Достапни линкови

Цветанов - оставка па разрешување


Ване Цветанов

Ване Цветанов

Директорот на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам Ване Цветанов денеска поднесе оставка поради „лицемерната политика и незаинтересираност за борба против вистинскиот криминал од страна на Владата“, а не поради Антикорупциска која бараше негово разрешување поради констатирани пропусти во работата од страна на Државниот завод за ревизија. Владата денеска го разреши, а ВМРО-ДПМНЕ ги негира неговите обвинувања.

Што соопшти Цветанов.

Во соопштението на Цветанов се вели дека во 2006 стапил на функциа целосно верувајќи во одлучноста на Владата и премиерот за бескомпромисна борба против криминалот.

„Во првите 3 години работевме со елан и верба во таа борба но, бевме посветени на длабински реформи, подготвување на закони, дефинирање на системот, обуки на кадрите, и пред се зајакнување на аналитичките капацитети“, вели Цветанов.

Според него, со излегувањето на резултатите на виделина, биле засегнати многу моќни структури и од 2009 година почнале проблемите.

Тој наведува дека во август 2009 биле избркани 20 обучени луѓе, со оправдание дека нема пари во буџетот, но се испоставило дека кратењето од 40 отсто на кадрите се случило само во неговата институција.

Ване Цветанов

Според Цветанов комуникацијата со министерот и премиерот, наеднаш се свела на нула

„Во октомври не посетија од Државен завод за ревизија и во извештајот од контролата беа констатирани пропусти, но иако имавме аргументи за жалба бев советуван да не пишувам жалба бидејки извештајот ни бил супер во споредба со други институции“, стои во соопштението од Цветанов.

Тој наведува дека во мај, ДКСК ја отпочна постапката, но и покрај доставените докази „кои јасно укажуваа дека сме целосно чисти во делот на вработувањата и набавките, Антикорупциска донесе заклучок врз база на првичниот извештај, не земајќи ги во предвид нашите докази“.

„Не беше земено во предвид ни сведочењето на инспекторите од ДЗР кои во еден дел децидно нагласуваат дека Директорот не сторил ниту едно кривично дело ниту прекршок“, пишува тој.

Цветанов вели дека и покрај фактите, конечно се изгласа фамозниот предлог за разрешување

„Од Влада ми замерија за промоцијата на прирачникот и изјавата пред медиумите, и ми забранија било какви медиумски појавувања(да се заборавел случајот)“, вели Цветанов.

Кој е крив се крие, кој е прав се бори, па така за ова се побунив и побарав точката да се стави на Влада и конечно да се расчисти проблемот!

По ова стигна непристоен предлог да си дадам оставка а во септември да добијам нова функција, констатира тој.

Лично до Груевски

„Господине Груевски, во партијата влегов неколку години пред Вас, но не влегов за функција, ниту имам намера да се пазарам за функции. Во партијата влегов со искрени и чесни намери.

На функцијата стапив да се борам против вистинскиот криминал кој го гуши и стопанството и народот, но веројатно застанав на многу патишта па ме снајде состобава.
И покрај многуте мои обиди и барања за средба со Вас со цел да Ве информирам за алармантните состојби, не најдовте 5 минути да ме примите а имавте време за секојдневни сечења на ленти и фрлање на лопати.

Прифаќам, си давам оставка... но не поради Антикорупциска, туку поради вашата лицемерна политика и незаинтересираност за борба против вистинскиот криминал.

Им се извинувам на сите пријатели, познаници, роднини кои и јас заблуден и верувајки Ви, сум ги донел во заблуда да го дадат својот глас за Вас“, се вели во соопштението на Ване Цветанов.

Соопштение од Влада

Владата на Република Македонија на денешната редовна седница, по извршените анализи, а врз основа на препораката од Државната комисија за спречување на корупцијата, го разреши Ване Цветанов од функцијата директор на Управата за спречување пари и финансирање тероризам.

Зградата на македонската влада

На негово место, како вршител на должност, е именуван Владимир Атанасов кој доаѓа од редот на вработените во Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Владата на Република Македонија им порачува на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или било каква друга припадност, дека доследно ќе ги почитува законите и прописите и дека ревносно и бескомпромисно ќе се бори против прекршувањето на законите и против криминалот и корупцијата.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ

На последната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржана на 16.07.2010 година, Претседателот на партијата Никола Груевски го информираше Извршниот комитет дека анализата и наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со случајот на Ване Цветанов, Директор на Управата за спречување на перење пари и финансирање тероризам, се издржани и се темелат на законските регулативи.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека треба да биде побарана оставка од г. Ване Цветанов.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш се борела против корупцијата и прекршувањето на законите.


Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се тие кои мораат да ги почитуваат сите законски регулативи.

Г-дин Цветанов мора да се соочи со фактот дека партиската книшка не му значи ништо ако ги прекршил законите на РМ.

Демантираме дека било кој од ВМРО-ДПМНЕ понудил друга функција на г. Цветанов.

Најостро ги демантираме информации дека имало било какви партиски притисоци врз г. Цветанов.
XS
SM
MD
LG