Достапни линкови

Без успех во Авганистан?


Ричард Холбрук

Ричард Холбрук

Многуте нејаснотии во врска со американската стратегија во Авганистан го ставаат под прашалник успехот во овој скоро десетгодишен конфликт. Ова е оценката од сослушувањето на Комитетот на американскиот Сенат за меѓународни односи.

Членовите на сенатскиот Комитет се состанаа со американскиот специјален пратеник за Авганистан и Пакистан Ричард Холбрук, за да дискутираат за стратегијата во Авганистан и за тоа дали има некакви знаци на напредок во војната против талибанците и нивните меѓународни терористички сојузници.

Џон Кери

Претседавачот на Комитетот, демократот Џон Кери, изјави дека не е јасно дали владата има цврста стратегија за победа:
Сите милијарди долари и сите најдобри напори на Соединетите држави, како и сите жртви на нашите војници, ќе бидат ирелевантни доколку Соединетите држави и нашите партнери немаат вистинска стратегија за воспоставување ефективна авганистанска
власт.

„Ќе биде избегнување ако не кажеме дека ова е тежок момент во авганистанскиот конфликт. Нашиот прогрес е дефинитивно делумен, особено на југот, каде што талибанците се најсилни.“

Кери прецизира дека немало поголеми резултати и од американските цивилни напори за стабилизирање на ситуацијата во Авганистан каде што, како што оцени, била во пораст корупцијата.

„На крајот, сите милијарди долари и сите најдобри напори на Соединетите Држави, како и сите жртви на нашите војници, ќе бидат ирелевантни доколку Соединетите Држави и нашите партнери немаат вистинска стратегија за воспоставување ефективна авганистанска власт која ќе ја преземе одговорноста во земјата.“

Со него се согласи и водечкиот опозиционен пратеник во Комитетот, републиканецот Ричард Лугер кој ги осуди, како што рече, недоволно јасните американски воени цели во Авганистан.

„Јас само би рекол дека за да продолжи силната поддршка на Конгресот и на американскиот народ, ќе бидат потребни подобро чувство на успех и поголема решителност.“

Ричард Лугер

За разлика од сенаторите, специјалниот пратеник Ричард Холбрук оцени дека на фронтот во Авганистан имало напредок, но не и поголем пресврт поради што е неопходно да продолжи економската помош што ја одобрува Конгресот за обучување на авганистанската војска и полиција.

„На крајот, авганистанската влада е таа која ќе мора да успее. Ние само може да и помогнеме. Авганистан не може да оди напред освен ако меѓународната заедница, предводена од нејзината најголема нација, Соединетите Држави, не продолжи да ги исполнува своите обврски“, изјави Холбрук на сослушувањето во Сенатот.
На крајот авганистанската влада е таа која ќе мора да успее. Ние само може да и помогнеме.

До сослушувањето дојде во момент на се поголема нестрпливост во Конгресот поради недоволниот напредок во војната против талибанците.

Американската администрација веќе најави дека до крајот на годинава ќе ја преиспита стратегијата во Авганистан, но, некои воени аналитичари сметаат дека сега било предоцна за таков потег.

„Или оваа стратегија ќе проработи или ќе претстои одлука за повлекување од Авганистан“, вели Ентони Кордсман, аналитичар од Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG