ, кој е претседател на Алијансата за подобра иднина и сопственик на весникот „Дневни аваз“. Аналитичарите веруваат дека најжестоката битка ќе биде околу бошњачкиот член претседателството на БиХ.

Бакир Изетбеговиќ изјави дека ќе го следи патот на неговиот татко Алија Изетбеговиќ:

„Политиката на компромис кој носи резултати, понекогаш помалку, понекогаш и повеќе, но тоа значи чекор напред .“

Фахрудин Радончиќ, за кого се смета дека е еден од најбогатите луѓе во БиХ, вели дека ќе се пресмета со корупцијата.

„Мислам дека ќе успеам од Босна и Херцеговина да направам најголемо градилиште во регионот, да завладее правото, да се победи со сиромаштијата, корупцијата и мафијата.“

Од Република Српска не се очекуваат големи изненадувања. За член на Претседателството се очекува да биде избран досегашниот Нејбојша Радмановиќ. Меѓу Хрватите, пак, се очекува поголема битка. Покрај сегашниот член Жељко Комшиќ во игра се и Матрин Рогуз, Борјана Кришто и Јерко Иванковиќ.

Босна - печат


Меѓутоа, главниот проблем според аналитичарите, е што во Босна и Херцеговина нема јасна слика за тоа како треба да изгледа општеството. Затоа, членовите и кандидатите за претседателството, но и оние за други функции во земјата, од година во година се повторуваат.

Според проценките на Комисијата, целиот изборен процес ќе чини околу 6,44 милиони евра.
За изборите се регистрирани над 3,1 милиони граѓани на Босна и Херцеговина со право на глас.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG