Достапни линкови

Бродовите во Охрид вкотвени


Охрид

Охрид

Речиси цела недела бродовите кои се имиџ на градот поради забрана за пловидба и ненаправен технички преглед не пловат низ водите на Охридското Езеро.

Речиси цела недела, охридските бродови кои се имиџ на градот, езерото и туризмот поради забрана за пловидба и ненаправен технички преглед не пловат низ водите на Охридското Езеро. Палубите се празни и наместо патниците, кои постојано пловат со туристички и патнички тури најчесто за Свети Наум, во екот на летната туристичка сезона, во вкотвените бродови, пред Охридската капетанија во пристаништето, таму седат само капетаните и бродските екипи, без работа. Ова за бродарите е голем удар врз нивниот бизнис, страдаат семејствата на вработените, кои ќе бидат отпуштени од работа, страда градот и целиот туризам.

„Ние трпиме големи загуби, материјални и психички. Според груба пресметка нашите штети се 300 евра на брод на ден. Трпат угостителските објекти во Свети Наум, страдаат туристичките агенции, на кои ние им откажуваме пловење, а тие турите веќе ги ставиле во програмите. Како да се оправдаат пред нивните гости ? Откажуваме свадби, ноќни журки, и други убави настани што во лето се случувале на езерото“, вели Зоран Гилевски, сопственик на бродот Александрија.
Ние трпиме големи загуби, материјални и психички. Губиме 300 евра на брод дневно.


Тој 20-тина години се занимава со бродарство, и со неговите колеги капетани кои имаат повеќедецениски стаж не паметат ваква состојба некогаш во Охрид. Ќорсокакот во кој западнаа охридските бродови и бродари, тие сметаат дека се должи на слабостите на новоизменетиот Закон за внатрешна пловидба, неадекватната кадровска структура на Охридската капетанија, откажувањето на германски Лојд и прескапите цени за технички преглед кај новоовластената фирма од Франција „Биро Веритас“.

„Целокупните трошоци во Биро Веритас за технички преглед сигурно ќе достигнат до 25000 евра, што реално никој не може да ги покрие. Зошто е избран само еден регистар, каде е законот за антимонополизација? Дали е проблем да се смени овластената фирма за преглед? Ние контактиравме со српски, храватски и бугарски регистри што не се на нашата листа. Од бугарскиот регистар добивме најдобри информации дека за три дена можат да дојдат да ги прегледаат бродовите кои ги познаваат, нашите „некомплетни документи“ за нив се доволно добри и тие можат да дадат преоден рок до на есен, до кога можеме сите потребни документи да ги средиме“, вели Васко Јанески, заповедник на бродот Кристина.

Охрид

Од Министерството за транспорт велат дека охридските бродари морат да ги почитуваат законските прописи, меѓународни норми и пропишани технички стандарди. Сопствениците и капетаните на бродовите сметаат дека владата може да им помогне да се надмине проблемот барем во сезоната, во која доколку не пловат тие би изгубиле по 25 илјади евра по брод, од кој живеат преку целата година.
XS
SM
MD
LG