Достапни линкови

Интервју – Давид Хумар


Бригадниот генерал Давид Хумар

Бригадниот генерал Давид Хумар

Како што беше соопштено на Самитот во Букурешт и во повеќе прилики подоцна од страна на раководството на НАТО, би сакале да ве видиме како членка на НАТО.


Со неодамнешниот ребаланс, буџетот на Министерството за одбрана се намали за речиси 8 милиони евра. Мислите ли дека тоа може да влијае врз реформите во армијата?

Јасно е дека вашата земја, како и многу други земји, ќе мора да ги прекрои своите планови врз основа на намалувањата на буџетот. Но, уверен сум дека тоа воопшто нема да влијае на сооодветната подготовка на силите испратени во операции надвор од земјата. Сепак, контингентот во мисијата ИСАФ оваа година беше дури и зголемен. НАТО е многу благодарен за тоа.

Со последниот ребаланс, средствата во буџетот беа намалени на 1,45 отсто од БДП, што претставува видливо намалување во споредба со 1,74 отсто од БДП-то во 2009 година и чекор назад во заложбата на Владата да го одржува буџетот на одбраната на ниво од околу 2 отсто од БДП. Ова ќе доведе до извесни задоцнувања во реализацијата на плановите за модернизација, со намалено темпо во наредните неколку години. Обуката исто така ќе претрпи одредени последици.

Подради тоа би сакал да препорачам подобрувања на способностите за обука на вашите војници и штедење преку воведување на можности за обука за кои не се потребни големи трошоци.

Според некои информации, ако Македонија набрзо не влезе во НАТО, можно е да се појават нови услови за прием, освен
решавањето на спорот со Грција. Како ги коментирате овие шпекулации?

Како што беше соопштено на Самитот во Букурешт и во повеќе прилики подоцна од страна на раководството на НАТО, би сакале да ве видиме како членка на Алијансата. Единствена официјална одлука на НАТО во врска со пристапувањето на вашата земја е онаа донесена на Самитот во Букурешт во која се вели дека поканата чека само на решение на спорот со името.

Меѓутоа, постигнувањата треба да се одржуваат и понатаму да се надоградуваат, особено во однос на квалитетот, за да истите станат трајни и никој да не може да ги оспори. Истото тоа важи и за сите други членки на НАТО, особено за новите членки. Реформите, не се еднократно достигнување, тие треба да бидат постојан процес. Тоа не важи само за вашата земја. Ми се чини дека имаме слични проблеми со реформите во сите земји-членки. Би сакале да ги подобриме реформите, особено кај новите земји. Мора да кажам дека секогаш има простор за подобрување.

Да сумирам - брзото решение на спорот со името е клучно за добивање покана за членство во НАТО.

Изминативе месеци имаше неколку инциденти со вооружени групи, на границата со Косово. По последниве случувања на Косово, повторно се појавуваат предлозите за размена на територии меѓу Србија и Косово. Можно ли е таа нестабилност да се пренесе во Македонија, посебно ако земјава остане надвор од НАТО и по ноемврискиот самит во Лисабон.


Не верувам. Сепак, органите на државната власт се првите субјекти кои се одговорни за безбедноста во земјата, меѓутоа добредојдени се сите напори за минимализирање на штетите и за користење на пропорционална сила за приведување на криминалци.

Од друга страна, од регионална перспектива, НАТО, а особено КФОР ќе го обезбедува мирот во регионот и во иднина.

Би сакал да нагласам неколку работи за меѓуетничките односи. Лично сметам дека оваа земја е доволно зрела и дека процесот на спроведување на Охридскиот рамковен договор веќе ја достигна точката од која нема враќање назад. Меѓутоа, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор мора да биде континуиран процес. Исто така би сакал да додадам дека меѓуетничките тензии нема да изчезнат само со влезот во НАТО. Меѓуетничкото разбирање и хармонија мора да дојдат од врвот, преку тонот кој ќе го пренесе Владата, но одговорност на секој граѓанин на земјата е целосно да го прифати неговиот дух и да го спроведува. Заложбата да се изгради и негува мултиетничко општество сега е отелотворена преку законите на вашата земја и како што е случај со сите реформи кои земјата ги презеде, таа треба да продолжи со или без НАТО членство.

Во однос на безбедноста на регионот беа преземени значителни чекори напред. Поканата која беше испратена од НАТО до земјите од регионот е еден од тие чекори. Вашата земја е на прагот на Алијансата, а процесите се во тек во Црна Гора и Босна. Кога еднаш овој процес ќе заврши и сите балкански земји ќе бидат онаму каде што припаѓаат, во Евроатланското семејство, сигурен сум дека прашањата во врска со безбедноста веќе нема да бидат на врвот на агендата. А тој ден, од моја гледна точка, не е далеку.

Ве загрижуваат ли резултатите ос последната анкета спроведена од СЕП, во која се покажува дека подршката за евро-атлантските интеграции се намалува поради спорот за името со Грција?

Се уште сум уверен дека поддршката за НАТО не се намалува. Моето убедување е поткрепено и со последната анкета на Меѓународниот републикански институт, според која поддршката за членство во НАТО останува на многу високо ниво од 89 отсто.

Сепак, вистина е, дека волјата и подготвеноста, пред се на Владата, затоа што Владата е одговорна, но исто така и на граѓаните за каква било промена во врска со прашањето околу името, е од мошне голема важност.

Македонските власти најавија дека сакаат, полигонот Криволак да стане регионален центар за обука на војниците на НАТО. Има ли во НАТО интерес за Криволак?

Се разбира. НАТО е заинтересиран за Криволак, НАТО веќе го покажа тоа. Полигонот за обука Криволак веќе нуди голем потенцијал за обука на вашите војници пред нивното испраќање во мисии во странство. Некои земји членки на НАТО, како што се Соеднитетите Американски Држави или мојата земја, Словенија, веќе го користеа Криволак и увидоа дека условите таму се соодветни за обука.

Во мај, експерти од Командата на здружени сили од Неапол го посетија Криволак за да ги испитаат можностите за изведување обука на НАТО силите. Исто така и Командантот на Командата на здужени сили од Неапол, Адмиралот Фицџералд го посети Криволак. Адмиралот и експертите, добија позитивен впечаток и изјавија дека Криволак би можел да се користи за обука на армиите на НАТО.

Вашата армија инвестираше таму и јас се надевам дека овие инвестиции ќе донесат резултати. Мислам дека нареден чекор што треба биде направен, е вашата земја да го понуди Криволак, веројатно на билатерална основа, на НАТО и на другите партнери на земјава и јас сум сигурен дека тие ќе дојдат на Криволак.

И покрај тоа што не е членка на Алијансата, македонската армија допринесува во мисии на НАТО, надвор од земјата. Како го оценувате нивниот учинок? Што добива Македонија од учеството во мисиите?

Како што веќе споменав на почетокот од нашето интервју, НАТО високо го цени придонесот на вашата земја во мисијата ИСАФ. Исто така вашите војници покажаа огромна интероперативност и во другите мисии, како на пример во Либан или во Босна. Оваа
интероперативност е еден од многуте примери за успешните реформи во одбраната кои вашата земја ги презеде во изминатите неколку години. Ова во основа значи дека учинокот на вашите војници во операциите на НАТО е многу значаен за НАТО, но јас сум сигурен дека е многу значаен и за вашата земја. Секогаш треба да мислиме за интересите и целите на секоја земја.

Покрај почитта и пофалбите од НАТО и другите меѓународни организации за активното учество во мисии, вие тоа првенствено го правите за самите себеси. Ако не го сфаќате ова треба да се преиспитате зошто правите одредени работи. Вие ова го правите, пред се, за зајакнување на вашата национална безбедност, но и заради зајакнување на вашите капацитети. На овој начин добивате офицери и војници кои не се обучени само на Криволак, или на пример обучувани во Струмица, туку добивате луѓе кои се стекнале со реално искуство.

Можам да дадам еден пример со кошарката. Вие можете многу да тренирате, но ако не заиграте никогаш нема да имате искуство, а
најдоброто искуство е ако играте. Не сакам да звучам како некој кој бара кризни точки во светот за да прати луѓе таму, но ако се појават кризни точки, ние треба да ја преземеме одговорноста и да извлечеме нешто од нашиот придонес.

Затоа, сакам да потенцирам дека не смеете да заборавите дека придонесот кон светскиот мир е и во ваш интерес. На крај, би сакал да додадам дека јас лично, земајќи го во предвид фактот дека доаѓам од Словенија, зашто и ние, не толку одамна моравме да го изодиме истиот пат, сум многу среќен што сум тука да ви ја дадам сета помош, со надеж дека ќе можам да ве поздравам како земја-членка на НАТО за време на мојот мандат.

Би сакал да нагласам и дека присуството на НАТО во иднина ќе биде одредено од вашите потреби. Не е важно кога ќе станете членка на НАТО, па дури и откако ќе станете членка на НАТО, НАТО ќе продолжи да ја подржува вашата држава, како во реформите во одбраната, така и во другите реформи. Затоа можам да ве уверам дека НАТО ќе остане тука додека е потребно. Сепак, ние ќе се трудиме тоа време да биде што пократко.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG