Достапни линкови

Ќе се реши ли судбината на стечајците?


Од неодамнешниот протест на кумановските стечајци пред Владата

Од неодамнешниот протест на кумановските стечајци пред Владата

Неплатени сметки, без пари за основните потреби, кумановските стечајци велат дека животот го губи основното достоинство.

Безработицата, неплатени сметки за струја, вода, ѓубрарина, без пари и за основните егзистенцијални потреби, неизвесноста за нивната и за судбината на нивните семејства, изгубеното човечко и работничко достоинство, можеби се главни причини за смртта на повеќе од 150 стечајци, технолошки или економски вишок, за само седум месеци во Куманово. А на повеќе од 300, пак, им се нарушило здравјето. Се зголемил бројот на заболени од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и нервни заболувања, вели Љиљана Ѓорѓиевска од Здружението на стечајците УНИТ од Куманово. Еден од стечајците неодамна изгубил верба во се и си го одзел животот.
Славе Наковски беше домаќин. Тој и неговата сопруга со години се стечајци. Тој секојдневно бараше работа на нашата популарна „тумба“, работа немаше, оти многу не има. Човекот се исплаши од сиромаштијата и велеше дека за него само бесилката е спас. Тоа и направи.


„Славе Наковски беше домаќин. Тој и неговата сопруга со години се стечајци. Тој секојдневно бараше работа на нашата популарна „тумба“, работа немаше, оти многу не има. Човекот се исплаши од сиромаштијата и велеше дека за него само бесилката е спас. Тоа и направи.“

Ѓорѓиевска додава дека проблемот е стар веќе 15 години, а никој од надлежните не сака да го реши.

„Немаат луѓето леб.“

Стечајци во Куманово

Шеесетитригодишниот Гимнасче Величковски, поранешен работник од градежната фирма „Маврово“ ја раскажува неговата и агонијата на неговото семејство.

РСЕ: Од што живеете?

„Од ништо! Четири години сум без работа, во семејството никој не работи. Ниту сопругата, ниту синот.Сметките немаме од што да ги плаќаме. Дваесет дена сме без струја. Живееме на свеќа како во старо време. И водата ќе ни ја исклучат. Социјална помош добиваме 3 илјади денари, а и другиот син со четиричлено семејство живее до нас, па и неговите мали деца ја делат нашата судбина. Уште некој ден, па јаже на шија.“

55-годишниот Чедо Додевски е стечаец од 2003-та година.
Во државава за се има пари, само за нас нема. Само кога им требаме да помогнеме да дојдат на власт тогаш ќе се сетат на нас, а потоа не забораваат.


„Жена ми работи во текстилни фирми. Некогаш добива по 6 илјади денари, ама некогаш не. Ќерка ми пред две години заврши економски факултет и таа никаде не работи. Во државава за се има пари, само за нас нема. Само кога им требаме да помогнеме да дојдат на власт тогаш ќе се сетат на нас, а потоа не забораваат. Здравјето ми е нарушено. Ама ајде, ако за нас нема, барем за децата да има работа.“

Стечаецот Чедо вели дека се уште плаќаат сметки само за струја, останатите немаат од каде.

„Колку да имаме по некоја светилка да свети, да не се срамиме од луѓето. За јадење никој не не прашува.“

Ѓорѓиевска напоменува дека тие нема да се откажат од нивните барања за месечен надоместок од 6 илјади денари за над 15 години стаж, за жени над 50 и за мажи над 53 години возраст до ново вработување или до пензионирање. Друг избор немаат, а како што поминува времето тие се повеќе се револтирани поради што најавуваат и преземање порадикални мерки.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG