Достапни линкови

(Не)зависно новинарство


Политички притисоци, газди профитери, неквалитетно известување, главни проблеми на медиумите во Македонија. Со слични проблеми и медиумите од регионот.

Денешната анализа е посветена на состојбата во медиумите, не само во Македонија туку и во неколку балкански земји. Од изјавите на новинарите, евидентно е дека Македонија како и уште неколку земји во Југоисточна Европа се соочуваат со слични проблеми. Како пречки за професионалното известување се наведуваат поставеноста на претпоставените, влијанија од власта и како и во многу работи – парите. Проценката на „Фридом Хаус“ е дека медиумите во Македонија се делумно слободни. Земјавата во која според проценките на неколку организации има најмногу медиуми по глава на жител се` уште не го совлада принципот на слобода на изразување, а се чини дека со слични па навидум и идентични проблеми се соочуваат медиумите во неколку земји од Југоисточна Европа. Владини притисоци, текстови за спонзори наместо за читатели, малку време за вистински истражувачки теми и загрозена безбедност на јавните личности се пречки за професоналното известување во Романија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Србија.

Медиумите во Македонија

За овие проблеми на медиумите, македонската јавност до сега се информираше преку емисии, дебати, дискусии и слично. Кои се најголемите пречки за професионално известување во Македонија? Одговара новинарката на А1 телевизија Сашка Цветковска:

,,Значи најголема пречка за слободното известување е уредници конформисти, газди профитери, политички притисоци, ситуација во која претходниве две категории им се производ и среќна околност меѓу другото, и се разбира да не се заборави и затвореност на институции. Како и да гледаме законот за слободен пристап до информации оптимистички во наредниве години нема шанси да доживее имплементација.“

Од тука и проблемите. Од нарачани текстови со коментари па до јавни препукувања меѓу медиуми, приватни и владини организации. Но, се чини дека овие потешкотии не сеспецифични за македонските јавни гласила.

Медиумите во Романија

Дел од новинарите во Романија велат дека текстовите веќе не се наменети за нивните читатели. Откако Романија влезе во рецесија, весниците пишуваат за спонзорите, а не за читателите, вели Адријан Мосоиану, економски репортер во Букурешт:

,,Пред се` станува збор за економски проблем. Медиумите во Романија имаат многу неоригинален и би рекол погрешен бизнис модел. Тие премногу зависат од парите на огласувачите а не од парите на читателите. Кога рецесијата ја погоди Романија, приватните фирми кои се рекламираат по медиумите доживеаа удар. Сега, медиумите се многу ранливи бидејки голем дел од нивните приливи се од реклами. Медиумите се во многу ранлива позиција и во самите преговори со огласувачите.“

Весници, неделници, магазини...
Мосоиану додава дека излез од ваквата ситуација, според негово лично убедување е менување на бизнис стратегијата на јавните гласила во неговата земја.

,,Секако станува збор за процес на реструктурирање, кои во нуту еден случај нема да биде лесен. Со реструктурирањето, медиумите би требало повеќе да се ослонуваат на приливите од читателите наместо на приливите од рекламите. Како тоа ќе се оствари – не знам. За сега само можам да препорачам менување на стратегијата на интернет изданијата на весниците. Квалитетните информации на интернет веќе не треба да бидат бесплатни.“

Новинарот констатира дека медиумскиот пазар во неговата земја е оптеретен од публикации, посебно дневници и неделници. Слична ситуација може да се забележи и во Македонија. На двата милиони жители во земјава им се нудат информации од 146 радиодифузери. Десетина дневни публикации, според неофицијални проценки, важат за т.н. „мејнстрим“ извори на информации.

Новинарството во Босна и Херцеговина ,,купено“ од власта

Евидентно е дека приватните фирми не се единствените кои би „фрлиле пари“ за да промовираат информации во јавните гласила. Владата на Реопублика Српска одлучила да им додели пари на избрани медиуми во форма на помош. Тоа секако ќе има влијание и на објективноста и на професионализмот на новинарите, смета новинарката Дуња Пашалич, вработена во новинска агенција во Босна и Херцеговина.

,,Она што за нас е интересно е што владата на Република Српска во изминативе година дена донираше пари за сите медиуми, и за приватните и за јавните. Сретствата бера за проекти кои тие (Владата) сами ги предложија. Ми се чини дека станува збор за две уплати од по 5 милиони марки. Можете и сами да процените колку тоа може да влијае на известувањето. Пред неколку месеци повторно беше донесена ваква одлука, а изборите се закажани за некои три месеци, така што заклучете сами.“

Во Босна и Херцеговина нема официјални податоци според кои може реално да се процени состојбата во медиумите, вели Пашалич

,,Колку што јас знам, немаше многу опуштања на работници во изминатиов период, но нема официјални статистичкли податоци околу тоа колку работници биле опуштени. Можеби имало кратења на работните места, но ние немаме податоци нити за република Српска нити за Босна и Херцеговина. Не знаеме ни колку новинари работат во Босна и Херцеговина.“

Во поглед на политичките влијанија, слична ситуација е и во Македонија.Владата од народни пари продуцираше реклами за подигнување на моралот и за пренесување пароли за подобар живот кои ги промовира по македонските медиуми. И за ова прашање македонската јавност беше сведок на дебати и дискусии по медиумите, а не изостанаа ни прашањата колку пари беа потрошени за рекламните кампањи, за што се` уште нема одговор од власта. Единствено е дека македонската влада е втор најголем огласувач во земјава.

Новинарството во Бугарија на ,,удар“ од криминалните структури

Цензурата и политичките притисоци, главни непријатели на новинарството
Проблем за дел од новинарите во Бугарија се криминалните структури, смета новинарката Христина Беева Терзиева. Таа вели дека во нејзината земја се проблематизира безбедноста на нејзините колеги.

,,Најголемата пречка за новинарите во Бугарија се темите кои им ја загрозуваат личната безбедност. Има теми кои треба да се покријат, кои плачат за известување но многу се опасни. Новинарството, секако, е многу опасна професија, но во Бугарија има теми, кои вообичаено се дискутираат во медиумите во други земји, но кај нас се сметаат за табу. “

Потребно е сите, не само новинарите, да почнат да дискутираат за овие теми, смета Терзиева:

,,Еден од најголемите проблеми е стравот кој луѓето треба да го совладаат и да почнат да дискутираат за жешките теми кои не се ни допираат во Бугарија.“

Како е кај нас? Прилози за нападнати новинари има и во земјава. Сниматели се „спречкале“ со обезбедување на фукнционери, новинари добиваат закани по живот и уредници јадат ќотек од непознати напаѓачи. Сторијата која го сврте вниманието на странските медиуми беше самоубиството на новинарот Таневски кој, според официјалното објаснување на надлежните, се самоубил со давење во кофа со вода.

Новинарството во Србија


Кога станува збор за Балканот, не изостанува ни прашањето за квалитетот на новинарските извештаи кои одат во етер. Популарноста на извештаите за дневни настани веќе е евидентна во Македонија. За илустрација: министерот за образование и наука на прес конференција одржана неделава даваше изјава пред десетина микрофони на ТВ станици, а во пребројувањево не се евидентирани колегите кои „фаќале белешки“ или снимале на диктафон. Ненад Милитаревиќ, вработен во српски електронски медиум, вели дека во неговата земја ситуацијата не е ништо поразлична.

,,Горе – долу, квалитетот не е важен, важно е да се прави нешто. Имаме десетина наводно сериозни телевизии и десетина наводно сериозни весници и има масовна продукција на вести. Во Србија, според различни проценки, има од 5 до 20 илјади новинари. Не сум сигурен за точниот број. Ако сите работевме во фабрика не знам каде ќе ни беше крајот. Професионализам нема. За прилог не се потребни повеќе од две изјави и нема луѓе кои ги проверуваат информациите.“

Милитаревиќ додава дека за продуцирање на теми, анализи и за истражувачко новинарство, многу уредници во Србија немаат трпение.

,,И така се оди по линијата на најслаб отпор. Се гледа новинарите да исполнат минутажа. Точно е дека многу се случува во земјата, но ако сакате да добиете јасна слика за сите настани тогаш многу поедноставно ќе биде да читате агенциски вести. Нема потреба некој да го интерпретира тоа.“

Излезни решенија


Покрај сите примери, се поставува прашањето како може да се загарантира не само слободата на јавните гласила на Балканот, туку и да се создадат услови за професионално известување? Дали примерите за професионалност во пренесувањето на информациите ќе се црпат од западните наместо од домашните радиодифузери и публикации?
Комуникологот Петар Арсовски вели дека проблемот со субјективноста, влијанијата и притисоците како и непрофесионалното известување се карактеристични за сите медиуми, па дури и западните:

Петар Арсовски, комуниколог
,,Значи прашање е и дискутабилна е таа теорија колку медиумите на Запад и на Исток се слободни. Точно е дека медиумите во овој дел од светот особено од Југоисточна Европа се соочуваат со ,,породилни проблеми“ како мешање на државата, автократско владеење на властите, влијание од сопствениците на медиумите, агрегација на капитал итн. Но, и на Запад ако ги погледнеме делата на Ноам Чомски, ќе видиме дека и таму постои дилема колку медиумите се слободни и колку можат да бидат воопшто слободни.“

Арсовски додава дека правна основа за слобода на медиуми има, но проблемот се` упште постои.

,,Во Македонија имаме добра легислатива за слобода на медиуми, за слободен пристап до информации, ја имаме инфраструктурата на системот, но недостасува методот. Значи недостасува активно вклучување на сите актери кои катадневно треба да го следат и да го прават системот и да се бунат кога системот не чини.“

Според комуникологот, воз западните земји властите се убедени дека нема да добијат евентуална битка со медиумите.

,,Но, знаете како, не е дека на Запад се нешто подемократски властите, секоја власт сака да чепне од човековите права и слободи, ако тоа им се дозволи, но тие со време научиле дека таквите битки со медиуми, никогаш неможат да го добијат. Така го гледам и обидот на актуелната власт да полемизира со медиуми, да влезе во битка со медиуми, но знаете како тоа е една битка која е однапред изгубена. Многу, многу е тешко, власта да добие една таква битка, особено во една јавна сфера каде медиумот доминира. Така што јас ја гледам оваа ситуација како една општа стратегија на владата ,,кого удрам нежалам“ во ерозијата на нивниот рејтинг, не како конкретен напад на слободите, иако секоја власт ако има можност би го направила тоа.“

За професионално известување потребно е и професионализација на кадрите смета Лиса Химан, проект менаџер во фондацијата Роберт Бош. Оваа организација, во соработка со фондацијата при новинската агенција Томсон ојтерс веќе неколку години организира обуки за новинари. За работите да се променат и медиумите во Југоисточна европа повеќе да се професионализираат, потребно е време, вели Химан.

,,Сметам дека станува збор за долготраен процес на промени. До сега во нашата програма имавме четири генерации учесници. Првата генерација веќе созрева и веќе превзема поодговорни функции во медиумите. Тие имаат нови и поинакви сфаќања за водење на медиум, за водење на редакции како и за имплементирање на меѓународните новинарски станди. Тие луѓе ги имплементираат овие промени при извршувањето на поодговорни позиции во медиумите и така може да настане промената – кога новата генерација ќе прерасне во водечка генерација.“

Химан додава дека при обучувањето на новинарите важно е да се применува практична едукација.

,,Гледам два начини на кои нашата обука им помага на новинарите да ги надминат пречките со кои се соочуваат. Прво, ние промовираме регионална соработка со што новинарите сфаќаат дека проблемите со кои се соочуваат не се единствени само за нивните земји. Со самото тоа се создава простор за иницирање на промени или за поголема увереност во извршување на задачата кога новинарот се соочува со пречки. Второ, ние инсистираме на практична работа во нашата обука.“

И додека дополнителното професионализирање на претставниците на медиумите останува отворено прашање и долготраен процес, се чини дека, барем во Македонија, проблемите и понатаму притискаат. Во изминатиов период, претставници на власта прозва експерти и стручни лица кои новинарите ги консултираат за прилози. Професори и поранешни функционери беа обвинети за политичка обоеност. Професорот Владо Поповски смета дека се работи за недостаток на политичка култура. Владата нужно е објект на интерес на јавноста, вели тој, и таа може да полемизира со изнесените тврдења, а не со личноста.

,,Кога станува збор за владини коментари, најмалку треба да се оди на квалификации кои што алудираат на личноста, или на мотивите на личноста, туку владините коментари треба да се однесуваат на фактите.“

Последен потег на надлежните во македонија кој предизвика загриженост во медиумите беше забелешката на опозицијата дека владеачката партија направила упад во Советот за радиодифузија, со поставување на партиски војници во ова тело.










XS
SM
MD
LG