Достапни линкови

Франција и забраната на бурки


Млада Французинка со бурка од знамето на Франција

Млада Французинка со бурка од знамето на Франција

Нацрт-законот за забрана на бурки, кој помина во Долниот дом на францускиот парламент, ги активираше борците за човекови права и експертите.

Организацијата Амнести интернејшнал изрази жалење што Франција го изгласа нацрт-законот со кој се забранува носење на бурки. Од организацијата велат дека уште повеќе ги зачудува тоа што законот е донесен со огромно мнозинство. Членот на Амнести интернешанал Џон Далхуисен, кој е задолжен да ја надгледува дискриминацијата во Европа, вели дека со законот им се ускратува основното човеково право на жените .Тој вели дека жените кои сега носат бурки, ќе бидат дополнително ограничени.

„Постои очигледен ризик од двојна казна. Тие се казнети во нивниот дом, а сега ќе бидат казнувани и на улица.“

Долниот дом на францускиот парламент усвои контроверзен нацрт-закон што забранува носење на превез со кој се прекрива целото тело во јавноста. Нацрт-законот треба да помине и во Сенатот во септември пред да биде донесен законот. Ако помине во закон, Франција ќе стане втора европска земја по Белгија во која се забранува носење на бурка.

Според законот, прекршителите на забраната ќе се соочат со парични казни од 185 долари или одземање на француското државјанство, или пак и со двете. Членовите на семејството или пак други луѓе кои ги принудуваат жените да носат превез ќе се соочат со една година во затвор и 38 илјади долари казна. Овие бројки двојно ќе се зголемат ако „жртвите“ се малолетни.


Анкетите покажуваат огромна поддршка за забраната на бурките во Франција, како и во другите западни земји.
Експертите во Франција предупредуваат дека Уставниот суд или на крајот Европскиот суд за човекови права може да го прогласи законот за неуставен. Но професорот на факултетот за политички науки Даниел Ван Еувен вели дека Владата, повикувајќи се на основните принципи на Франција ќе го убеди Советот да не го опструира законот. Професорот вели дека концептот на секуларно општество е неопходен за Франција.

„Франција има концепт на секуларно општество, тоа значи дека ние не охрабруваме или поддржуваме некоја религија. Ние не забранувме религија. Ние ја почитуваме приватноста на луѓето и нивните верувања.“

Еувен наведува дека во 2004 година, Франција усвои закон со кој се елиминира носењето на марами, крстови или други верски симболи во јавноста.

Експертот за ислам и поранешен консултант во Министерството за надворешни работи на Франција, Оливие Рој, вели дека Франција проблемот најверојатно ќе го реши со делумна забрана.

„Најверојатно, на крајот ќе имаме делумна забрана, што значи забрана на носење во училиштата, аеродромите, во јавната администрација и други места и тоа во името на безбедноста. Прашањето тука е за безбедноста, а исто така и за еднаквостa.“

Во голем број на претежно муслимански земји, меѓу кои и Турција, Таџикистан, Узбекистан, Косово и Казахстан се забранети носење на шамии во училиштата и во владините институции.







  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG